Дали сакате денот да го започнете со „акција под чаршафите“ или на ум ви се само кафе и појадок? Ново американско истражување открива дека тајната за повеќе енергија, подобра концентрација и можен напредок во кариерата можеби се крие токму во спалната соба.
Во модерниот свет опседнат со оптимизација и трикови за продуктивност потрагата по тајната формула за успех никогаш не престанува. Но што ако најефективниот поттик за подобар работен ден е поедноставен, попријатен и поблизок отколку што мислиме?
Студијата, која ја спроведе интернет-аптеката ZipHealth на примерок од илјада вработени Американци, откри изненадувачки силна поврзаност меѓу утринската интимност и деловната ефикасност. Резултатите покажале дека вработените кои практикуваат секс пред да одат на работа имаат значително подобри резултати во речиси сите аспекти од работниот ден.
Бројките не лажат: Поголема плата и напредување на работа
Податоците од истражувањето се убедливи. Дури 71% од испитаниците кои го започнуваат денот со интимен однос изјавиле дека се чувствуваат попродуктивно, 70% завршуваат повеќе задачи, а 58% пријавиле подобра концентрација. Но придобивките не се само субјективни. Изгледа дека утринската страст директно се одразува и на банкарската сметка.
Неверојатни 51% од оние кои практикуваат утрински секс добиле покачување во последната година, што е значително повеќе од која било друга група. Дополнително, речиси секој петти (19%) добил унапредување. Вкупно, речиси третина од работниците веруваат дека нивниот исполнет сексуален живот позитивно влијаел врз приходите и напредокот во кариерата. Овие резултати сугерираат дека придобивките од утринската интимност одат многу подалеку од само добро расположение.
Научно објаснување
Иако може да изгледа како случајност, научниците нудат конкретно објаснување зошто сексот позитивно влијае на работниот учинок. За време на интимниот однос, телото ослободува „коктел“ од хормони на среќа, вклучувајќи допамин, кој е поврзан со мотивацијата и системот на наградување, и окситоцин, познат како хормон на поврзаноста, кој го намалува стресот и создава чувство на смиреност.
Експертите објаснуваат дека овој хормонален поттик делува како природен антидепресив, правејќи нè поотпорни на секојдневниот стрес на работа. Студија спроведена од професорот Кит Левит од Универзитетот во Орегон потврдила дека позитивниот ефект врз расположението и работната ангажираност трае најмалку 24 часа. Вработените буквално доаѓаат на работа со повеќе енергија, полесно се справуваат со предизвиците и покреативно пристапуваат кон решавање проблеми.
