Посебно место меѓу фарбаните јајце има првото црвено јајце кое традиционално се нарекува чуваркуќа.
Ова јајце има посебно симболично значење во народната традиција. Се верува дека го штити домот и членовите на семејството од болести, зло и секоја несреќа, па затоа се чува внимателно во текот на целата година, сè до следниот Велигден.
Важно е да се нагласи дека чуваркуќата од претходната година не се фрла во ѓубре, но исто така не се чува засекогаш.
Што да се прави со старата чуваркуќа?
Обичаите поврзани со старата чуваркуќа се разликуваат од крај до крај, но заедничко им е верувањето дека таа има заштитна моќ.
Во одредени делови на Македонија, старото јајце се закопува во земја – во дворот, градината или лозјето. Се смета дека на тој начин ги штити посевите од штетници, град и други непогоди, а често се закопува и под овошка за да биде породна.
Обичаи за здравје и заштита
Во некои краеви постои обичај со чуваркуќата да се допираат или тријат детските образи, за децата да бидат здрави и румени во текот на целата година.
Исто така, на некои места јајцето се пушта низ река, со верување дека водата го однесува сето лошо – болести, несреќа и негативна енергија што чуваркуќата ја „презела“ на себе.
Современи обичаи во градовите
Бидејќи во многу места нема река во близина, обичаите се прилагодиле на современиот начин на живот. Така, некои семејства ја палат чуваркуќата во дворот, верувајќи дека на тој начин симболично се отстранува сè лошо.
Постои и обичај чуваркуќата да се стави во сад со вода, па со таа вода членовите на семејството, особено децата, да се измијат – за да останат здрави, весели и полни со животна енергија.
