3.8 C
Скопје
20:08 - 20 декември, 2024

Примариус Сузана Камберова, специјалист дерматолог: Убоди од инсекти и опасности кои ве демнат од нив

Најчесто се појавува т.н. „локална реакција“ или реакција на кожата со пречник од неколку милиметри до неколку сантиметри. Реакцијата се појавува на самото место околу убодот. Колку е детето помало, кожата е понежна, па оваа реакција може да биде и поизразена.

Топлите денови се време за дружење и престој во природа, каде што често може да се случи вас или вашето дете да ве „касне“ некој инсект. Инсектите се бројни, а најчесто тука спаѓаат комарци, оси, пчели, стршени, крлежи, па понатака, иако поретко, стоногалки, некои видови бумбари, пајаци, болви итн.

Важно е да се знае дека повеќето инсекти, кога ќе каснат, се хранат (комарец, болва, итн.) или пак напаѓаат/се бранат (оса, пчела, итн). Притоа, прават мала убодна рана, и во кожата вбризгуваат одреден токсин (отров) на кој кожата и целиот организам може да реагираат на различен начин.

Најчесто се појавува т.н. „локална реакција“ или реакција на кожата со пречник од неколку милиметри до неколку сантиметри. Реакцијата се појавува на самото место околу убодот. Колку е детето помало, кожата е понежна, па оваа реакција може да биде и поизразена. Се манифестира со лесен оток, црвенило и јадеж на самото место, а понекогаш во зависност од инсектот, а и од кожата или регијата каде што е убодот, може да се појави и плускавец исполнет со бистра течност. Доколку отровот на инсектот е посилен, може да се почувствува и болка со послаб или поголем интензитет. Во ваков случај нема потреба од некакво лекување, доволно е да се стави лесен облог, кој ќе го лади местото на убодот, ќе ги смири и отокот и црвенилото. Доколку при рака имате крем (постојат повеќе видови креми кои ги ублажуваат реакциите од убод од инсект), кој се набавува од аптека, по облогата може да го намачкате болното место во тенок слој и истото да го повторите два пати дневно во тек на 2-3 дена. По можност, доколку постои дел од инсектот кој останал во кожата, би требало да се извади (на пример, осило). За да се смири оваа реакција некогаш се потребни и неколку дена.

Кај локалната реакција најчесто не се работи за алергија, таа е со самолимитирачки тек, но одредена категорија деца кои имаат конституционална (наследена, фамилијарна) склоност кон алергиски реакции, може да манифестираат побурна локална реакција, па и во таков случај да е потребно лекување. Освен тоа, битно е и местото на убодот на инсектот, значи отокот на местото на убодот може да е лошо лоциран и да прави тегоби од посериозен карактер, на пример, ако дошло до убод на јазикот, убод во душникот кога случајно дошло до „голтнување“ на инсектот – тоа ќе предизвика тешкотии во дишењето, и слично.
Повторно потенцирам, сите овие случаи треба да се прегледаат веднаш од лекар, кој ќе пропише соодветно лекување.

Алергиски реакции

Многу поретки, но затоа и посериозни, се алергиските реакции на убод од инсект. Обично настануваат откако претходно, во одредена ситуација, веќе дошло до контакт на организмот со инсектот. Тогаш, при повторен таков контакт се појавува алергиска реакција, која не е ограничена само на местото на убодот. Важно е што побрзо да се препознаат симптомите на ваквата реакција, затоа што лекувањето треба да е итно. Ако по убодот од инсект, за кратко време забележите симптоми како што се: тешкотии со дишењето, појава на бројни црвени пликови или црвенило по кожата, јадеж по целото тело, а не само на местото на убодот, или јадеж на ушните школки, дланките и табаните, или ако се појави оток на лицето во пределот на устата и околу очите, малаксаност, препотување, зуење во ушите, вртоглавица, несвестица, нагон за повраќање, итн., тогаш веднаш (најитно) лицето што е касното треба да се однесе во најблиската здравствена установа. Доколку, пак, веќе постои потврдено сознание дека вашето дете е алергично на убод од некој инсект, треба да се јавите кај алерголог-дерматолог, кој ќе ви даде детални упатства како да го заштитувате и какви мерки да преземете доколку се повтори убод од истиот инсект. Понекогаш, во вакви случаи, не постои друг начин освен постојано да носите со себе соодветни лекови, кои веднаш по евентуален убод, ќе треба да му ги дадете на детето. Добро е да се носи и додаток во вид на нараквица, на која ќе стои натпис за неговата здравствена состојба, за итен случај, кога нема да биде присутен родител. Секако, правило е дека овие пациенти мора да бидат во постојан контакт со лекар специјалист, кој ќе даде упатства соодветни за нивната дијагноза.

Кога да се јавите на лекар?

Во случај на убод од некој инсект кој поретко се среќава, како стоногалка, пајак, или некој неидентификуван инсект, повторно е најдобро, за секој случај, да се јавите на лекар за да се утврди дали настанала некаква посериозна интоксикација на организмот. Доколку се случат бројни убоди од инсекти (пчели, осило, итн.), количеството на отров, кој ќе се внесе во организмот е далеку поголемо и потребно е веднаш да се јавите на лекар. Не треба да се плашите дека ваквите инциденти секогаш се фатални, најчесто после кратка болничка опсервација и соодветна терапија, пациентите се пуштаат дома во сосема добра состојба.

Иако реакциите на убод од инсект може да се потенцијално сериозен ризик за здравјето, таквите случаи, сепак, се ретки. Нагласуваме уште еднаш, дека сите оние кои некогаш во животот имале некој посериозен вид реакција после убод од инсект, треба да се јават повторно на преглед, неколку недели по излекувањето и завршената терапија, за да може точно да се утврди дали таа реакција била последица на алергија или не. Ова испитување се врши од специјалист алерголог со соодветни алерголошки тестови. Доколку е потврдено дека се работи за вистинска алергија на инсект, понатаму се препорачува соодветен превентивен или тераписки протокол за ваквите деца или возрасни. Меѓутоа, од голема важност е да не се пропушти да се направи ваков преглед, после секој случај на посериозна реакција на организмот на убод од инсект, па дури да се работело и само за една побурна локална реакција.

Во сите останати случаи реакциите се чести и банални, без посериозни последици. Сепак, мора да укажеме дека инсектите не мора да вбризгуваат отров во кожата за да бидат опасни. Денес се знае дека тие се и преносители на разни сериозни заразни бактериски и вирусни заболувања, затоа, секако треба да се преземат мерки за заштита од нив. Особена грижа треба да се посвети на ранливата категорија на население – новородени и мали деца. Тие треба да спијат и престојуваат во просторија во која прозорците и влезовите се заштитени со мрежи, во која има некаков апарат за заштита од инсекти, а кога се на отворено, да се избегнуваат места познати по роење на инсекти (непроточни води, мочуришни предели, високи треви, близина на ѓубришта, стока и сл.) и да се намачкаат со некое заштитно средство, соодветно за нивната возраст, кое ќе се набави во аптека.

Примариус Сузана Камберова, специјалист дерматолог

Слични објави

(Фото) Деколтето во преден план: Данијела Димитровска „пука“ од сексапил во целосно бела комбинација

Еспресо

(Фото) Чантата на Јелена Томашевиќ вреди колку зимување на Копаоник: Сите зборуваат за ова модно парче

Еспресо

(Фото) Поранешниот сопруг на Драгана Мирковиќ ужива за сите пари: Чаша бело вино и нереална глетка на убава дестинација

Еспресо

По раскинувањето со Зоран Марјановиќ, Инди откри валкани детали за поранешниот: „Манипулатор кој ми го испра мозокот“

Еспресо

Оваа земја ќе биде засекогаш исфрлена од Евровизија? Има една причина

Еспресо

Разоткриен просекот на оценките на Јована Јеремиќ од факултет: Сакам да ги нервирам квазиинтелектуалците

Еспресо
Се вчитува....