Со уметницата и фризерка Светлана Зуламоска Гроздановска од Кривогаштани, позната по тоа што прави извонредни уметнички дела со коса – и буквално сликајќи со коса!, овојпат зборуваме на празнична тема. Тема која не е поврзаната со косата.
Имено, нашата уметница денес ни дава корисни совети како да ги украсиме прозорците во весела празнична атмосфера!
Не плашете се, не трEба да бидете големи уметници за овој креативен потфат да ви биде успешен. Доволна ви е само желбата, креативниот дух, и – не заборавајте да се забавувате додека ги изработувате веселите фигури на вашите прозорци. Поканете ги и дечињата да учествуваат во ова суперзабавно украсување на домот. Сигурни сме дека мнооогу ќе им се допадне, а и тие ќе ве наградат со уште по некоја идеја.
– Декември ни е на прагот! Месецот на снегулките , на елките, на новогодишните празници.Месец во кој сите не потфаќа таа еуфорија на ,,празници се ближат’’… Во сета таа еуфорија секој од нас посакува на најубав начин да си го украси својот дом. Новогодишните сијалички се скоро неизбежен дел од новогодишниот амбиент на секој дом… Елката е кралицата, се разбира. Но нешто што привлекува многу внимание се нашите весели прозорци кои можеме да ги украсиме на најразлични начини. Со прекрасни форми на налепници во вид на Дедо Мраз, Снешко, елка, срнички, новогодишни ѕвончиња, и сите тие му даваат прекрасен амбиент на нашите весели прозорци – вели Светлана.
Она што неа ја инспирира и воодушевува се големите украсени излози во кои може да ужива со часови гледаќи ги.
– Но во сета оваа приказна уште и ако умеете да цртате, тогаш секој од нас може да си наслика прекрасна, волшебна атмосфера. Ни требаат боици и четки, и време е за уживање! – додава Светлана.
Најлесно за почеток нацртајте Снешко, тука сигурно нема да погрешите . Три бели топки една врз друга и оставете десетина минути да се исуши бојата. Потоа, малку портокалова боја за носот од морков и со мала четкичка нанесете точки кои ќе бидат копчиња. Верувајте ќе бидете изненадени од самите себе и ќе се инспирирате уште повеќе.
– Бојата што ќе ја користите може да биде темперна ако цртате во внатрешен дел од домот а ако сакате да цртате од надвор ќе мора да купите боја за сликање на стакло..И двете бои кога ќе сакаме да ги отстраниме треба само да ги натапкаме со жешка вода и да постои неколку минути и потоа лесно се одстранува со крпа за бришење… – објаснува уметницата Светлана.
Според неа, понекогаш и сами не сме свесни колку можеме да бидеме креативни сè додека не пробаме.
– Кога јас сликам на излог уживам во самата работа што ја правам, а ме води самото чувство на целта што сакам да ја постигнам, а тоа е бајката што ќе ја насликам…Чувството што го имам во таа приказна што ќе ја насликам е тој предизвик. Бидеќи уживам во тој предизвик и денот кога тоа го правам ми е волшебен како и самата приказна на излогот – завршува Светлана.