-1.2 C
Скопје
19:00 - 22 декември, 2024

Луѓето кои прележале ковид и се вакцинирале може да имаат доживотен имунитет

Овие откритија можат да помогнат во смирувањето на стравувањата дека заштитата од вирусот ќе биде краткотрајна.

Имунитетот на коронавирусот трае најмалку една година, но можеби и цел живот, подобрувајќи се со текот на времето, особено по вакцинирањето, покажуваат две нови студии.
Овие откритија можат да помогнат во смирувањето на стравувањата дека заштитата од вирусот ќе биде краткотрајна. Студиите сугерираат дека на повеќето луѓе кои закрепнале од ковид-19 и кои подоцна биле имунизирани нема да им треба засилена заштита.
Вакцинираните лица кои никогаш не биле заразени, најверојатно ќе имаат потреба од дополнителни инјекции, како и помалиот број луѓе кои се заразени, но не развиле силен имунолошки одговор, пишува „Њујорк тајмс“.

Двете студии анализирале луѓе кои биле изложени на коронавирусот пред околу една година. Клетките кои ја задржуваат меморијата на вирусот преживуваат во коскената срцевина и можат да ослободат антитела кога и да е потребно, според студијата објавена минатиот понеделник во списанието „Нејчр“. Друга студија објавена на BioRxiv, веб-страница за биолошки истражувања, открила дека овие таканаречени мемориски Б-клетки продолжуваат да созреваат и да зајакнуваат најмалку 12 месеци по првичната инфекција.

Долговечен имунитет

„Трудовите се во согласност со растечката литература која сугерира дека имунитетот предизвикан од инфекција и вакцинација против SARS-CoV-2 е долготраен“, рекол Скот Хенсли, имунолог од Универзитетот „Пенсилванија“, кој не бил вклучен во студијата.
Студиите го смируваат стравот од минливоста на имунитет на вирусот, како што е случајот со коронавирусите кои предизвикуваат настинка, но овие вируси значително се менуваат на секои неколку години, рекол д-р Хенсли и додал: „Причината зошто често се заразуваме со обични коронавируси во текот на животот може да има многу повеќе врска со варијациите на тие вируси, а не со имунитетот“.

Мемориските Б-клетки произведени како одговор на инфекцијата со вирусот SARS-CoV-2 и засилени со вакцинацијата се толку силни што спречуваат дури и соеви на вирусот, што значи дека нема потреба од ревакцинација, смета Мишел Нусенцвејг, имунолог на Универзитетот „Рокфелер“ во Њујорк, лидер на студијата за созревање на меморијата.

– Луѓето кои биле заразени и вакцинирани навистина развиваат одличен одговор, одличен сет на антитела, бидејќи продолжуваат да ги развиваат своите антитела. Очекувам дека тоа ќе трае многу долго – рекол д-р Нусенцвајг за „Њујорк тајмс“.

Резултатот можеби нема да се однесува на заштитата која потекнува само од вакцината, бидејќи имунолошката меморија по имунизацијата веројатно ќе биде поинаку организирана во споредба со онаа по природна инфекција. Ова значи дека на луѓето кои немале ковид-19 и кои се вакцинирани можеби сепак им е потребна дополнителна инјекција, рекол д-р Нусенцвајг: „Тоа ќе го дознаеме многу, многу брзо“.

Мемориски Б-клетки

По првата средба со вирусот, Б-клетките брзо се размножуваат и произведуваат антитела во големи количини. Штом акутната инфекција се реши, мал број клетки се населуваат во коскената срцевина, постојано испуштајќи скромно ниво на антитела.

За да ги разгледаат мемориските Б-клетки специфични за новиот коронавирус, истражувачите предводени од Али Елебеди од Универзитетот во Вашингтон во Сент Луис ја анализирале крвта на 77 луѓе во интервали од три месеци, почнувајќи околу еден месец по заразата со коронавирусот. Само шест од 77 лица биле хоспитализирани заради ковид-19, останатите имале лесни симптоми.
Нивоата на антитела кај овие лица брзо се намалувале четири месеци по инфекцијата и продолжиле полека да се намалуваат со месеци потоа, што резултирале во согласност со оние од другите студии. Некои научници го протолкувале ова намалување како знак на пад на имунитетот, додека други велат дека токму тоа и се очекувало.

Кога крвта би содржела големи количини антитела на секој патоген со кој некогаш се сретнало телото, таа брзо би се претворила во густ талог. Наместо тоа, нивото на антитела во крвта нагло паѓа по акутната инфекција, додека мемориските Б-клетки остануваат во мирување во коскената срцевина, подготвени за акција кога е тоа потребно.
Д-р Елебеди и неговите колеги зеле примероци од коскена срцевина од 10 лица и тоа околу седум месеци по заразата со коронавирусот. Петнаесет од нив имале мемориски Б-клетки, но четири од нив немале, што укажува на тоа дека некои луѓе имаат мошне мал број од овие клетки или воопшто немаат.

„Тоа ни вели дека и покрај инфекцијата, можеби немаме најдобар имунолошки одговор“, рекол д-р Елебеди за „Њујорк тајмс“. Ова откритие сугерира дека луѓето што оздравеле од ковид-19 треба да се вакцинираат. Пет учесници во студијата на д-р Елебеди донирале примероци од коскена срцевина седум или осум месеци по првичната зараза и повторно четири месеци подоцна. Се покажало дека бројот на мемориските Б-клетки во текот на тој период останал стабилен.

Важни резултати

Резултатите се особено важни затоа што е тешко да се добијат примероци од коскена срцевина, рече Џенифер Гомерман, имунолог од Универзитетот во Торонто. Една клучна студија од 2007 година покажа дека антителата теоретски може да преживеат со децении, можеби дури и далеку над просечниот животен век, што укажува на долгорочно присуство на мемориски Б-клетки. Но, новата студија понудила редок доказ за нивното постоење, нагласила д-р Гомерман.

Д-р Нусенцвајг и соработниците проучувале како мемориските Б-клетки созреваат со текот на времето. Истражувачите ја анализирале крвта на 63 луѓе што оздравеле од ковид-19 пред околу една година. Огромното мнозинство на учесници имале благи симптоми, а 26 исто така примале барем една доза од вакцините на „Модерна“ или „Фајзер“. Таканаречените неутрализирачки антитела, потребни за да се спречи повторна зараза со вирусот, останале непроменети помеѓу шест и 12 месеци, додека поврзаните, но помалку важни антитела полека исчезнувале.

Бидејќи мемориските Б-клетки продолжиле да се развиваат, антителата што притоа ги произведуваат развиле способност за неутрализирање на уште поширока група соеви.
Една година по инфекцијата, неутрализирачката активност на учесниците што не биле вакцинирани била пониска во однос на сите соеви на вирусот, а најголемиот губиток е забележан во однос на сојот кој првпат беше откриен во Јужна Африка.

Вакцинацијата значително ги зголемила нивоата на антитела, потврдувајќи ги резултатите од другите студии. Вакцината исто така ја зголемила телесната способност на неутрализирање за околу 50 пати.

Резултатите од студијата на д-р Нусенцвајг покажуваат дека луѓето што оздравеле од ковид-19 и кои биле вакцинирани подоцна, сепак ќе имаат исклучително високо ниво на заштита од новите соеви, дури и без дополнителна вакцинација.

Имунитетот кај луѓето кои не прележале ковид е многу различен

Сите експерти се согласуваат дека имунитетот кај луѓето што никогаш немале ковид-19 веројатно ќе биде многу различен. Борбата против живиот вирус се разликува од реакцијата на еден вирусен протеин вбризган со вакцината. А, кај оние што имале ковид-19, почетниот имунолошки одговор имал време да созрее во текот од шест до 12 месеци пред да биде активиран со вакцината.
„Таа кинетика се разликува во однос на луѓето што ја примиле првата доза на вакцината, а потоа повторно се имунизираат, односно повторно се вакцинираат, три недели подоцна. Тоа не значи дека можеби нема да имаат толку широк одговор, но може да биде многу поразличен“, рекла д-р Пепер за „Њујорк тајмс“.

 

Слични објави

Славниот водител сподели тажни вести: „Никогаш нема да те заборавам, многу поминавме заедно“

Еспресо

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Луна и Марко открија колку заработуваат од Јутјуб: „Доволно за еден луксузен стан во Белград!“

Еспресо
Се вчитува....