17.8 C
Скопје
22:39 - 29 април, 2024

ЖИВОТНА СТОРИЈА Николовски: Дислексијата за нашето дете е своевиден дар

Дислексијата не е проблем, таа е своевиден дар за нашето дете. Дислексијата многу, некако својствено, ѝ помагаше на нашата ќерка во цртањето, во ликовната уметност која нашето дете многу ја засака и ден денес ја практикува. Токму поради овие две комбинации, нејзиното средно образование е во областа на мултимедијата. Ова го велат Бојан и Соња Николовски, родители на младата скопска средношколка Ана, која е дислексична.

Семејството Николовски ни го раскажаа нивниот изминат „дoсегашен пат“ со дислексијата. Неупатените велат дека дислексијата е болест, не знаејќи дека тоа е состојба, но за нив, тоа е само таканаречен „проблем“ кој со тек на времето само станува заборав.

– Денеска за дислексијата и за дислексичните деца се збори и многу се пишува. Тоа е многу добро. Велат добро, бидејќи многу може да им помогне на сегашни и идни родители на време да откријат или да констатираат евентуални сличности кај нивното дете и на време да и се посветат на дислексијата, да не ги изодуваат нашите маки, кои ги минавме додека сосема случајно не откривме дека детето ни е дислексично. Вистина е дека дислексијата кај нашето дете не беше откриена од медицински лица. Мојата потрага и читање на интернет за разни медицински состојби како кај моето дете, ми ја откри дислексијата, која подоцна, преку тестови и прегледи од страна на медицински лица само беше утврдена и дијагностицијарана – вели Соња Николовска.

Бојан Николовски посочува дека изминале долг и тежок пат додека да утврдиле дека нивното дете има дислексија. Долг временски период талкале низ државните здравствени институции кои не можеле на време да откријат која е маката на нивната ќерка.

Првите проблеми, вели Бојан, нивното дете ги имало уште во прво одделение, кога започнала наставата за читање и пишување. На почетокот мислеле дека детето е мрзеливо, дека за одреден период ќе се опушти, ќе прифати дека училиштето не е градинка и сè ќе биде во ред.

– Имаше проблеми со читањето и пишувањето. Читаше споро, а пишувањето на буквите и беше развлечено. Побаравме совет, па бевме пратени на логопед. Долго време посетувавме логопед, но напредок немаше. Проблемот се зголеми кога детето веќе беше трето оддделение. Почна нешто да ме „јаде“ од внатре дека има нешто плус што ние не го знаеме, што го мачи детето. Седнав и започнав да сурфам на интернет. Читав разни форуми, нечии искуства и медицински примери. Во еден од низата текстови наидов на дислексија. Кога го прочитав општиот дел што е што, одма ми „светна“ дека сите набројани примери и да речам „симптоми“ нели, се исти како во нашиот случај. Го однесов детето на преглед на Детска клиника. Две докторки направија низа тестирања, разговори, проверки и на крај ми кажаа дека тестирањата утврдиле дека таа е е натпросечно интелигентна, дека е дислексична, и ми го „открија“ тоа што го знаевме, дека има проблем со читањето и паметење на наставата – вели Соња Николовска.

Нејзиниот сопруг додава дека за нивна среќа, наставничката на нивната ќерка била со големо искуство и многу ѝ помагала на Ана во совладување на наставната содржина до петто одделение.

– Бидејќи имаше проблем со совладување на лекциите, а читањето ѝ беше проблем, ни беше советувано, па започнавме да практикуваме, лекциите најпрво да и ги снимаме на диктафон, за да може таа потоа да ги преслуша, а потоа и да ги научи. Таа пракса даде резултати. Во сето тоа, во периодот од предшколската и во првите пет години од деветтолетката, увидовме дека детето е доста талентирано за цртање, за изработка на рачно правени предмети од пластелин и глина, нешто што од занимација, со тек на годините кај неа прерасна во голема страст кон уметноста, а математиката и стана „слаба страна“ – вели таткото на Ана.

Нејзината мајка додава дека Ана има одлична фотомеморија.

– Велат дека тоа е предност кај сите дислексични. Ана сега е втора година гимназија. На пример, за предмети по хемија или физика зема приватни часови. Некој пример кој ќе и биде објаснет, да речеме како нацртан, така го запаметува што нема шанси да го заборави. Образовниот систем во земјава има осмислено посебна програма за ученици кои се дислексични. Но, за жал, на дело таа не се практикува. Извесен период Ана имаше желба средното образование да го продолжи во уметничкото училиште во Скопје, но со тек на времето и дигитализацијата, се одлучи да оди во гимназија каде има и мултимедијални училишни предмети. Бидејќи немаше доволно поени за да биде примена во гимназијата која ја одбра, се запиша во групата за деца со посебни потреби. Така кај нас се води дислексијата. Ни беше кажано дека за неа ќе има посебна програма за школување, но тоа остана само на зборови. Сега е втора година. Од таа програма засега ништо. И ден денес, за предметите кои и се проблем, користи приватни часови, лекциите ги снимаме и исто така ги преслушува – вели мајката Соња.

ФООМ промовираше веб страница прилагодена за лица со дислексија

Неодамна, Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) ја пушти во употреба својата нова веб страница надградена со нов изглед и нови функционалности кои ќе им помогнат на лицата со дислексија лесно и едноставно да ги читаат веб содржините.


Инспирирани од новиот кирилски фонт DyslexicFZF тимот на ФООМ на својот веб-сајт додаде копче во горниот десен агол кое целиот сајт го трансформира во наведениот фонт. Исто така, покрај менувањето на фонтот, додадена е уште една функционалност кој ќе го олесни читањето кај лицата со дислексија, односно копче за зумирање на веб содржините.

– Новиот веб-сајт на Фондацијата Отворено општество – Македонија, го подготвувавме подолго време, сакавме истиот да има што е можно повеќе функционалности кои ќе го направат лесно достапен за што е можно повеќе граѓани. Фондацијата е посветена на создавање отворено општество во кое сите ќе имаат еднакви можности да ги искористат своите потенцијали, и тоа се трудиме го рефлектираме во сите наши активности – изјавија од Фондацијата.

Здружението за дислексија Ајнштајн, во рамки на проектот „Младинска информираност за дислексија” финансиски поддржан од Европската Унија, објавува јавен повик за учество на 80 студенти кои што ќе учествуваат на бесплатен интерактивен тренинг за препознавање на дислексијата, методите за нејзина корекција и ефектите кои таа ги има врз психичкото здравје кај лицата кои се соочуваат со дислексија. Тренинзите ќе се спороведуваат во период од 2 месеци, односно од почетокот на месец март до крајот на месец април 2020 година.

На претстојниот курс-тренинг може да се пријават сите студенти на возраст од 18 до 27 години од следните факултети: Филозофски факултет- Скопје (УКИМ), Педагошки факултет “Св. Климент Охридски” – УКИМ, Медицински факултет – УКИМ, Факултет за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ.

Заинтересираните млади лица потребно е да го пополнат образецот за пријавување даден на линкот подолу и да го поднесат најдоцна до 21 февруари 2020 година до 17 часот. Селекцијата на учесниците кои што ќе поднесат пријави ќе биде извршена од страна на тимот на Здружението Ајнштајн најдоцна до 28 февруари 2020 година.

 

The post ЖИВОТНА СТОРИЈА Николовски: Дислексијата за нашето дете е своевиден дар appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....