15.8 C
Скопје
10:11 - 24 април, 2024

РАЗГОВОР СО ИВАНА КНЕЗ: Не ми прави сенка додека греам, ќе те изгорам!

ивана кнез

Која е дизајнерката Ивана Кнез надвор од сценскиот живот? Иве, што си го сака семејството најмногу на свет, што обожава да готви, слабост ѝ се книги и кактуси, што до ден денес носи искинати пижами и различни чорапи и знае од нигде никаде да си пушти музика и да танцува сама во дневната соба. Сака патувања, обожава вино и убави сирења, обожава мириси кои ја врзуваат со спомени, мирис на море и звук на вода, месечина над некоја далечна планина, бакнежи и прегратки…Го сака животот, знае дека не е лесен, и вели дека таа најдобро од сите го знае тоа, но тоа го прави уште повреден за живеење.

Е, таа прекрасна Ивана, ни е денес соговорничка.

приватна архива

Не многу долго по завршувањето на Факултетот за уметности во Белград, се врати во Скопје и во 2009 година ја основаше својата модна марка. Одлично театарски „поткована“, сепак одлучи животната патека да ја насочиш кон модниот дизајн, односно, со основање на сопствен бизнис. Како се сеќаваш денес на тие смели почетоци и кои беа најголемите препреки на патот?

– Мајка ми знае често да ми искоментира, Ивана не поаѓај од себе, не се сите како тебе, ти си како коњ, жено влечеш и гледаш само напред. Да бидам искрена на голем дел и не се сеќавам, само знам дека не бев една од оние кои се финансиски со потковано минато, ниту пак искрено знаев што правам. Сè беше интуитивно и основано на чиста емоција, го правев тоа што најдобро го знаев, создавав. Препреки колку сакаш, што од околината која сè уште не е навикната на борци, што од државата која сè уште се бара каде и е местото во светот, па на карта, а ние смртниците носиме и влечеме товари на разноразни политичари, што од најблиските за кои беше лудост да се започне нешто на мој начин и под мои услови и правила. Да не навлегувам во тоа колку бев во тој даден момент во приватен хаос и целиот познат свет ми се превртуваше наопаку. И во моменти кога бев најдолу, кога мислев дека нема каде подолу, мајка мм ми велела „е па, Ивана остави, тргни се, доста е веќе.“ И секој пат тоа бил тригерот да се освестам и да станам и одново и поцврсто и посилно и понапорно да потегнам напред.

Жена – претприемач во еден, сè уште, бизнис машки свет. Има ли според тебе помрднување, напредок, на темата жената во биснисот од пред десетина години до денес?

– Никаков, до ден денес секој состанок со маж е со негово очекување дека ќе завршиме во кревет. Не знам кого да обвинам за тој дел што до ден денешен перцепцијата за една визуелно средена жена со амбиции по дефолт е преточена во финансиски спонзор или опција за во кревет. Дали се тоа жените кои така ги научија мажите или мажите за кои не постои поинаква опција за комуникација со жена, сè уште не можам да одгатнам каде лежи зајакот. Сè уште глобално мажот е носителот на бизнис и сè уште ние сме емотивни и непостојани, водени од ПМС и внатрешен немир. И не велам дека не се во право, и тоа како знам да се исплачам после лош состанок, ама одлуката ја носам откако ќе ми помине, на преспиено и со трезвена глава. И ако сум во право, едноставно ќе те изедам.

Кој повеќе ти помогнал во животот во клучни мигови, мажите или жените?

– Во тој дел не правам така драматична поделба, луѓето ги делам на добри и лоши, не водам евиденција кој повеќе или помалку застанал покрај мене. Ми помогнале луѓе од кои најмалку сум го очекувала тоа. Непријателите се често вашите пријатели, оние кои се најблиску до вас, за жал, и најголемите сопки и убоди доаѓале од тој што стои покрај тебе. Но тоа не е причина да свртиш грб или да се откажеш, јас велам продолжи напред, секогаш ќе има луѓе кои кога ќе пораснат ќе сакаат да бидат Ивана Кнез. И можеби еден ден ќе успеат во тоа. Можеби.

фото-приватна архива

На што креативно си фокусирана во моментов?

– На себе. На сопствениот живот и на тоа да го живеам секој ден како да нема утре. Се „утепав“ од планирање во изминативе десетина години, само за да дознаам на најтешкиот можен начин дека најубавото ти е под нос, дека најголемото е во тебе и дека најскапото нема материјална вредност. И сега само јас и моите блиски ми се важни, се обидувам да надокнадам за изгубено време и да си докажам дека во животот секој даден миг е креација од која можеш да доживееш волшебен и незаборавен безвременски миг.

Направи драстична трансформација во изгледот откако „стопи“ повеќе килограми за краток период. Практикуваше диета или вежбање? И како „новата“ Ивана денес ја одржува својата форма?

– Не е баш краток, ми требаа скоро две години за таа драстична трансформација, не брзав никаде, си дадов време и си ветив резултати. Пробав сè овоземски од режими и исхрани и истото го сторив и со тренинзи. За на крај да сфатам дека сè е баланс, дека на еден активен човек му е потребно сè, и квалитетна балансирана храна, и активни вежби според лични потреби на телото, и секс, и прошетка во природа, и пијани ноќи кои половина не ги паметиш, и книги, и филм и тетар и сето она што го чини современиот свет убав и незаменлив. Сега вежбам кога сакам, трчам, јадам балансирана храна која е со средна калориска вредност, но и тоа како си дозволувам луксуз на парче торта или топол леб со сирење и домат.

фото – приватна архива

 

Како жена со истенчен вкус, што им недостига, според тебе, на Македонките во модните изгледи?

– Храброст и да се тргнат од општествените стеги дефинирани како туѓо мислење за вас. Едукација и љубопитност, смелост и глад за ново. Сè додека ви е поважно како другите ве перцепираат вас, сè дотогаш нема да имате идентитет, ќе живеете туѓи животи од Инстаграм и ќе изгледате просечно, често и незабележливо. Неколку пати сум била во ситуација да ме снема, и само едно можам да ви кажам, животот е прекрасен и само ваш, ако денес ти се носи зелена перика, нека ти ја – твоја е, и само твоја. Но, биди спремна да има зелени коментари за истата и сметај на тоа дека нема на сите да им се допадне. Тајната за среќа е во тоа тебе ама баш ич да не ти е гајле за нив.

Која наша девојка или жена од јавниот живот ти е инспирација?

– Секоја жена ми е инспирација, мајка ми отсекогаш и засекогаш, секоја моја клиентка која ќе ми прати срамежливо фотографија од себе во моја креација, секоја жена на улица која не изгледа како другите, секоја жена која не се срами од себе, заносно чекори на некој тротоар во високи потпетици и секоја жена која одлучува да создава наместо да уништува. Не сакам зајадливи, исфрустрирани и очајни жени кои својот неуспех го проектираат во туѓиот успех, не ми прави сенка додека греам, ќе те изгорам.

фото – приватна архива
фото приватна архива
фото-приватна архива

Слични објави

(Фото) Еве како изгледа Мина Наумовиќ еден месец по породувањето: Прво јавно појавување на водителката и Огњен Амиџиќ

Еспресо

Ин мемориам: Почина Антон Андов, уредник на постпродукција на „Слободен печат“

еспресо

(Видео) Во секси аутфити: Тамара Тодевска и Јанг Дади ја објавија песната „Его“

Еспресо

„Се степав на училиште поради мајка ми“: Анастасија Ражнатовиќ си ја отвори душата за најтешките моменти од детството

Еспресо

(Видео) Брејк отиде во народњаци, отвора радио „Естрада“: Ќе се занимава со народна музика

еспресо

Трамп против порно-актерката: Прв дел од судењето

еспресо
Се вчитува....