12.8 C
Скопје
05:02 - 17 мај, 2024

Владата во низок старт, Собранието во лер!

Владата почна да функционира откако беше договорена и избрана на брз и ефикасен начин на неколку недели пред истекот на законските рокови и веќе денеска се извршуваат првите владини одлуки, а Собранието сè уште е нефункционално и не може да одлучува затоа што не се формирани собраниските комисии. Јавноста очекува законодавниот дом итно да профункционира и да донесе битни решенија, пред сѐ да ги потврди или да ги отфрли петте одлуки на претседателот Стево Пендаровски за вонредна состојба што ги донесе од мај до јуни поради пандемијата со коронавирусот и уредбите со законска сила што го носеше техничката влада на Оливер Спасовски во тој период.

Освен овие одлуки, итно се очекуваат и измените на законите од сферата на образованието поради почетокот на учебната година од 1 октомври и комбинираната и скратената настава, но и ред закони што се спомнати во владината програма за работа, како Законот за заштита од дискриминацијата кој беше укинат од Уставниот суд пред изборите, законите што ќе овозможат предвремено пензионирање, реформи на администрацијата итн.

Собранието сѐ уште е нефункционално

Од 4 август, откако се верифицираше новиот собраниски состав, речиси цел месец пратениците само доверификуваа мандати, го избраа Талат Џафери за претседател и ја изгласаа Владата на премиерот Зоран Заев. Од работните тела е формирана само Комисијата за прашања за изборите и именувањата, и тоа откако спикерот Џафери на едно од продолженијата на конститутивната седница ги предупреди пратениците дека нема да може да ја земат платата за август ако до 26 август не ја изберат Комисијата. Не е избрана ниту една друга комисија.

Од кабинетот на шефот на државата Пендаровски за „Слободен печат“ објаснија дека претседателот уште на 25 август до Собранието ги испратил на потврдување петте одлуки со кои беше прогласена вонредната состојба за време на пандемијата со коронавирусот.

Од кабинетот на претседателот на Собранието, пак, не одговорија на прашањата кога ќе биде свикана седницата на која пратениците треба да ја потврдат вонредната состојба и од што зависи тоа. Не појаснија ниту кога Џафери ќе свика седница на која ќе се разгледуваат стотиците уредби со законска сила што сѐ уште важат иако вонредната состојба е одамна укината и дали тие уредби може и во иднина да произведуваат правно дејство, дали ќе се разгледуваат една по една или ќе се озаконат сите наеднаш, со какво мнозинство треба да се изгласат одлуките итн.

Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вели дека немаат најава дека наскоро ќе се одржи седница за потврда на одлуките на претседателот.

– Комисиите во Собранието сè уште не се формирани, а без нив не може да се почне со работа. Сите материјали што пристигнуваат во Собранието прво се разгледуваат во комисиите, па потоа се одлучува на пленарна седница. Сметаме дека проблемот што не се формираат комисиите е во односите во коалицијата од парламентарното мнозинство. Ние како пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ ги поднесовме нашите предлози за членови на сите комисии – вели Мицевски за „Слободен печат“.

Од пратеничката група на владејачката СДСМ не добивме одговор кога ќе се формираат комисиите и дали имаат проблеми во коалицијата со ДУИ.

Многу нејаснотии, нула одговори

Според експертите, има многу недоречености и во Уставот и во законите околу вонредната состојба и траењето на уредбите со законска сила и прв приоритет на Собранието треба да биде нивната верификација.

„Уредбите со законска сила, што ги донесува Владата, по прогласувањето на вонредната состојба мора да бидат подложени на строги критериуми на нужност и пропорционалност. Нивното дејство престанува со престанување на вонредната состојба. Уредбите, вклучително тие со кои е предвидено продолжено траење на нивното дејство, мора со престанувањето на вонредната состојба да подлежат на потврдување од Собранието, кое со посебен закон треба да уреди дали тоа дејство продолжува и да предвиди отстранување на нивните последици настапени врз основа на поединечни правни акти, евентуални компензации итн., се вели меѓу другото во анализата на МАНУ што беше објавена пролетва за правните аспекти на вонредната состојба.

Засега не е јасно ниту со какво мнозинство Собранието треба да ги потврди одлуките за вонредна состојба, дали со апсолутно мнозинство со 61 пратеник или со двотретинско мнозинство и дали евентуално тоа е причина што ова прашање сè уште не се разгледува.

Според членот 125 од Уставот, ако Собранието донесе одлука за вонредна состојба, таа треба да биде изгласана со двотретинско мнозинство. Но тоа не е прецизирано за случајот кога одлуката ја носи претседателот, кој предвидува дека „ако Собранието не може да се состане, одлуката за постоење вонредна состојба ја донесува претседателот и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане“. Според правите експерти, не постојат рокови до кога Собранието треба да ги потврди или не уредбите.

The post Владата во низок старт, Собранието во лер! appeared first on Слободен печат.


Владата во низок старт, Собранието во лер! was first posted on септември 3, 2020 at 7:30 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....