-5.2 C
Скопје
05:19 - 24 ноември, 2024

(Колумна на Милан Банов) Мини цртички за макси нешта: Гадливи од книгите правливи

Наднасловот на овој текст (а и на натамошните) го позајмувам/парафразирам од големиот полски филозоф Лешек Колаковски, наполно согласувајќи се со него дека и оние ситници во животот понекогаш се исклучително важни, напати и суштински. Па така, и оваа цртичка за многумина (според значењето на темата), можеби, ќе има мини димензија и без размислување ќе ја стават во она чекмеџе каде обично се ситуираат безначајните. Но, барем за мене, неодамнешниот настан на кој ќе се повикам и практично е повод за овој текст, ме принудува да се замислам и за еден макси проблем, круцијален, па ако сакате и есенцијален.

Значи, пуштам телевизор, иако баш и не сум опсесивно поврзан со овој медиум, и таму некаде на крајот на вестите, каде по правило се третира потценетата култура, се протнала и една која ме тера да ја каталогирирам меѓу оние што освежуваат и се во редот на значајните. Имено, во Скопје неколку денови ќе се одржува манифестацијата „Скопје чита“; настан кој нė сместува во Гутенберговата галаксија каде книгите ќе светат како најсјајни ѕвезди и ќе го осветлуваат нашиот животен круг.

И сега, некој веројатно ќе рече: чекај човеку, зошто те обземала таква и толкава егзалтираност, дури и еуфорија поради книги, обична подврзана печатена хартија која ретко кој денес ја зама в раце и залудно си го арчи своето електронско време. Одговорот би можел, да речеме, да го позајмам од Борхес кој вели дека „ако постои рај тогаш тој сигурни е сместен во некоја библиотека, преполна со книги“. Или, од Т.С. Елиот, па да се обидам да се оправдам со неговото: „Секое постоење на книги е најдобар доказ за тоа дека можеби сè уште има надеж за иднината на човекот“, но некако сум уверен дека за многумина цитатите се невалидни, дури и смешни. Нејсе, инаетчија каков што сум, останувам при ставот дека манифестацијата „Скопје чита“ донесе пријатен ветер во ова вжештено и бушаво време.

Па сепак, колку и да ја поддржувам, не можам а да не ставам забелешка за еден навидум мини пропуст содржан во името на настанот; на една невнимателност која, простете, но за мене е макси грешка. Или, попрецизно, станува збор за една единствена буква – за буквата ј – која, ете, избегала од насловот, не оди рака под рака со вистината и се обидува да нè увери дека скопјани се „утепаа“ од читање и безмалку не можат да живеат без книгата. За мене лично, императивот ЧИТАЈ ќе беше многу, многу посоодветен.

Да не се лажеме, овдешната популација (не само скопското општожитие) чита ретко, инцидентно, поводно, а најчесто – не чита. А тоа сознание на светлината на денот ќе ја извади непријатната вистина дека нурнати во жолтата едукација, страотно алиенирани поради претераната дружба со интернетот, со социјалните мрежи, фејсбук, твитер… сме испливале во едно мочуриште на незнаење, на медиокритетство, на кич, да не редам понатаму. Во таква ситуација, сигурен сум, книгата би можела многу да помогне и да нè изгони од блаженото царство на сиромашните со дух. Да, читајте книги без разлика на времето што ќе го потрошите, без разлика на цената што ќе ја платите, таа е мала, нè учи Волтер Кронкајт, во споредба со онаа на неуката нација.

Време е и за прашањето: дали сме глупав народ? Ни случајно. Но глупава е идејата дека нема корист од знаењето и од читањето книги. глупав ни е и изборо на информациите, исчашено е нашето поимање дека моќта се парите, а не знаењето… Конечно, глупаво е да сме гадливи од книгите правливи и покрај сознанието дека од оваа земја тргнало описменувањето на речиси половина од светот.

 

Слични објави

Познатата српска пејачка се пофали со богатството: Син ми на 5 години има стан во Дубаи, а мојот во Србија вреди 300.000 евра

Еспресо

Станија живее раскошно во Мајами: Старлетата се почестила со џип и луксузен стан, за кои потрошила 825.000 долари!

Еспресо

Неверојатна сума: Крунисувањето на кралот Чарлс Трети чинело повеќе од 70 милиони фунти!

Еспресо

(Фото) Хрватскиот актер ужива во друштвото на поранешната девојка на Леонардо Дикаприо

Еспресо

(Фото+видео) Александра Пријовиќ ги прошета „пантерите“ од 50.000 евра! Пејачката на славата кај Брена и Боба носи луксузен накит од „Картие“

Еспресо

Хороскоп за 23 ноември: Скорпиите ќе добијат неочекувани пари, Близнаците ќе имаат ситни проблеми со партнерот

Еспресо
Се вчитува....