3.8 C
Скопје
12:58 - 23 декември, 2024

Три години од нападот на Собранието: „Крвавиот четврток“ чека судска разрешница

Третата годишнина од „крвавиот четврток“ Македонија ја поминува во вонредна здравствена состојба поради коронавирусот и политичка криза поради несвикувањето на распуштеното Собрание. Пред три години, десетици пратеници беа организирано брутално нападнати откако тогаш новоформираното владејачко мнозинство на СДСМ и ДУИ на драматична седница го избра Талат Џафери за собраниски спикер, а денес тој молчи на иницијативата на колицискиот партнер да го свика истото тоа Собрание за да се најде излез од заплетканата политичко-правна состојба во земјата. Џафери останува доследен дека „во вонредна состојба се продолжува мандат што постои, а распуштеното Собрание нема мандат“ и со денови не им дава одговор на 35-те пратеници кои мината недела побараа итна собраниска седница за да се потврдат двете одлуки за прогласување на вонредна состојба што ги донесе претседателот Стево Пендаровски на 18 март и на 16 април заради заканата од коронавирусот.

Правдата е спора, ама дали е достижна?

На 27 април беа повредени повеќе пратеници меѓу кои Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Максим Димитриевки, Петре Шилегов, Дамјан Манчевски, Талат Џафери, Зијадин Села и други.

Фото: ЕПА/Ѓорѓи Личовски

Претходно толпата, водена од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, која протестираше против т.н. Тиранска платформа влезе во Собранието откако пратеници им ја отворија вратата, а пратеник од Беса ја пееше албанската химна во собраниската сала. Претходно пак, новосоздаденото мнозинство го избра Џафери за спикер на несекојдневен начин…

Што точно се случи на 27 април 2017 година? Кој ги организираше овие настани и со која цел? Ќе има ли правда за овој настан? Овие и други прашања и по три години останаа неодговорени, а одговорот се очекува да и биде доставен на јавноста во вид на правосилни судски пресуди за организаторите и извршителите, што се уште не се случило. Минатата година, 17 извршители на организираниот напад беа обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и осудени на вкупно 211 години затвор, од кои најмногу, 18 години доби ексдиректорот на БЈБ Митко Чавков. Но, процесот почна против вкупно 33 извршители на нападот, а 15 од нив завршија на слобода со законот за амнестија, меѓу кои и пратеникот Крсто Муковски кој ја отвори собраниската врата и пратениците Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски. Со амнестијата настанот без преседан доби пресврт во нов преседан, а пратениците Муковски, Василевски и Арнаудов потоа гласаа за промена на уставното име на државата.

Фото: ЕПА/Ѓорѓи Личовски

Третата годишнина од „крвавиот четврток“ можеби ќе се одбележеше и со напредок кон казнувањето на нарачателите на нападот, но тазе започнатото судење е на принудна пауза поради пандемијата со коронавирусот. Како организатори им се суди на Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски, сите поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Како организатори се обвинети и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнувачот Никола Бошковски, кои се во бегство, но постапката против нив е запрена додека не станат повторно достапни на органите на прогон. На првото рочиште минатиот месец сите обвинети се изјаснија за невини, а потоа судењата беа одложени на неодредено време поради здравствената криза.

Спасовски: Најмрачниот ден во поновата историја

Меѓу нападнатите пратеници кои со часови го трпеа насилството на толпата беше и актуелниот премиер, тогаш пратеник Оливер Спасовски, кој настанот го оцени како предавство на идеалите и принципите на слободата и демократијата.

„На 27 април 2017 година со монструозна намера и со насилство беше организирана и спроведена злосторничка акција од лидерите на тогашната владеачка партија кои беа решени да се задржат на власт по секоја цена, без чувство за последиците на нивните мрачни амбиции. Упадот и обидот за окупација на домот на македонската демократија беа агресија против секој граѓанин на Република Северна Македонија и на темелите на парламентаризмот. Нивните постапки не беа само организиран криминал, туку беа предавство на идеалите и принципите на слободата и демократијата. Денес сѐ уште се чини неверојатно дека безумието отиде до таму што некои од насилниците, за да го реализираат нивниот монструозен план и намера, биле подготвени и за ликвидации на некои од членовите на Собранието“, порача денеска преку Фејсбук премиерот Спасовски.

Тој смета дека разумот и присебноста  на мнозинството од пратениците и храброста на поединците помногнале да се спречи голема трагедија и најлошото.

Фото: ЕПА/Ѓорѓи Личовски

Досега 27 април тежи над 300 години затвор

За нападот врз пратениците досега се водени десетина истраги и судски процеси во кои за разни кривични дела се обвинети над 50 лица, а правосилно со затворски казни се осудени дваесетина лица. После нападот беше отворена истрагата за учество во толпа која резултираше со затворски казни за девет обвинетии, а следна беше истрагата од мај 2017 година за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села заврши со правосилна пресуда за 10 лица кои вкупно добија над 80 години затвор. Потоа затворска казна од четири години доби и напаѓачот на тогашната пратеничка Радмила Шекеринска.

Истрагата и апсењата за извршителите почнаа во ноември 2017 година, веднаш по локалните избори. Како извршители на насилствата беа обвинети 35 лица, меѓу кои вработени во Собранието, пратеници, лица од државната безбедност како и  водачите на движењето „За заедничка Макединија“ кои два месеци пред крвавите настани организира секојдневни протести пред Парламентот. Со законот за амнестија беа ослободени 17 лица, а останатите добија високи казни, над 10 години: Митко Чавков 18 години, полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров и Горан Ѓошевски по 15 години, исто колку и Мунир Пепиќ, Јане Ченто, Никола Митревски Кољо и Влатко Трајковски. Вилијам Михајловски е неправосилно осуден на 14 години затвор, Оливер Поповски 13 години, Игор Југ, Младен Додевски и Горанче Ангеловски на 12 години, Влатко Трајковски 12 години, Оливер Радулов на 10 години,  лександар Василевски-Нинџа на 8 години и Абдуљфета Алими на 7 години. На судењето клучно беше сведочењето на Нинџа кој раскажа дека насилството се координирало од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а тој се координирал со поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски. Од вина беше ослободен оперскиот певец Игор Дурловски, кој не побара амнестија туку инсистираше да му се суди.

Според обинението за организаторите „обвинетите на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, подготвиле и реализирале план со акти на насилство за да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел, обвинетите ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред ДИК, а потоа и протестите на „За заедничка Македонија“ што кулминираа со насилното влегување во Собранието“.

Обвинетите, како организатори, ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, а овозможиле и да се намали бројот на полицајците на протестите. На критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси, меѓу кои и ангажирани лица за извршување насилство, а кај Градската болница еден од организаторите, односно Атанасовски донел огнено оружје и панцирни елеци.

The post Три години од нападот на Собранието: „Крвавиот четврток“ чека судска разрешница appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....