3.8 C
Скопје
03:50 - 17 ноември, 2024

За што служи бојкотот кога, притоа, и не функционира?

Има такви некои луѓе, чие име или презиме ќе се „откачат“, па ќе станат заедничка именка. Кога и да било, речиси каде било во светот, кога некој меѓу две кришки леб ќе стави нешто сувомеснато, малку сирење или што и да било друго, тоа ќе се нарече по еден дамнешен англиски благородник. А, исто така, кога некој во нешто демонстративно не сака да учествува, ќе се повика, често и без да знае, на капетанот Чарлс Канингам Бојкот (1832-1897) чие делување во Ирска во претпоследната деценија на 19 век резултираше со тоа што неговото презиме ќе влезе во многу светски јазици како заедничка именка или глагол. Секој бојкот, секое бојкотирање, етимолошки потекнува од односниот господин.

Кога во јуни годинава во Србија се одржуваа општи парламентарни избори, еден дел од опозицијата реши да ги бојкотира. Кога деновиве се формираше Владата во Србија, во која, практично, влегоа сите парламентарни партии со исклучок на некоја од малцинските, па се испостави дека во Србија веќе нема парламентарна опозиција, некои тоа го прогласија за „победа на бојкотот“. Меѓутоа, тешко е на тоа така да се гледа. Меѓународната заедница, колку за пример, со ништо не покажа дека изборите ги смета за проблематични, како ни дека новата влада ја сметаат за нелегитимна, па во таа смисла секоја идеја за наводниот триумф на бојкотот е прилично натегната.

Потполно отсутство на каква било стратегија

Веќе знаеме дека земјите на Западниот Балкан во многу нешта функционираат како врзани садови. Не требаше долго да се чека идејата за бојкот да се појави во контекстот на БиХ. Во едно неодамнешно интервју на Милорад Додик, тој најави дека „Хрватите се подготвуваат на бојкот на изборите за две години од сега“, додавајќи дека тој има разбирање за тоа. Иако блискоста помеѓу Додик и Драган Човиќ со години е веќе општо место, ова можеби е најочигледен пример досега дека Додик попрецизно и подиректно го артикулира она што кај ХДЗ во БиХ евентуално допрва се разгледува или се подготвува во тајност.

Во едно неодамнешно свое интервју, пак, Жарко Пуховски извонредно го портретираше Човиќ: „Што се однесува до Човиќ, тој некогаш беше член на УЈДИ, денеска е член на ХДЗ, што веќе е доста интересно. Од друга страна, тој е човек кој инсистира на својата образованост, на тоа дека е професор доктор, почесен доктор на Загрепскиот универзитет и.т.н., кој знае пристојно да се постави во некои дебати, но кој го дели со Изетбеговиќ потполното отсуство на каква било стратегија. Тој себеси се смета, делумно и со право, со оглед на политичката ситуација, за предводник на хрватската компонента во Босна и Херцеговина. Но, идејата за тоа што би се случувало со таа компонента; сака ли тој, да речеме, навистина да ја добие БиХ во три федерални единици, кога се веќе три народи, што може до некоја мера и да се брани, иако има непријатни политички импликации; каков е, всушност, неговиот став кон Херцег-Босна, тоа е нешто што, просто, не може да се протолкува. (…) Тој има само една особеност, која е, истовремено, во овој момент можеби позитивна, но е резултат од немањето стратегија, а тоа е што кај него многу ретко ќе чуете радикални тези. Тој е човек кој секогаш ќе каже: Да, знаете дека хрватскиот народ, како народ што е малоброен (во БиХ), тешко ја поднесува оваа ситуација со Изборниот закон, но јас сум последниот кој од тоа би изведувал такви последици за одбивање на соработката, или така нешто. Значи, тој го има тој внимателен пристап, што во овој момент, според моето мислење, е релативно позитивно, затоа што не дотура масло на огнот, иако баш и не го гаси.“

Сосема сообразно со „внимателниот пристап“ за кој говори Пуховски, самиот Човиќ (сè уште) не зборува за бојкот, иако е прилично очигледно дека се плаши од можноста на избори за две години да се оди со истиот Изборен закон што е сега на сила. Имено, ако биде така, не само што е извесно дека Жељко Комшиќ, доколку се кандидира, што е прилично логично да се очекува, повторно ќе влезе во Претседателството на БиХ, туку е и многу можно партиите кои самите себе се нарекуваат пробосански, да направат калкулација со сопствени кантонални изборни листи за така да му оневозможат на ХДЗ од БиХ да го контролира мнозинството во Домот на народите во Федерацијата БиХ.

Во таа смисла, бојкотот веројатно би требало да биде закана што би морала да ја натера СДА да се согласи на барањата на ХДЗ за новиот Изборен закон. Сепак, судејќи според сè, ова е закана со празна пушка, бидејќи, всушност, со таков бојкот ХДЗ во БиХ тешко дека би постигнала нешто посебно многу.

Само во Хрватска

Имено, освен во Република Хрватска, изборот на Жељко Комшиќ никој ни де факто, ни де јуре, не го оспорува. Затоа е тешко да се очекува дека меѓународната заедница ќе има проблем доколку наредните избори се одржат со истиот Изборен закон, особено што во услови на пандемија е нереално да се очекува дека промената на Изборниот закон на време ќе дојде на дневен ред за дискусија.

Доколку ХДЗ на БиХ не излезе на избори, она што само е можно, во практика ќе стане и извесно: Домот на народите на Федерацијата БиХ ќе биде формиран така за ХДЗ на БиХ да не може да го контролира. И не само тоа, туку при бојкот и новите кантонални власти ќе се формираат без ХДЗ на БиХ. Како во времето на Алијансата за промени, не е баш втемелено уверувањето дека меѓународната заедница тие и таквите власти би ги сметала за нелегитимни.

Од друга страна, Човиќ и ХДЗ на БиХ секогаш можат да кажат дека изјавата на Додик е плод на некое недоразбирање и дека тие навистина не мислат да одат на бојкотирање на изборите. Доколку целата оваа работа не е чист „пробен балон“, тогаш е варијанта на „ако помине – помине“. А, сепак, доста е очигледно дека нема да може да помине. Што повторно е илустрација за тоа дека ХДЗ на БиХ баш и не е во позиција од која може да уценува.

Кој е Драган Човиќ?

Драган Човиќ/ Фото: EPA-EFE/KOCA SULEJMANOVIC

Драган Човиќ (роден во Мостар во 1956 г.) е Хрват кој во босанско-херцеговската политика вршел значајни функции. Бил член на Претседателството на БиХ од 2014 до 2018 г. (и пред и по него таа функција ја врши Жељко Комшиќ), а претседател е на ХДЗ на БиХ од 2005 година и член на Домот на народите на БиХ од 2011 до 2015 г. Во периодот 2002-2005 г. бил хрватски член на Претседателството на БиХ, сменет од таа функција со одлука на високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ. Од 1998 до 2001 г. бил министер за финансии и потпретседател на владата на БиХ.

Заради својата поддршка на уставните промени во БиХ во 2006 г. влезе во судир со тогашниот хрватски претседател на владата Иво Санадер, кој се обиде да го прошири своето влијание врз ХДЗ во БиХ. Во такви околности дојде до голем раскол во босанската ХДЗ, што сепак заврши со зачувување на водството на ХДЗ во БиХ во хрватската политичка заедница во БиХ.

Пренесено од „Ослобоѓење“ од Сараево

The post За што служи бојкотот кога, притоа, и не функционира? appeared first on Слободен печат.


За што служи бојкотот кога, притоа, и не функционира? was first posted on ноември 7, 2020 at 6:30 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....