13.8 C
Скопје
21:22 - 3 мај, 2024

Црни рекорди во Германија и САД, Белорусија поради ковид ги затвора границите

САД денеска поставија нов рекорд во бројот на новозаразени лица – повеќе од 91.000. Европа се соочува со неконтролирано зголемување на бројот на нови инфекции, поради што и воведува нови мерки. Франција од денеска е во делумна блокада, а од понеделник „локдаун” ќе воведе и Германија.

САД денеска поставија нов црн рекорд со над 91 илјада новопотврдени позитивни случаи на коронавирус и со рекордни хоспитализации во многу сојузни држави. Се сголемува и бројот на смртни случаи. По третпат во октомври, од Ковид-19 починаа повеќе од 1000 луѓе во еден ден. Досега во САД од болеста починаа повеќе од 229 илјади луѓе – најмногу во цел свет. Бројот на хоспитализирани во октомври се зголеми за 50 отсто, на 46 илјади, што е најмногу од средината на август.

Уметничка инсталација во спомен на жртвите од ковид-19 во САД, Вашингтон 27 октомври 2020/ Фото: EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Француската Влада објави список на нови мерки за борба против ширењето на Ковид-19, вклучително и забрана за напуштање домови, освен во најитните случаи и задолжителна работа од дома. Францускиот премиер Жан Кастекс објави прецизен список на мерки за вториот „локдаун” во борба против Ковид-19, почнувајќи од денеска и со траење до 1 декември. Граѓаните ќе мора да останат во своите домови и да излегуваат надвор само со валиден изговор како набавка на храна, пренесување на детето на училиште, неопходна работа што не може да се заврши од дома, одење на лекар, укажување итна помош на член на семејство и еден час вежбање на не поголема оддалеченост од еден километар од својот дом.

Германија во последните 24 часа евидентирала 18.681 случај на инфекција со коронавирус, соопшти денеска институтот Роберт Кох, што е најголемо дневно зголемување од почетокот на пандемијата.

Празни маси и столици. Германија воведе делумен карантин/ Спејер, Германија 30 октормври 2020/ Фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

Во земјава досега биле заразени вкупно 499.694 лица. Според институтот, досега регистрирани се 10.349 смртни случаи, што е дневно зголемување од 77 починати. Од понеделник и Германија воведува „локдаун”.

Белорусија вчера ги затвори своите граници со Летонија, Литванија, Полска и Украина, наведувајќи ја како причина „епидемиолошката состојба”, иако белоруските лидери со месеци ја минимизираат заканата од пандемијата на коронавирусот.

Според официјалните податоци, во земјата биле заразени 96.529 лица, а 973 починале.

Од денеска, патувањето ќе биде ограничено, а границите ќе останат отворени само за дипломати и сообраќај со камиони, соопшти државната агенција за граници.

Во Јапонија, бројот на лица заразени со коронавирус надмина 100.000, девет месеци по првиот случај на Ковид-19, објави Министерството за здравство.

Поради епидемијата откажани прослави во Јапонија – симболична прослава на Халовиен во Токио/ 30 октомври 2020/ Фото: EPA-EFE/KIMIMASA MAYAMA

Во последните 24 часа евидентирани се 808 нови случаи, а вкупниот број на заразени е 100.334. Во таа земја 1.700 луѓе починаа од ковид-19. Околу една третина од заразените се во Токио, каде што се регистрирани 221 заразено лице само во последните 24 часа.

Бројот на лица заразени со коронавирус во Русија дневно е зголемен за 18.283 и тоа е максимум за целата пандемија, соопштија властите, пренесе ТАСС. Вкупниот број на заразени се искачи на 1.599.976, а според властите стапката на досега оздравени е околу 75 отсто.

И Полска денеска постави нов рекорд, со 21.629 нови позитивни случаи. За 24 часа починале 202 лица, со што смртниот биланс се искачи на 5.351.

Што се однесува на земји од регионот, Хрватска соопшти дека во последното деноноќие евидентирани се 2.772 новозаразени лица и 20 смртни случаи. Бројот на активни случаи е 15.106, од кои 1.027 се на болничко лекување, а на респиратор се 74 пациенти. Од февруари, во Хрватска се регистрирани вкупно 46.547 лица заразени со новиот вирус, од кои 531 починале, а вкупно се опоравиле 30.910 лица, од кои 1.677 во последните 24 часа.

Регионите на Солун, Лариса и Родопи во северниот дел на Грција од рано утрово се во црвената (и највисока) фаза според степенот на опасноста за ширење на коронавирусот и влегуваат во мини карантин, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска ќе соопшти нови рестриктивни мерки за спречување на дополнително ширење на коронавирусот.

ВИДЕО | Не им доаѓа памет: Масовна журка во ноќен клуб во Солун пред почетокот на карантинот

Во Грција во изминатите три дена беа регистрирани над 1.000 нови случаи на коронавирусот на дневно ниво, а вчера бројката беше помала од завчера, но и бројот на тестови беше помал со оглед на тоа дека во средата беше празник и неработен ден.

Националната организација за јавно здравје на Грција вчера соопшти за 1.211 новозаразени, а починаа уште 12 лица.

Од почетокот на епидемијата во Грција се регистрирани 35.510 случаи, а починати се 615 лица

Словенечката Влада соопшти денеска дека има нови 1.798 позитивни случаи и 23 починати. Тоа е најголем број починати во таа земја од почетокот на пандемијата. Од вкупниот број тестирани примероци, 28,3 отсто биле позитивни. На болничко лекување се 703 пациенти, од кои 112 на одделите за интензивна нега. Во текот на денот се очекува властите да претстават нови мерки за сузбивање на коронавирусот.

ФОТО+ВИДЕО I Во пресрет на новиот карантин: Десетици илјади лица во обид за напуштање на Париз, испразнети полици во маркетите

The post Црни рекорди во Германија и САД, Белорусија поради ковид ги затвора границите appeared first on Слободен печат.


Црни рекорди во Германија и САД, Белорусија поради ковид ги затвора границите was first posted on октомври 30, 2020 at 12:32 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....