Јелена Ѓоковиќ продолжува да споделува здравствени совети на Инстаграм, иако не е ниту лекар, а ниту стоматолог. Сопругата на Новак Ѓоковиќ сега ги спои двете гранки и зборуваше за поврзаноста меѓу плодноста и оралната хигиена. Директорката на Фондацијата „Новак Ѓоковиќ“ тврди дека жените се неплодни поради својата орална хигиена.
„Здравјето од устата исто така влијае на плодноста на жената и денес жените имаат многу проблеми да забременат. На тоа многу влијаат проблемите со забите, кариесот, наталожените наслаги и болестите на непцата“, рече таа во јавувањето во живо на Инстаграм, повикувајќи се на книгата на Надин Артемис, за холистичката нега на здравјето на забите.
Јелена потоа со своите пријатели сподели како треба да се негува усната шуплина.
„Секогаш користете солена вода и сода-бикарбона за да ја исплакнете устата, започнете со чистење на јазикот и непцата со специјални четки; користете забен конец наутро и навечер (воведете и есенцијални масла во рутината, бидејќи тие се антибактериски, антифунгални, антивирусни и антиинфламаторни), жабуркањето на маслото во устата е одлично за воспаление на непцата… “, рече Јелена.
„Нежно мијте ги забите, секогаш со меки четки, затоа што кога грубо четкаме, тоа ги повлекува непцата. Движењето е „дожд врне, тревата расте“, како што им велат стоматолозите на децата“ додаде Јелена.
Нејзините следбеници беа изненадени од тврдењето на Јелена дека оралната хигиена има врска со плодноста.