1.8 C
Скопје
23:34 - 21 декември, 2024

Вонредната состојба ќе ги одложи изборите

Вонредната состојба во Македонија ќе продолжи. Министерот за здравство Венко Филипче вчера рече дека Комисијата за заштита од заразни болести смета дека треба да биде продолжена вонредната состојба и тоа ќе биде предложено на денешната седница на Советот за безбедност што ја свика претседателот Стево Пендаровски. Се очекува Владата да упати предлог до шефот на државата, а тој да го прифати и да донесе трета одлука за прогласување на вонредната состојба, но неизвесно е дали и овој пат ќе трае 30 дена или помалку. Иако при носењето на втората одлука за вонредна состојба Пендаровски нагласи дека ќе размисли дали ќе ја прогласи и по третпат, извесно е дека ќе го стори тоа со оглед на консензусот помеѓу политичките партии дека во овој момент приоритет за сите е здравјето на граѓаните.

Од времетраењето на третата одлука за вонредна состојба, зависи и датумот кога ќе продолжат изборните активности за предвремените парламентарни избори, кои со Уредба со законска сила на 22 март беа замрзнати на еден ден пред почетокот на кампањата и на 22 дена пред гласањето. Според толкувањата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кои ги кажа по лидерската средба пред три дена, ако утре не биде прогласена вонредна состојба, изборните активности треба да продолжат веднаш од следниот ден и да се гласа на 8 јуни, што е прерано, па затоа не е исклучено вонредната состојба да се продолжи додека не биде постигнат политички консензус за датумот за избори.

Крајот на вонредната зависи и од датумот за избори

Министерот Филипче рече дека има повеќе причини поради кои ќе побараат продолжување на вонредната состојба.

– Потребно ни е да се продолжи вонредната состојба затоа што дел од мерките важат само за време на вонредната состојба. Многу е битно тие да важат и натаму. Важно е да имаме инструменти во рацете и да работиме со овие механизми, во однос на рестрикцијата на движење, важноста на уредбите итн. Потребни ни се инструменти со кои препораките на Комисијата за заразни болести ќе можат да се имплементираат преку Владата – рече вчера Филипче.

Важноста на втората одлука на претседателот е до 16 мај, а без трета одлука повеќе нема да може да има полициски час и ќе престане важноста на владините уредби со законска сила.

Исто така, додека политичките партии не договорат датум за одржување на парламентарните избори, не може да се очекува дека вонредната состојба ќе заврши. Лидерите на партиите следната недела повторно ќе одржат состанок кај претседателот, на кој освен договор за датум за избори, се очекува да се расчистат и серија правни дилеми околу кои има партиски несогласувања, како таа дали изборите се прогласени или не и дали спикерот Талат Џафери треба да го поништи решението со кое изборите беа распишани на 12 април или изборните процеси ќе продолжат автоматски по завршувањето на вонредната состојба.

Државната изборна комисија, чии членови деновиве даваа спротивставени изјави за тоа дали изборите треба да почнат од почеток, вчера изгради усогласен став околу продолжувањето на изборниот процес и затворањето на Избирачкиот список и му го испрати на претседателот Пендаровски. Според ДИК, сите одлуки што треба да се донесат во врска со предвремените избори и продолжување на изборниот процес, треба да бидат во согласност со Изборниот законик и постојните закони.

– Комисијата смета дека Избирачкиот список мора да се преработи во согласност со технологијата за негова обработка, која е опишана во ИЗ и со точно пропишани рокови. Владата мора да донесе правен акт по кој Комисијата ќе постапува, во кој што ќе бидат вклопени и активностите поврзани со Избирачкиот список – изјавиле членови на ДИК за МИА.

Дерковски: Не потпишувам незаконски ажуриран список

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски вчера рече дека внимава да ги следи законските прописи и да не излезе од таа рамка, затоа што само на тој начин ќе има успешен изборен процес. Според него, избори оваа година секако ќе има и мора да се одржат до декември, до крајот на мандатот на претходниот пратенички состав, кој се самораспушти во февруари.

– Сега настапи ситуација што досега не била и ние како ДИК се прилагодуваме на препораките на здравствените комисии. Сите земји што имаа закажано избори, се прилагодуваат на можните спроведувања. Некои експериментираа со гласање по пошта, со електронско гласање, но во мнозинството држави изборите се одложуваат – рече Дерковски за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Тој рече дека внимателно ги слуша изјавите на политичарите во врска со изборите.

– Мислам дека тие не се запознаени со техниката на обработка на Избирачкиот список. Од тие причини велам дека Избирачкиот список, кога и да се изборите, ќе го добиеме во иста форма како што го добиваме секогаш откако ќе го дознаеме датумот на изборите. Добиваме суров материјал, кој наредниот ден се декриптира. Затоа велам дека за оваа операција се потребни помеѓу 45 и 50 дена. Јас ги разбирам политичарите и нивните мотиви, но јас морам да го почитувам законот. Како претседател на ДИК можам да бидам надгласан од другите членови, но Избирачкиот список се потпишува од сите членови на Комисијата и откако сите ќе се потпишат, тој се заклучува и се оди на избори. Јас таков список нема да потпишам – рече Дерковски.

Според него, прво треба да биде одреден датумот за гласање, па тогаш да доврши обработката на Избирачкиот список.

Според заклучокот што го донесе ДИК на 22 март, изборните процеси се прекинуваат со владина уредба, а ќе продолжат кога Владата ќе им достави нова одлука. Сите дотогаш преземени предизборни дејства се важечки.

„Сите преостанати дејства што произлегуваат од Изборниот законик, ќе бидат предвидени во ревидираниот роковник што ДИК ќе го донесе веднаш по укинувањето на вонредната состојба и донесувањето на новата уредба на Владата за изборниот процес“, се вели во заклучокот на ДИК.

Заев: Вонредната состојба ќе се продолжи поради економската криза

Претседателот на СДСМ Зоран Заев вели дека е можно вонредната состојба да се прогласи по третпат и тоа пред сѐ поради економските импликации од здравствената криза.

– Иницијативата за прогласување вонредна состојба беше поради економските импликации, за да може Владата да носи уредби со законска сила и да им помогне на граѓаните, на стопанството, но и поради здравствената состојба. Сите мерки во врска со ограничувањата не се уредби со законска сила, туку се одлуки на Владата. Уредбите најмногу се однесуваат на економските импликации, така што ако биде продолжена, тоа ќе биде поради економските импликации. Ако, пак, не биде продолжена, тоа ќе биде поради тоа што повеќе нема економски причини за тоа – рече Заев во гостување на Телма.

Тој посочи дека единствениот механизам за изборите е уредбата со законска сила која е поврзана со завршувањето на вонредната состојба.

– Само претседателот на парламентот распишува избори. Тоа решение е сега замрзнато, додека трае вонредната состојба. Штом заврши, се одмрзнува и остануваат уште 22 дена до изборите. Логиката ми кажува дека ќе има продолжување на вонредната состојба поради економски, веројатно и здравствени причини и на крајот поради правно-формални – рече Заев.

СДСМ инсистира следната недела да се одреди датум за избори

Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски вчера повтори дека секоја одлука и политика на СДСМ е исклучиво во функција на граѓаните и во интерес на државата, а секое одлагање на изборите подалеку од крајот на јуни е туркање на земјата во голема политичка, економска и здравствена криза.

– Сите досегашни параметри укажуваат дека епидемијата со коронавирусот е ставена под контрола, а македонското јавно здравство одлично се справи со досегашниот тек. Го заштитивме здравјето на граѓаните и ја вративме довербата во институциите. Веќе го живееме новото нормално. Време е таа нова нормалност на здравствен, економски, но и демократски план да ја обезбедиме. Потребни се избори во првиот можен термин. Предвремените парламентарни избори кои веќе се распишани и еднаш одложени, треба да се одржат во првиот можен термин, а предизборната кампања да биде усогласена со заштитните протоколи и епидемиолошките стандарди, особено денот на изборите. Ние сакаме избори кога вирусот е најмногу под контрола, со највисоки мерки на заштита и без ризик по здравјето, со цел да воспоставиме нормална работа на Собранието и на Владата и да можеме да се втурнеме со сите сили во рестарт на економијата – рече Николовски.

Тој ја обвини ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски дека бегаат од избори и се плашат од соочување со граѓаните.

– Нема да дозволиме нивното неодговорно однесување да ја втурне земјата во лош правец. Исто како што не дозволивме тоа да се случи и за време на здравствената криза. Следната недела нема бегање, одредуваме датум за избори – рече Николовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека Зоран Заев не го интересира ниту здравјето на народот ниту економијата.

„Владата предводена од СДСМ не успеа да го заштити здравјето на граѓаните, а за тоа говорат бројките на новозаболени. Нема ниту навремен скрининг на населението што е клучно за креирање на соодветни здравствени политики. Владата предводена од СДСМ ниту во делот на економијата не постапи соодветно и навремено. За тоа говори малиот број правни субјекти кои ги користат понудените мерки од Владата за справување со последиците од коронавирусот. За тоа говори бројката на отпуштени работници. Заев би го жртвувал и здравјето на граѓаните, само за да извлече политички бенефит“, се вели во партиското соопштение.

The post Вонредната состојба ќе ги одложи изборите appeared first on Слободен печат.


Вонредната состојба ќе ги одложи изборите was first posted on мај 15, 2020 at 8:56 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....