И додека светот полека почнува да се подготвува за тоа што се нарекува „нова нормалност“, ние веќе сме спремни за старата ненормалност – избори! Се разбира, за некои политичари и нивните политички партии, таа ненормалност никогаш не беше нарушена. Тие, уживајќи во дебелите буџети, со парите од граѓан(к)ите, а секако и во црните пари од странство, не застанаа со кампањата, таква каква што единствено знаат да водат – црна. Колку таа кампања е пукање во сопственото колено, а колку е делотворно за гласачите, ќе каже изборниот резултат летово. Летово? Како тоа, летово? Значи, навестувањата во медиумите и шушкањето во валканите електронски биртии Фејсбук и Твитер се точни? Замислете, да. За тоа има повеќе причини.
Според епидемиолозите, можно е да имаме нов пик на пандемијата веќе наесен, најверојатно во октомври или ноември. А тоа ќе значи построги мерки за социјално дистанцирање, затворање на институциите, продавниците, рестрикции во сообраќајот, самоизолација… Во меѓувреме, состојбата со коронавирусот ќе почне да се нормализира веќе кон средината на мај – ќе се укине вонредната состојба, ќе станеме „нормални на нов начин“. Веќе во втората половина на јуни, ситуацијата со коронавирусот во нашата земја ќе биде под целосна контрола. Ете, тоа е времето за одржување парламентарни избори за оваа година. Што порано, тоа подобро. Секако, во координација со епидемиолозите.
Значи, избори во јуни… Предвремени, се разбира. Со сите одлики на старата добра ненормалност…
Државната изборна комисија веќе кажа, изборниот процес е застанат на 24 дена пред денот на гласањето, така што, можеме да очекуваме партиските лидери да се согласат за датумот веќе деновиве. Откако Талат Џафери, со поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ одби да го реактивира Собранието од познати причини, сега преостанува само старата ненормална практика на договори меѓу лидерите за суштински национални прашања.
Во моментов, никој не се осмелува да проговори конкретно за датум за избори. Кој и да спомне избори сега, веднаш ќе наиде на дискредитација од противничката страна, па така сите изјави на оваа тема наликуваат една на друга. Во секој случај, ВМРО-ДПМНЕ никако не сака избори, барем не додека не ја санира тешката штета од неуспехот на црната пропаганда за време на најтешките денови на пандемијата. Впрочем, уште во октомври минатата година, кога Зоран Заев повика на брзи избори, дадоа сѐ од себе да ги одложат. Истото може да се очекува и сега.
За избори, изборот е прилично ограничен – или крајот на јуни или догодина, кога можеби повторно ќе се нормализира состојбата со коронавирусот. Нема поинакво решение.
„Електронизирање“ на изборниот процес е можно. Ресурси за тоа има. Постојат онлајн-платформи и софтвери за спроведување на изборите по електронски пат. Со сериозна стручна контрола, изборниот процес може лесно да се пресели во виртуелниот свет. Се разбира, секогаш постои ризикот од „кршење“ на електронските гласачки кутии со сајбер-напади и хакирање, но и тоа може да се спречи. Значи, не е прашањето дали имаме капацитет да одржиме електронски парламентарни избори (секако да), туку дали за тоа постои законска рамка. За таква „тектонска“ изборна реформа е потребен функционален парламент, јавна и стручна дебата, процес…
Значи, избори во јуни, со што е можно поголема социјална дистанца меѓу гласачите, но на традиционален начин. Одбројувањето може да почне. Во новата нормалност, со старата ненормалност. Нека ни е со среќа!
The post Во новата нормалност, со старата ненормалност appeared first on Слободен печат.