Полемиката продолжува околу случајот Вил Смит и неговата оскаровска шлаканица. Академијата најавува поведување дисциплинска постапка против „најдобриот главен актер за 2022 година“. Се очекува дисциплинска постапка од организацискиот одбор на наградата. Крис Рок пак, вели: „Сè уште го обработувам она што се случи“.
По силната шлаканица на Крис Рок на церемонијата на доделувањето на Оскарите, Вил Смит одбил да го напушти театарот Долби каде што се доделуваа наградите и покрај тоа што бил замолен. Академијата известува во белешка, во која објавува дека покренала „дисциплинска постапка“ против актерот.
„Сакаме да разјасниме дека од него беше побарано да излезе од театарот и дека тој одби, но признаваме дека требаше поинаку да ја третираме ситуацијата“, изјавија од организацискиот комитет на Оскарите.
Не е јасно дали барањето за заминување било наложено директно на актерот или на неговата придружба, но според „Deadline Hollywood“, Вил Пакер, продуцентот на шоуто, го направил тоа. Денеска, на состанокот на одборот (советот) на Академијата, повикан да го испита случајот, многу познати личности, меѓу кои и Стивен Спилберг и Вупи Голдберг, изјавија дека не се запознаени со барањето Смит да го напушти театарот. Академијата му даде на Смит две недели да одговори на обвинувањата. Следниот состанок на одборот, закажан за 18 април, може да биде место за дисциплински дејствија, вклучувајќи суспензија или исклучување од организацијата.
Веста за барањето за напуштање на театарот, и покренување дисциплинска постапка, доаѓа по јавното извинување на оскаровецот, добитник на статуетката за најдобра интерпретација во главна машка улога, кој преку Инстаграм соопшти дека му е жал за тоа што се случило и призна дека претерал, а исто така ѝ се извини на Академијата. Но, очигледно гестот не бил доволен.
Од своја страна, Крис Рок изгледаше прибран и смирен, во првото појавување во јавноста по настаните во неделата вечер: „Сè уште се обидувам да сфатам што се случило“, рече тој за добиената шлаканица, како што објави веб-страницата „Варајети“. Комичарот и се обрати на публиката во Бостон, каде што дебитираше со своето ново, распродадено шоу. Фановите му упатија долги овации.