Џеј Зи е обвинет за силување на 13-годишно девојче во 2000 година, објави „Ен-би-си Њуз“ (NBC News). Наводно, на инцидентот присуствувал Шон Диди Комбс.
Во тужбата поднесена во неделата, анонимната тужителка рекла дека нападот се случил откако возачот ја однел на забавата по шоуто на доделувањето на музичките видео награди на „Ем-ти-ви„ (MTV Video Music Awards). Тужбата ја поднел Тони Базби, адвокат од Тексас, кој одбил да ги коментира наводите. Џеј Зи, пак, обвинувањата ги нарече „идиотски“ и го обвини адвокатот за непрофесионално однесување.
„Овие обвиненија се толку грозоморни што барам од вас да поднесете кривична пријава, а не граѓанска. Секој што би направил вакво кривично дело против малолетник нека биде затворен, не се согласувате? – изјави Џеј Зи за „Ен-би-си Њуз“.
„Тие наводни жртви заслужуваат вистинска правда, ако е така“, додаде тој.
Базби поднесе неколку тужби за силување и злоупотреба против Диди во последните месеци. Ова е прва тужба во која се споменува друго име.
Пред да биде поднесена тужбата во неделата, Џеј Зи добил писмо од адвокатот за да го реши случајот. Како одговор на писмото, Џеј Зи поднел сопствена тужба против адвокатот на тужителот.
„Направивте ужасна грешка во проценката мислејќи дека сите познати личности се исти. Јас не сум од вашиот свет. Јас сум млад човек кој излезе од сиромашните квартови на Бруклин. Ние не играме вакви игри. Имаме многу строги правила и чест. Ги штитиме децата“, изјавил Џеј Зи.
Во тужбата се наведува дека тогаш 13-годишното девојче било силувано од Диди и Џеј Зи на забава по доделувањето на музичките видео награди на „Ем-ти-ви„ во Њујорк. Се додава дека пријател ја оставил на церемонијата на доделувањето на наградите во Radio City Music Hall. Потоа се обидела да дојде на афтер-журката и им пришла на некои од возачите прашувајќи дали ќе ја одведат.
Еден од нив, како што се наведува во тужбата, ѝ рекол дека работи за Комбс и дека таа „се вклопува во описот на она што го бара Диди“. Ја поканил на забавата и рекол дека ќе ја земе откако ќе ги остави Диди и Џеј Зи. Подоцна, возачот ја земал и по 20 минути стигнале до куќата, каде на влезот морала да потпише документ за кој верувала дека е договор за доверливост, но не добила копија. Се зборува дека во куќата имало многу познати личности кои консумирале марихуана и кокаин.
Таа тврди дека ѝ понудиле пијалок по што ѝ се „свртило во глава и требало да легне“ и отишла во својата соба да се одмори. Набргу потоа, во тужбата се наведува дека Комбс и Џеј Зи влегле во собата и Комбс рекол: „Подготвен си за забава“. Потоа, тврди таа, Џеј Зи се соблекол, ја држел надолу и ја силувал додека Комбс и една славна личност гледале. Таа тврди дека Комбс исто така ја силувал додека Џеј Зи гледал.
Во тужбата е наведено дека Диди се обидел и да ја принуди на орален секс, но таа успеала да го одбие удирајќи го со тупаница во вратот, по што тој застанал. По нападот, се наведува во тужбата, таа ја грабнала облеката и си заминала. Отишла на бензинска пумпа каде го повикала својот татко, се наведува во тужбата.
Џеј Зи додаде дека неговото срце се кине за неговото семејство.
„Мојата сопруга и јас ќе треба да седнеме со нашите деца и да ја објасниме суровоста и алчноста на луѓето. Само вашата мрежа на теоретичари на заговор, лажни пророци, ќе веруваат во идиотските тврдења што ги изнесовте против мене“, рече тој.