Триесетина туристи пристигнаа во манстирот „Свето Преображение“ во селото Зрзе. Денот беше прекрасен за прошетка, а природата и мансатирскиот спокој носеа убавина и мир во душата. Тука, велат туристите со кои разговаравме, барем за кусо време заборавија дека постои пандемија, иако лицата им беа прекриени со заштитни маски.
Еднодневната тура до манастирот во Зрзе и посета на Прилеп е дел од туристичката понуда на „Арбо“. Македонија, како и манстирскиот туризам долги години се на листата на оваа туристичка агенција, но сега тие се речиси единствениот извор за преживување на агенцијата. Туристичките агенции во Македонија, како и насекаде во светот, беа први на ударот на пандемијата. Оние што не кренаа раце, и понатаму осмислуваат како да им стојат на услуга на туристите. Се посетуваат „скриени“ места во Македонија – се оди на јавање со коњи на Галичица, се пие кафе со ѕвездата на „Медена земја“- Атиџе Муратова во нејзиното село Бекирлија, се посетуваат водопади, манастири…
Кога влеговме во автобусот стравот исчезна
Туристичкиот водач Гоце Настоски, кој ги придружуваше туристите во Зрзе, вели дека оваа година туризмот е поинаков, со протоколи, но сепак, агенцијата секоја недела има туристи што ги носи на некое патување.
– Ние веќе 20 години го работиме манастирскиот туризам. Луѓето што доаѓаат во манастирите веруват дека ништо лошо не може да им се случи. Секако, ги запазуваме протоколите – носиме маски, а безбедно е и во автобусите кои се дезинфицирани и како што налагаат мерките искористен е до 75 отсто од капацитетот – објаснува Настоски.
На ова патување ја сретнавме Зорица Ѓорѓиеска која беше во друштво со своите шест пријателки.
– Долго се колебавме. Но кога влеговме во автобусот стравот исчезна. Видовме дека правилата за заштита целосно се почитуваат – вели нашата соговорничка.
Сопственикот на туристичката агенција „Арбо“, Дончо Нацев објаснува дека тие со години го работат домашниот туризам. Притоа, тие не само што ги носат нашите граѓани на интересни места низ државава, туку прават и повеќедневни тури и за странци по цена од 1.200 евра и такви тури до пандемијата добро се продавале.
– Лани, од мај до декември имавме 55.000 тутисти од западните земји, па се до Индонезија. Им органзиравме посета на градови, на винарии со дегустација, на историски локалитети… – вели Нацев.
И покрај пандемијата, Нацев се пофали дека пред извесно време имал и тура со 58 гости од Украина кои пет дена шетале низ Македонија, а она што посебно го забележал е што за разлика од претходно, кога на патувањата доаѓале повозрасни, сега имало помлади туристи, што значи дека се формира една нова туристичка група во светот.
На кафе во „Медена земја“
Кон домашен туризам во ковид кризата се ориентирала и туристичката агенција „Енџој Балканс“. Таа нуди пешачки и велосипедски тури, но и посета на кралската винарница во Демир Капија, посета на дрворезбарска работилница, на археолошкиот локалитет Стоби, посета на пчеларска фарма на Пелистер и пешачење по овој национлниот парк, посета на Крушево…
Но, едно патување на „Енџој Балканс“ стана вистински хит во јавноста – пешачка, или велосипедска тура со посета на хероината од „Медена земја“, Атиџе Муратова. Турата што трае 9 часа од кои 4 часа пешачење, вклучува и паузи кои исто така носат уникатно искуство како што е освежување со овошна салата од локалните земјоделски поседи, традиционален турски чај, посета и едукација во локална земјоделска куќа, пикник – ручек на реката Брегалница, и турско кафе, послужено на традиционален начин во село Бекирлија во друштво на Атиџе.
– Проектот „Патот на Атиџе Муратова“ е индивидуален подвиг, иницијатива и проект на младиот професионален туристички водич и ентузијаст, посветен на развојот на туризмот во Македонија, Александар Ендровски, во соработка со туристичката агенција за дојдовен туризам Енџој Балкан. Целта ни е заедничка да се видат убавините на државата, да се подигне свеста за екологијата, а ова патувања има и хумана мисија затоа што со парите директно и се помага на Атиџе – објаснува косопственикот на агенција Горан Ивановски.
Ивановски вели дека оваа туристича агенцијата работи веќе 8 години, претежно со странски туристи, а патувања имале низ целиот Балкан.
– Ние претходно не сме комуницирале со домашните туристи, сега нешто правиме преку Групер. Ова е поинаков туризам и пешачките и велосипедските тури не се наменети за секого. Во сегашните услови не можеме да зборуваме за некава заработка, но сепак, во ова време на пандемија се обидуваме нешто да работиме, да го задржиме духот и да го одржиме туризмот. Туризмот е важна стопанска гранка и тој влијае врз целото општество, како финансиски, така и во однос на одржувањето на традицијата и културата на една нација – вели Ивановски.
Помош од државата
Сепак, колку и да се креативни туристичките агенции, неопходна е помош од државата. Туризмот, угостителството и транспортот беа првите жртви на ковид-кризата и затоа државата првиот пакет на мерки го насочи во голем дел за нив. Компаниите од овие три сектори можеа да земат бескаматен кредит со грејс периоди од 6 месеци, рок за отплата од 24 месеци, на тримесечни рати, а во износ од 3.000 евра до 30.000 евра.
Со оглед на фактот што состојбата со пандемијата се влошува, деновиве стигна веста дека компаниите може да аплицираат за пролонгирање на грејс периодот и на периодот за отплата на кредитот. Исто така, во првиот пакет беше предвидено компаниите да може да користат и субвенционирање на придонеси за вработените до 50 отсто, а со почнувањето на вториот пакет на мерки можеа да се пријават и за користење на субвенции за плата по работник во износ од 14.500 денари.
Со третиот пакет на економски мерки, граѓаните со мал доход добија ваучери за туризам во вредност од 6.000 денари. Со оваа мерка се овозможи и на оние што имаат мали приходи да одат на патување, им се даде работа на туристичките капацитети, но и на туристичките агенции кои годинава се ориентираа на продажба на домашните капацитети, вклуќувајќи ја и продажбата за која можеше да се плати со ваучери.
Со четрвртиот пакет на мерки кои допрва треба да се релизираат предвидени се грантови за туристичките агенции со А и со Б лиценца, а според сегшните најави, парите ќе зависат од прометот што го имале во 2019 година.
Да учиме и од другите: Хрватска се спрема за зимување
Туризмот настрада во сите земји и владите на сличен начин се обидуваат да им помогнат на оние што работат во оваа гранка.
Во регионот, особено е интересно како туристичките агенции од Хрватска веќе ја земале работата во свои раце за претстојбата зима. Веќе се нудат зимувања со тоа што Здружението на хрватски туристички агенции (УХПА) соопшти дека нејзините членки одлучиле да се обврзаат целосно да ги врати парите на оние кои ќе уплатат зимување доколку тоа не се релизира поради влошување на состојбата со пандемијата.
– Според информациите на нашите членови, интересот за патувања, иако со зголемена претпазливост, сепак постои, што не прави многу среќни. Најчесто станува збор за индивидуални патувања и традиционални скијачки аранжмани. Со цел да одговорат на барањата на клиентите, нашите членови навремено ги прилагодија условите и начинот на деловно работење и веруваме дека нивниот пристап кон новите околности ќе ги мотивира патниците да ги испланираат своите патувања – рече претседателот на УХПА, Томислав Фаин, јавија хрватските медиуми.
За нереализираната летна сезона, македонските агенции со уредба на влада доделија ваучери кои граѓаните треба да ги искористат до крајот на следната година, но во местото за кое тие уплатиле.
Ваучери за нерализираните аранжмани дадоа и туристичките агенции од Србија кои исто така мака мачеа со патувањата, бидејќи и српските туристи изминативе години најмногу патуваа во Грција, но некои агенции се снајдоа така што „пронајдоа“ дестинација без тест за ковид, релативно блиска и на море. Станува збор за единствен излез на Босна и Херцеговина кон Јадранот – Неум.
Патувањето со протоколи, откривање на нови дестинации, ширењето на алтернативниот туризам е новата реалност и за туристите и за туристичките агенции и за туристичките водичи. Оние што нема да кренат раце ќе ја градат својата приказна, но и ќе дадат значаен придонес за одржливста на туризмот и за се што тоа носи со себе. Овој пат не можеме да зборуваме за некаков развој и за профити, но важно е да се остане на нозе.
The post Туризам има и во време на корона: Посета на манастири, водопади, јавање со коњи… (ВИДЕО) appeared first on Слободен печат.
Туризам има и во време на корона: Посета на манастири, водопади, јавање со коњи… (ВИДЕО) was first posted on октомври 10, 2020 at 11:10 am.