Потребно е и одговорно е да се најде решение за изборите да се одржат пред почетокот на летото, најмногу заради здравјето на луѓето. Затоа, нашата, мојата порака е: изборите се решение, а не проблем. Спроведувањето на изборите бара внимателност и одгoворност од секој од нас, при што јасно е дека изборите се единствениот демократски механизам граѓаните да го вратат легитимитетот на законодавната и извршната власт, порача денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев од Струмица, каде одржа работна средба со кандидатите за пратеници од изборна единица 4.
Додаде дека изборите се потребни да се обезбедат целосно функционални институции, кои ќе го штитат здравјето на граѓаните и кои ќе обезбедат целосен рестарт на македонската економија. Затоа, изборите треба да се одржат во првиот можен термин, согласно законските можности и според состојбата со епидемијата. Повтори дека изборите треба да се одржат со сите мерки на заштита и без масовни настани.
-Северна Македонија мора подготвено и со сто проценти капацитет на инстутициите да го дочека септември. Да бидеме целосно подготвени за уште поефикасно справување со последиците од досегашниот тек на пандемијата и со очекуваниот нов бран на вирусот, подвлече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Истакна дека СДСМ сака избори на кои ќе учествува опозицијата.
-Ние имаме силен демократски капацитет и како досега ќе направиме се опозицијата да си ја преземе својата одговорност. Заврши времето кога опозицијата, во тоа време СДСМ, дознаваше од телевизија кога ќе се одржат изборите. Се разбира, доколку ВМРО ДПМНЕ одлучи да го кочи овој неопходен демократски процес ние нема да имаме избор освен да ги почитуваме законските рокови за изборниот процес, рече Заев.
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија уште еднаш аплираше до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита, бидејќи тоа е единствниот начин да се спречат пикови на заразата.
The post Заев: Изборите се решение, а не проблем appeared first on Слободен печат.
Заев: Изборите се решение, а не проблем was first posted on мај 23, 2020 at 2:10 pm.