6.8 C
Скопје
12:31 - 22 декември, 2024

НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ КАКО СЕРИОЗЕН ОПШТЕСТВЕН ФЕНОМЕН

Спречувањето на насилството врз жените не може да се случи со 16 дена активизам во кој најчесто збориме за тоа дека постојат закони, прописи, меѓународни документи и декларации.

Насилството врз жените претставува сериозна општествена појава која од година во година сѐ повеќе станува глобален проблем кој ги афектира најчесто жените, а последиците од ваков вид насилство, во голема мера се фатални. Минатиот месец, поточно на 25 ноември, се одбележа Меѓународниот ден за елиминирање на насилството врз жените проследен со неколкудневни активности од страна на здруженија и организации што се занимаваат со оваа проблематика. Но, спречувањето на насилството врз жените не може да се случи со 16 дена активизам во кој најчесто зборуваме за тоа дека постојат закони, прописи, меѓународни документи и декларации! Неспорно е дека постојат бројни документи за оваа појава, проблемот е што де факто насилството како општествен феномен продолжува да се шири и според податоците на Обединетите нации, токму семејното насилство е убиец број еден за жените. Причина повеќе за зголемувањето на бројот на случаи на семејно насилство и насилство врз жените е секако и појавата на ковид пандемијата со која светот се соочува веќе две години. Според статистиката на МТСП за 2020 година, во период од јануари до септември се случиле 1168 насилства, а податоците покажуваат и зголемување на случаите на семејно насилство за време на пандемијата за околу 10%.

Иако бројните женски организации, уште на самиот почеток на пандемијата, предупредуваа за можно зголемување на бројот на случаи на семејно насилство и предлагаа да се презземат поопфатни мерки за заштита на жртвите, сепак тоа не се случи. Исклучок се неколку европски држави како на пример Франција, која обезбеди буџет од еден милион евра за превенција на семејно насилство и поддршка на центрите за згрижување на жртвите од семејно насилство. Шпанија и Грција пак, направија шифрирани кодови како на пример „mask 19“, кои жртвите можат да ги користат како безбедносни кодови при посета на аптеките и супермаркетите и со нив да алармираат дека се жртви на семејно насилство. Кај нас, МТСП во соработка со УНДП минатата година во декември, изработија мобилна апликација „Биди безбедна“, но, сериозен проблем е што оваа апликација е достапна само доколку имате смарт телефон, а од друга страна прашање е колку од жртвите воопшто поседуваат телефон или пак го земале со себе бегајќи од насилникот. Исто така, оваа апликација е речиси непозната за голем број граѓани затоа што се направи прилично доцна и промовирањето беше речиси незабележително. Друг проблем е тоа што во одредени средини, најчесто рурални, речиси и да не постојат организации кои нудат помош на жртви од семејно насилство, па случаите се пријавуваат во полиција, каде што бројот на стручен и едуциран кадар е сериозно мал.

Насилството врз жените во светска рамка се третира како сериозна форма на кршење на човековите права и токму затоа Советот на Европа во 2011 година ја усвои Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство т.н. Истанбулска конвенција. Годинава кај нас е донесен нов Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство во кој насилството врз жените и родово базираното насиство се дефинираат и третираат како посебни феномени на насилството. Но, што понатаму? Иако законот наложува органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа и другите надлежни институции да ги спроведуваат пропишаните обврски и регулативи, сето тоа се сведува на креирање политики и програми, водење регистри и бази на податоци, правна помош, здравствени услуги и слични „административни“ мерки. Главниот проблем се финансиите од кои зависи спроведување на законот, односно згрижувањето и помошта на жртвите. Имено, најчест проблем со кој се соочуваме е непријавувањето на случаите, а причина за тоа е недовербата во институциите, немањето засолништа за жртвите и другите членови на семејството, немањето доволно правна помош за справување со насилникот, како и економската зависност и „немањето каде“ после бегање од насилникот. Протоколите пропишани од МТСП обезбедуваат згрижување на жртвите од максимум 3+3+6 месеци.

Несомнено е потребна поопфатна и структурирана грижа и заштита на жртвите од семејно насилство, а за да се случи тоа, потребно е државата да издвои сериозна сума финансиски средства за да се обезбеди бесплатна правна помош на жртвите, да се отворат неколку безбедносни куќи и засолништа во кои жртвите ќе можат да се сместат на подолг временски период. Во моментов познато е дека имаме само пет засолништа (Скопје, Битола, Свети Николе, Кочани и Струмица) и еден кризен центар во Скопје, кој го води граѓанска организација и во кој се нуди сместување на жртвите од 24-48 часа. Исто така, потребно е да се обезбеди и бесплатна обука и усовршување за одредени занаети за жртвите, која потоа ќе им помогне да се вработат и да обезбедуваат егзистенција за семејството. Државата треба не само да ги охрабрува жртвите да пријавуваат случаи на насилство, туку и да им помогне за нивна поголем заштита, безбедност и понатамошна егзистенција.

 

Слични објави

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо

Луна и Марко открија колку заработуваат од Јутјуб: „Доволно за еден луксузен стан во Белград!“

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ му се обрати на својот татко со низа трогателни пораки: „Сите ќе умреме! Ако ме нема утре, напишав историја“

Еспресо

(Фото) Цеца Ражнатовиќ без грам шминка: Вељко објави приватна фотографија од семејната вила

Еспресо
Се вчитува....