„Битката е тешка, но ние одиме кон нови, уште потешки битки. Знаеме дека не сме ги надминале сите пречки, и дека има нови и уште попредизвикувачки, но сите сакаме да победиме и кога тоа ќе се случи, сите ќе го видат тоа. Секој ќе го почувствува мирто што доаѓа“. Ова се дел од зборовите на украинскиот претседател Володимир Зеленски кои се раширија преку социјалните мрежи во новото видео обраќање објавено во раните утрински часови.
Поинаква е локацијата на претседателот, во работна просторија, можеби во бункер, но иста е неговата решителност и способност да му зборува од срце на својот народ, знаејќи добро дека неговите зборови ќе се слушнат и надвор од националните граници.
Нови напади
Загриженоста на Зеленски е голема, бидејќи „ситуацијата на истокот на земјата останува многу тешка и Русија се подготвува повторно да ги бомбардира Донбас и Харков“, повторува тој. Украинскиот претседател повторно стави акцент на барањето „да има авиони за соочување со руската воена сила“.
Најмалку 5.000 мртви во Мариупол
Најмалку 5.000 луѓе беа убиени во Мариупол, град опколен од руските вооружени сили. Ова го изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски во видео пораката, цитирајќи ги локалните власти, како што пренесува Гардијан. Во тек се преговори за отстранување на телата од улиците. Се проценува дека- додаде тој – „околу 170.000 луѓе се уште се таму и се соочуваат со недостигот на храна, вода и електрична енергија: Црвениот крст соопшти дека тимот што се упатил кон градот за евакуација морал да се врати вчера, петок, бидејќи условите оневозможиле да продолжат, а ќе се направи уште еден обид денеска, сабота“.
Кина
„Би сакале Кина да биде на наша страна“, рече Зеленски, кој подоцна потврди дека западните санкции „функционираат“ и повика тие дополнително да се заострат.
Порака до Путин
Обраќајќи му се на рускиот претседател, Зеленски потоа рече: „Му посакувам да гледа неруска телевизија за да види што се случува во светот“. А потоа коментираше за евакуацијата во градот Мариупол: „Повеќе од 3.700 луѓе беа спасени од опсадата на Мариупол“. Според извештаите на украинските власти, конвој од 42 автобуси, придружувани од Црвениот крст, ги однеле цивилите во градот Запорожје.
Благодареност до Европската Унија
Украинскиот премиер Володимир Зеленски потоа ѝ се заблагодари на претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола за нејзината „херојска посета“ на Киев вчера. Мецола е првиот лидер на европска институција што го посети главниот град на Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари. „Сакам лично да ви се заблагодарам, Роберта, ви благодарам вам и на вашиот тим што покажавте херојство, бидејќи денес е херојство да се дојде во Украина“, рече Зеленски, кој ѝ се заблагодари на Мецола за поддршката од Европскиот парламент за Украина. „Ние многу ги цениме сите овие чекори. Дојдовте и ова е многу важен знак: благодарни сме и нема да го заборавиме тоа“.
Русија регрутира и од Крим
„Руската федерација се обидува да регрутира војници и на Крим. Ова е кршење на меѓународното хуманитарно право и воено злосторство за кое ќе биде одговорна. Тоа е исто така тема поради која треба да се зајакнат санкциите против Русија.“ . Ова го изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во видео пораката емитувана на интернет, а пренесува агенцијата Укринформ. Крим е спорен регион меѓу двете држави, кој е окупиран од руски војници и припоен кон Русија од 2014 година. „Сакам да им кажам на луѓето на Крим – додаде Зеленски – да ја бојкотираат оваа операција, во која било фаза“, пренесува раињуз.ит.