После долги години, ова лето во земјава, освен мали и локални пожари каде се регистрирани запалени локални депонии или сува трева, за среќа нема многу работа за пожарникарите како што беше случајот изминатите лета. Но, опасноста од пожари постојано демне. Од денеска па се до петок Македонија ќе биде под влијание на многу топла воздушна маса, со што дневните максималните температури насекаде ќе бидат над 30 степени, а во југоисточните делови од земјава ќе достигнат и до 40 степени и целата територија на државата ќе биде зафатена во жолта (алертна) фаза.
Екипите кои се дел од екипажите на македонските „ер трактори“ чијшто капацитет на резервоарите за вода е до три тони, деновиве за празниците се во состојба на готовност за евентуална воздушната поддршка на земните екипи доколку има потреба, вели за „Слободен печат“ директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џаферовски.
Тој додава дека противпожарните авиони сега се во состојба на готовност бидејќи три години по ред тие се сервисираат на време, во есенскиот период, кога во земјава завршува сезоната на шумски пожари.
– Дежурните екипи ќе бидат на готовс од сабајле до зајдисонце. Воздухопловите се спремни и на време сервисирани, а екипите се спремни за евентуално делување. Во случај на шумски пожар, интервенираат екипите од шумските стопанства, како и екипи од локалните противпожарни единици и „Македонски шуми“, а последни во низата се воздухопловите кои се користат за интервенција само во непристапни терени и за помош на земските сили за намалување на интензитетот на пожарот, односно негово таканаречено „отсекување“, спречување тој да се прошири – вели Џаферовски.
Четиринаесет противпожарни единици влегуваат во составот на републичките сили кои во случај на голема катастрофи (меѓу нив и големи пожари) се под надлежност на ДЗС. Овие единици се додека не се под надлежност на ДЗС се под надлежност на локалните самоуправи кои се грижат за нивната материјална и техничка опременост.
Вчера вечер над скопското село Арачиново вечерва избувна пожар. Гореше депонијата, а пожарникарите интервенираа со две возила. Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски изјави дека пожарот бил пријавен во 20.10 часот и оти на терен се испратени осум пожарникари. Пожарот доцна во ноќта беше локализиран.
Околу 6 часот утрово изгаснат е големиот пожар кој избувна вчера попладне во месноста Ташли Баир над селото Едрениково, во општина Василево, информираше командирот на Територијална противпожарна единица на Струмица, Александар Гудев.
-Синоќа околу 23 часот пожарот беше ставен под контрола и во текот на ноќта и во раните утрински часови успеавме да го изгаснеме, рече Гудев.
Во гаснењето на пожарот учествуваа шест противпожарни возила и 25 пожарникари. Синоќа пожарот се префрли кон населеното место Владевци и се доближи на неколку стотина метри до магистралниот пат Струмица-Радовиш. Чадот од пожарот можеше да се забележи од Струмица и околните места, а според досегашните информации изгореа сува трева и ниско стеблеста шума на голема површина.
Дирекцијата за заштита и спасување согласно Законот за заштита и спасување и Законот за шумите алармира за зголемена опасност од пожари на отворен простор и апелира до граѓаните на одговорно однесувње со цел да се сочуваат природните богатства на земјата од неповратни штети.
„Поради зголемените температури во следните неколку денови и настапување на сушен период зголемена е опасноста од појава на пожари на отворен простор и ваквата состојба наложува мобилност на сите субјекти во заштитата од пожари- ЈП Национални шуми, Единици на локална самоуправа, Територијални противпожарни единици и УХМР. Дирекцијата за заштита и спасување апелира до граѓаните на одговорно однесувње со цел да се сочуваат природните богатства на земјата од неповратни штети“ стои во соопштението на ДЗС .
The post Во Македонија доаѓаат пеколни горештини: Противпожарните авиони на готовс appeared first on Слободен печат.
Во Македонија доаѓаат пеколни горештини: Противпожарните авиони на готовс was first posted on јули 30, 2020 at 1:07 pm.