4.8 C
Скопје
09:14 - 26 декември, 2024

„Сè секаде одеднаш“: Која е Мишел Јео, будистка која му стана идол на Тарантино, а свршеница на Жан Тод

„Сè секаде одеднаш“ доби 11 номинации за Оскар, чие 95. доделување ќе се одржи на 13 март во Лос Анџелес. Во филмот глуми Малезијката Мишел Јео, која е номинирана за Оскар за најдобра женска главна улога во друштво на Кејт Бланшет („Тар“), Ана де Армас („Русокоса“), Андреа Рајсборо („За Лесли“) и Мишел Вилијамс („Фабелманови“). Но, која е Мишел Јео?

инстаграм

Кинескиот актер Џеки Чен, најпопуларна ѕвезда во боречките вештини во светот, ѝ испратил честитка на Јео откако ги прочитал одличните критики и фантастичните приходи од боксофисот на филмот „Сè секаде одеднаш“, од двајца режисери доволно млади за да се нарекуваат „Момците“ (The boys) и толку оригинални што се потпишуваат како „Даниелс“, не затоа што се роднински поврзани, туку само затоа што имаат исто име (Даниел Кван и Даниел Шајнерт). Чен ја завршил пораката вака: „Но, дали знаеше дека Момците дојдоа во Кина за да се запознаат со мене и да ми понудат една од главните улоги?“. А Јео, наместо да му се заблагодари, му одговорила со задевање: „Голема загуба, брат…“.

„Јас и Џеки се сметаме за брат и сестра, дури иако, како и „Момците“, не сме. Мојата прва работа, ТВ реклама за Гај Ларош, ја направив со него, а потоа со него направив еден од моите први успешни филмови, „Полициска приказна 3“. Но, тој сепак е она што јас го нарекувам шовинистичка свиња, тој сè уште мисли дека мажите се супериорни, а местото на жените е во кујната. Затоа ја користам секоја можност да му го покажам местото“, објаснува глумицата во интервју за италијанското издание на „Ел“.

Но, која е Мишел Јео Чу-Кенг? Поранешна Мис Малезија, поранешна Бонд девојка, најплатената од азиските актерки, родена во годината на тигарот, и иако е активна на филмот од 1980-те, дури денес ја доби заслужената светска слава: блеска од насловните страници на „Варајети“ и „Холивуд Репортер“, двете конкурентни библии на филмот; ја зеде Револуционерната награда на Филмскиот фестивал во Торонто, спонзорирана од „Булгари“ („За 40 години кариера која ги премина континентите, жанровите и децениите, рушејќи ја секоја бариера“); стана првиот азиски уметник кој добил почесен докторат од Американскиот филмски институт; триумфираше на престижната листа на 100 највлијателни луѓе на планетата на неделниот магазин „Тајм“. Последно, но не и помалку важно, е фактот што веќе има полни 60 години, неблагодарна возраст за филмското платно кога се во прашање жените.

Сепак, изгледа дека токму на оваа возраст, таа повеќе ги умножува можностите, наместо возраста да ѝ ги ограничува. Филмот „Сè секаде одеднаш“ е само еден од бројните хит-филмови и серии во кои глумела. Ја гледавме и во филмовите „Луди богати Азијци“, „Училиштето за добро и зло“, „Мемоарите на една гејша“, „Чувари на Галаксијата 2“, „Карате кид“, „Кунг фу панда“, „Морган“, „Децата на Хуан Ши“, но и во очекуваното продолжение на „Аватар“, од Џејмс Камерон, кое ќе го следат уште три продолженија, од 2024 до 2028 година.

„Сè секаде одеднаш“ е мешавина на жанрови, која најлесно би се опишала како комбинација од комедија и акциона драма. Филмот го следи животот на семејството Ванг, кинески имигранти кои стигнуваат во зградата на даночна контрола во САД со куп даночни пријави и бараат состанок со ревизорот. Ликот на Мишел, Евелин, е на работ на нервен слом, има тешки односи со сите најблиски, нејзиниот сопруг Вејмонд сака развод, нејзината ќерка Џој отворено е лезбејка и нејзиниот татко Гонг Гонг е болен. Но, одеднаш, откривајќи дека постојат парарелни универзуми и дека моќно суштество има намера да го уништи целиот мултиверзум, таа станува хероина која мора да ги насочи своите новооткриени способности за да се бори против бизарните и збунувачки опасности додека судбината на светот виси на конец.

Мишел немала намера да стане актерка: од својата 4-та година сакала да биде танчерка, да отвори свое училиште за танц и да стане кореографка. На 15-годишна возраст се преселила во Лондон за да студира на Кралската академија за танц, но несреќата на ‘рбетот ѝ го прекинала сонот. На 20-годишна возраст ја освоила титулата Мис Малезија, по која следувал филмски договор со продукциската куќа D&B од Хонг Конг. Неколку години подоцна се омажила за продуцентот Диксон Пун и се повлекла од киното три години бидејќи сметаше дека бракот е приоритет на кој треба да го посвети целото свое внимание. Како во бајките, Квентин Тарантино ја спасил – кога дошол во Хонг Конг поради снимање на филмот „Ефтини приказни“, побарал да ги запознае неговите три идоли: Џеки Чен, Џет Ли и Мишел Јео. Се согласила на петминутна средба, што било доволно заразниот ентузијазам на Тарантино да ѝ ја врати енергијата и љубовта за филмот. И така, наскоро прифатила да го снима филмот за Џејмс Бонд од 1997 година „Утрешнината никогаш не умира“, со што ја одбележа нејзината прва главна улога на англиски јазик.

Нејзиниот најдобар квалитет е посветеноста. Јео сè уште тренира секој ден, за да биде подготвена за секој повик. Веќе 19 години е партнерка на Жан Тод (76), поранешен извршен директор на „Ферари“, сега специјален пратеник на ОН за безбедност на патиштата. Кога конечно требаше да го изберат судбоносниот датум за свадба, пристигна непоканетиот гостин – Ковид 19.

Мишел Јео и Жан Тод,фото Инстаграм

Сепак, верува дека венчавката ќе се случи наскоро, но во меѓувреме продолжуваат да се гледаат низ светот, меѓу Лос Анџелес и Лондон, Женева и Париз. Единствена болка? Што не успеала да има деца и покрај огроманата желба. Денес, откако пркатично ја одигра секоја азиска националност: беше Јапонка („Мемоарите на една гејша“), Кинеска („Студен тигар, скриен змај“), Бурманка („Дамата“), Сингапурка („Луди богати Азијци“), будистката со зен мудрост објаснува дека единствените суперсили што ги следи во секојдневниот живот се разбирањето и добрината.

Слични објави

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ го честиташе Божиќ: Ѕирнете во празничната идила во домот на пејачката!

Еспресо

Хороскоп за 26 декември: Скорпијата ќе добие нова шанса, Лавот ќе доби одлични вести од странство

Еспресо

Приведена Гога Секулиќ: Сè се случило на границата со Хрватска, со неа бил и нејзин колега

Еспресо

„Секогаш ќе ми бидеш прво дете…“: Саша Ковачевиќ со емотивна објава покажа кој му е најважен на светот

Еспресо

(Фото) Адам Лабунски објави слики со ќерката Хана: „Моето мало девојче“

Еспресо

Ова се најскапите свадби на српската естрада: Милиони евра, лимузини, специјалиети и светски креации

Еспресо
Се вчитува....