Новиот топлотен бран пристигна. Климатизираните простории станаа засолниште, излегувањето од дома го планираме рано наутро или доцна навечер, а облеката што ја избираме е поважна отколку што мислиме.
Повеќето автоматски ќе посегнат по бела памучна маица верувајќи дека тоа е најдобриот начин да останат разладени. И навистина, белата боја ги одбива сончевите зраци подобро од црната. Но, приказната е всушност многу поинтересна. Стручњаците предупредуваат дека бојата не е пресудна – многу поважни се кројот, материјалот и начинот на кој облеката му овозможува на телото да се лади.
Со години се повторува советот дека за време на големи горештини треба да се носи бела облека бидејќи ги одбива сончевите зраци, додека црната ја апсорбира топлината. Тоа е точно, но само делумно. Имено, топлината не доаѓа само однадвор. Нашето тело постојано произведува топлина која исто така треба да се „одведе“ од кожата. Ако облеката е тесна, без разлика на бојата, топлината останува заробена меѓу ткаенината и телото, па ни станува уште потопло.
Интересно е што научниците уште во осумдесеттите години истражувале зошто бедуините во пустините на Блискиот Исток носат широки црни наметки, иако живеат во едни од најжешките места во светот. Се покажало дека разликата меѓу црната и белата боја не била голема токму затоа што облеката била широка. Меѓу кожата и ткаенината се создава слој воздух кој дејствува како оџак – топлиот воздух се крева нагоре, а телото полесно се лади. Со други зборови, широката облека често е поважна од самата боја.
Памукот не е секогаш најдобар избор
Ако постои едно правило што вреди да се запамети, тогаш тоа е ова: облеката нека не биде прилепена до телото.
Широките ленени панталони, лесните фустани или кошули од воздушести ткаенини му овозможуваат на воздухот да циркулира и го олеснуваат испарувањето на потта, што е природен механизам за ладење на организмот.
Спротивно на тоа, тесните маици, припиените фармерки или синтетичката облека што се лепи за кожата го отежнуваат ослободувањето на топлината, па ќе се чувствуваме уште поисцрпено.
Исто така, памукот не е секогаш најдобар избор, иако повеќето од нас така веруваат. Вистина е дека е пријатен и воздушест, но има еден недостаток – впива големи количества пот и бавно се суши. Затоа, во особено спарни денови, мократа памучна маица може да стане тешка и непријатна.
Ленот затоа често се покажува како подобар избор. Неговите влакна природно пропуштаат повеќе воздух, па кожата полесно „дише“. Недостатокот му е, исто како кај памукот, што побавно се суши.
Ако планирате подолга прошетка, планинарење или спортска активност, стручњаците препорачуваат модерна спортска облека од технички материјали кои ја одведуваат влагата од кожата и многу побрзо се сушат.
Кога воздухот е сув, потта лесно испарува и така го лади организмот. Но, кога влажноста е висока, како што често се случува за време на летните спарини, воздухот веќе е заситен со влага, па потта потешко испарува. Токму тогаш облеката што „дише“ станува клучна бидејќи му овозможува на телото поефикасно да се лади.
Водата е еден од најдобрите природни сојузници против горештините. Кога водата испарува од кожата или од ткаенината, притоа троши топлинска енергија од нашето тело и така нè разладува.
Затоа, мокра марама околу вратот, лесно навлажнета кошула или разладена капа можат да донесат значително олеснување, особено ако долго време престојуваме на отворено.
Ако временските услови и ситуацијата го дозволуваат тоа, за време на најголемите горештини најдобро е едноставно да носиме што помалку слоеви облека. Колку повеќе кожа е изложена на воздухот, толку полесно доаѓа до испарување на потта, а со тоа и до природно ладење на организмот.
