Позитивниот тест за ковид-19 на Доналд Трамп е веројатно најсериозната здравствена закана со која се соочил кој било американски претседател во историјата, а некои аналитичари ја оценуваат и како „најопасниот момент во историјата на владите во Белата куќа“.
Претседателот вчера рано изутрината во својот стил – со порака на Твитер – објави дека и тој и првата дама Меланија биле позитивни на тестирањето за коронавирус, по што итно биле изолирани во карантин.
– Вечерва, првата дама и јас бевме позитивни на тестот за ковид-19. Веднаш го почнуваме нашиот карантин и процесот на заздравување. Ќе поминеме низ ова заедно – порача Трамп на Твитер.
Иако ни претседателот ни првата дама немале изразени симптоми, дијагнозата се смета за најголема позната закана за кој било претседател на САД, бидејќи Трамп на возраст од 74 години е во најризичната категорија граѓани изложени на компликации од вирусот, кој досега однесе повеќе од 200.000 човечки животи само во неговата земја и повеќе од 1 милион низ целиот свет.
Самоизолацијата го погодува во незгоден момент, кога финишира неговата кампања за изборите на 3 ноември, на кои очекува да освои нов мандат. Веста имаше многу поширок дестабилизирачки ефект врз Америка, не само врз кампањата – акциите на њујоршката берза Дау џонс изгубија 1,6 отсто од вредноста, а индексот Насдак падна за 1,9 отсто. Пад на вредноста на акциите беше забележан и на утринското отворање на берзите во Токио и во Хонг Конг.
Домашно закрепнување
Личниот лекар на претседателот, доктор Шон Конли, во меморандум испратен до новинарите како позитивни на коронавирусот ги наведува само Доналд и Меланија Трамп.
– Претседателот и првата дама во ова време се добри и тие планираат да останат дома, во кругот на Белата куќа, во периодот на нивно заздравување. Медицинскиот тим на Белата куќа и јас лично постојано ќе ги надгледуваме, а ја ценам и поддршката од некои од најголемите медицински професионалци и институции што ги има оваа земја – пишува доктор Конли во меморандумот, без да наведува кои сѐ лекари или институции се вклучени во грижата за претседателот.
– Покрај неопходниот одмор, очекувам претседателот да продолжи да ги спроведува своите обврски без каква била попреченост во периодот додека заздравува, а јас ќе ве информирам за развојот на настаните – додава лекарот на претседателот.
Во Белата куќа, пак, почна темелна проверка каде и кога Трамп го префатил вирусот, како и со кого бил во контакт за да се изолира кластерот. Претседателот последен пат се појавил во јавноста на средба за привлекување финансии за кампањата во Њу Џерси во четвртокот вечер. По враќањето во Белата куќа, Трамп не изгледал дека е болен, но поминал покрај репортерите без да даде изјава.
Позитивна и соработничката Хикс
И пред да бидат потврдени позитивните резултати на неговото тестирање, Трамп на Твитер најави дека заминува во карантин откако се заразила една од неговите најблиски соработнички.
– Хоуп Хикс, која работеше толку напорно без да се одмори барем малку, тукушто беше позитивна на тест за ковид-19. Ужасно! Првата дама и јас ги очекуваме резултатите од нашите тестови. Во меѓувреме, ќе го почнеме процесот на карантин – порача Трамп.
Според изјави на нејзини соработници, Хикс прексиноќа „воопшто не се чувствувала добро“. Таа неколкупати во изминатиот месец го придружувала Трамп, вклучувајќи ја и неговата дебата со демократскиот противкандидат Џо Бајден, а заедно летале и во претседателскиот хеликоптер, заедно со соработниците Џаред Кашнер, Ден Скавино и Николас Луна. Кога во средата тргнале на предизборен митинг во Минесота, никој од нив не носел маска.
На телевизиската дебата во вторникот Трамп се подбиваше со навиката на противкандидатот Џо Бајден постојано да носи маска.
Претседателот со месеци наназад ја отфрлаше сериозноста на пандемијата на ковид-19, но воедно постојано и редовно се тестираше. Прес-секретарката на Белата куќа, Кејли Мекинени, оцени дека претседателот веројатно е „најтестираниот човек во земјата“, на што Трамп забележа дека не е точно и дека „не памети ден во кој бил тестиран повеќе од еднаш“.
Редовно биле тестирани сите негови соработници и луѓе со кои се среќава, а дури во изминатиот период Трамп ги прифатил и ги практикувал мерките за лична превентива, како носењето маска на лицето и одржување растојание од соговорниците.
Препораките од американските Центри за контрола и превенција на болести налагаат 14-дневен карантин за сите што биле во контакт со лице кај кое е потврден вирусот.
Вчера не беше познато дали и како карантинот на Трамп ќе влијае врз одржувањето на вториот телевизиски дуел со Бајден, закажан за 15 октомври. Ако ја помине изолацијата без симптоми, тој би можел лично да се појави на дуелот во Мајами.
Без Трамп на гласачките ливчиња?
Но, весникот „Њујорк тајмс“ потсетува дека евентуалните здравствени компликации може да ја оспорат валидноста на претседателските избори на 3 ноември, па дури и отворено прашува дали при таков развој на настаните воопшто треба да остане името на Доналд Трамп на гласачките ливчиња.
– Дури и да нема симптоми, тој треба да се повлече од кампањата и да биде во изолација во текот на неопределен временски период – пишува „Њујорк тајмс“.
Според весникот, позитивниот тест на коронавирус е сериозен удар за неговата политичка иднина, со оглед на тоа што тој со месеци ја потценуваше сериозноста на пандемијата, иако вирусот се уште е опасен и убива по најмалку 1.000 Американци дневно.
Трамп уште во март изјави дека „вирусот ќе исчезне“ до велигденските празници, ја убедуваше јавноста дека „ситуацијата е под контрола“ и ги отфрлаше предупредувањата од експертите и епидемиолозите, оценувајќи дека тие претеруваат со процените за сериозноста на кризата.
Во мај годинава позитивни на тестирањата беа потпретседателот на САД, Мајк Пенс, и прес-секретарката Кети Милер. И двајцата заздравија без посериозни проблеми. Со новиот коронавирус беа заразени и советникот за национална безбедност Роберт Обрајан, неколкумина припадници на Тајната служба, која се грижи за безбедноста на претседателот, пилот на претседателскиот хеликоптер и угостител во кафетеријата во Белата куќа. Надвор од претседателската резиденција, вирусот зарази повеќе од 7,2 милиони Американци.
Пенс, Пелоси, па Помпео во синџирот за преземање на обврските
Пораки со желби за брзо заздравување на Доналд и на Меланија Трамп испратија низа политичари од двете главни политички партии. Меѓу првите беше и потпретседателот Мајк Пенс, кој исто така ќе биде изолиран и на чие здравје особено ќе се внимава, бидејќи тој би требало да ги извршува претседателските обврски ако поради здравствени причини биде спречен Трамп.
Според 25. Амандман на Уставот на САД, ако претседателот е тешко болен, неговата власт привремено се префрла на потпретседателот, се додека претседателот не заздрави до степен да може непречено да ги извршува обврските. Ако и двајцата се тешко болни, власта привремено ќе ја преземе спикерот на Претставничкиот дом на Конгресот, а на таа позиција сега е демократката Ненси Пелоси. Докторот и медицински аналитичар Џонатан Рајнер изјави за Си-ен-ен дека и Пелоси итно треба да биде префрлена во изолација, барем додека не пристигнат цврсти информации дека Пенс не е инфициран.
Ако, пак, се разболи и Пелоси, следните функционира во синџирот за привремено преземање на претседателските обврски се членовите на кабинетот, почнувајќи од државниот секретар Мајк Помпео.
Трамп, Џонсон и Болсонаро: Лидерите кои се потсмеваа со коронавирусот, а потоа се заразија
The post Трамп во карантин, Америка во сериозна криза appeared first on Слободен печат.
Трамп во карантин, Америка во сериозна криза was first posted on октомври 3, 2020 at 7:30 am.