Светскиот ден на вафлите е совршен изговор за омилениот десерт кој однадвор е крцкав, а одвнатре мек и воздушест. Зад нивната едноставност се кријат мали трикови што прават голема разлика.
Тајната на совршено крцкавите вафли
Иако состојките за вафли не се разликуваат многу од оние за палачинки, односите се клучни за да се постигне препознатливата текстура. Повеќе маснотии во смесата се заслужни за крцкавата кора, додека прашокот за печиво обезбедува воздушеста и мека внатрешност.
Но, постојат и мали трикови што прават голема разлика. Еден од нив е додавање пченкарен скроб (густин) во смесата, кој гарантира дополнителна крцкавост. Исто така, важно е смесата да не се меша премногу – неколку грутчиња се сосема во ред и придонесуваат за леснотијата на тестото. За најдобри резултати, некои готвачи препорачуваат смесата да отстои најмалку половина час пред печење.
Рецепт за совршени вафли
Состојки:
250 г бело брашно
две лажици пченкарен скроб (густин)
две лажици шеќер
еден прашок за печиво (12 г)
половина лажичка сол
две јајца, на собна температура
350 мл млеко
100 г стопен и изладен путер
една лажичка екстракт од ванила
Постапка:
Во голем сад измешајте ги сувите состојки: брашното, пченкарниот скроб, шеќерот, прашокот за печиво и солта.
Во друг, помал сад, со маталка лесно изматете ги јајцата.
Додадете ги млекото, стопениот путер и екстрактот од ванила, па добро соединете.
Истурете ги течните состојки во сувите и кратко промешајте, само колку да се соединат. Не грижете се ако остане некое грутче.
Загрејте го апаратот за вафли според упатството на производителот. Кога ќе се загрее, лесно премачкајте го со масло или путер.
Истурете од смесата на средината од апаратот, внимавајќи да не го преполните, бидејќи тестото ќе се рашири при печење.
Печете околу три до пет минути, додека вафлите не добијат убава златно-кафеава боја.
Најважниот чекор за крцкавост: испечените вафли не ги редете една врз друга. Ставете ги на метална решетка за да може воздухот да циркулира и да се спречи да омекнат.
