Кривични пријави, грабнувања, ставање кеси преку глава и закани со смрт – белорускиот диктатор Александар Лукашенко не бира средства во обид да ги задуши ескалирачките протести против своето 26-годишно владеење, во пресрет на клучниот состанок со рускиот претседател Владимир Путин во Сочи, пишува Гардијан.
Лукашенко и Путин денеска, како што соопшти Кремљ треба да разговараат за плановите за дополнителна интеграција на двете земји. Ова е прва посета на белорускиот претседател откако избија протестите во земјата, истакнува „Москов тајмс“. Од Кремљ во петокот на наведоа дека Путин и Лукашенко ќе се состанат во одморалишето на Црното Море за да разговараат за дополнителна интеграција како и за клучните трговски и енергетски проекти.
„Планирано е да се дискутира за клучните прашања за натамошниот развој на руско-белоруското стратешко партнерство и алијанса“, соопштија од Кремљ.
Меѓутоа, таа дополнителна информација има крајна цел нешто друго.
Путин сака да ги обедини двете земји, а Москва своите досегашни понуди за воена и економска помош ги проследуваше со повици за поблиска интеграција.
Наместо да распореди „мали зелени луѓе“ за да ја окупираат белоруската територија, Москва цели на нешто што се нарекува „мека анексија“. Стратегијата е постепено „варење на жабата“, почнувајќи од економска интеграција и заедничка валута, по што следува политичка интеграција низ заедничка надворена и безбедносна политика, а која ќе кулминира со полноправно членство на државата во Унијата што де факто ќе значи апсорпција на Белорусија во Русија, пишува Форин Аферс.
Над 400 приведени демонстранти на протестите во Минск (ФОТО+ВИДЕО)
Последните неколку години Путин го притискаше Лукашенко да се потчини на овој план истакнувајќи ја неговата економска димензија. Сега, под закрила на моменталната политичка криза, Москва и Белорусија испраќаат мноштво „политички технолози“, покрај прикриените разузнавачи, кибер – оперативци, медиумски консултанти, пропагандисти и советници за безбедност. Тоа се „мали сиви луѓе“, а не „мали зелени“, а нивната специјалност е политичко војување. Нивната непосредна задача е да постават темели за мека анексија.
На Кремљ му е потребен Лукашенко на власт за да ја постигне оваа цел – барем засега.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека не постојат планови за заедничка конференција за новинари по состанокот во Сочи, ниту потпишување на било каков договор.
„Москов тајмс“ потсетува дека Лукашенко минатата недела рече дека на разговорите со Путин планира „да стави крај на буквата ‘и’ по прашањата кои се многу чувствителни и деликатни за двете држави“.
Лукашенко, кој е на власт во Белорусија 26 години исто така во текот на оваа недела, јасно стави до знаење дека нема намера да се симне од власт, повторувајќи дека попрво би умрел отколку се да се одрече од неа.
– Власта не е дадена за да биде одземена, отфрлена или предадена – рече тој оваа недела.
По бруталното насилство на протестите неколку дена откако Лукашенко ја прогласи спорна победа на изборите на 9 август, неговите безбедносни сили се воздржаа од насилство врз масата демонстранти и наместо тоа се свртеа кон лидерите на протестите, кои беа уапсени или депортирани во странство. Сепак, тоа не ги спречи демонстрантите да се соберат и да бараат политички промени во земјата.
Путин е можеби единствената личност што може да стави крај на овој маѓепсан круг протести во земјата и одбивањето на Лукашенко да ја напушти власта, а „Гардијан“ наведува дека е можно следното поглавје од белоруската историја да биде напишано, не на улиците во Минск, туку во Русија, каде двајца претседатели ги чека сериозен разговор.
За преговори најверојатно е потребна деликатна рамнотежа меѓу двајцата лидери – Лукашенко сака поддршка од Путин, но инсистира на тоа дека нема да се одрекне од суверенитетот на неговата земја, додека Путин смета дека Лукашенко е измамник, несигурен партнер, но одлучи – барем засега – да го поддржи.
Нова траса на маршот во Минск: Демонстрантите се упатија кон резиденцијата на Лукашенко (ВИДЕО)
Долгорочно гледано, не е јасно дали планот на Путин вклучува принудување на ослабениот Лукашенко на „мека анексија“ на Белорусија, ниту дали Русија ќе бара контролиран трансфер на власта во блиска иднина.
– Можеби во својата глава има сценарио за транзиција за тоа како Лукашенко би бил веродостојно заменет со некој од неговиот кабинет, некој што би бил доверлив и би можел да постигне договор со Русија – изјави за Гардијан Андреј Кортунов, шеф на Советот за надворешни односи во Москва.
Некои европски политичари отворено ја поддржаа белоруската опозиција, но повеќето се помирија со фактот дека Путин ќе има клучна улога во утврдувањето на исходот од сегашната криза.
– Постои 50 проценти шанса Лукашенко да остане (на власт), но дури и ако биде сменет, тоа не мора да значи дека работите ќе се подобрат. Она што не можеме да го очекуваме е дека про-европски или про-западен реформатор ќе ја преземе функцијата. Тоа нема да се случи – рече еден западен дипломат кој работи во Белорусија.
Опозицискиот координативен совет се обиде да остане геополитички неутрален. Советот беше основан од лидерот на опозицијата, Светлана Тихановска, која наводно освои само 10% од гласовите на спорните избори. Но, таа се прогласи за „водач на нацијата“. Тихановска сè уште е во егзил во Украина.
Белоруските власти започнаа кривична постапка против Советот, чии водачи се или во егзил или во притвор. Марија Колесникова, водачот на протестот и соработник на Тихановска, беше киднапирана на сред улица во Минск на почетокот на неделата. Маскирани киднапери ја одвеле до границата со Украина и депортација избегнала откако го искинала пасошот. Таа во моментот е во притвор во Минск, од каде издаде соопштение во четвртокот, во кое се наведува дека и се заканува затвор од 25 години. Таа исто така изјави дека тие и рекле дека ќе ја напушти земјата „жива или на делови“.
Кремљ во вторникот соопшти дека е невозможно да се потврди дали навистина станува збор за киднапирање. Портпаролот Песков истакна дека киднапирањето не е исто што и законскиот притвор.
Единствениот член на седумчлениот Совет кој сè уште е на слобода е авторката и носител на Нобеловата Светлана Алексијевич. Откако пријави дека странци и тропнале на вратата претходно оваа недела, европските дипломати започнаа да бдеат во нејзиниот стан за да покажат солидарност. Таа претходно беше испрашувана од полицијата.
Русија ги отфрли преговорите со Советот и ја зајакна реторичката поддршка за Лукашенко во последните две недели. Путин рече дека подготвил контингент сили да ги испрати во Белорусија доколку ситуацијата излезе од контрола, а Русија, според „Гардијан“, испратила експерти да помогнат во пренесувањето на пораката на Лукашенко на државната телевизија, за жителите да ја слушнат.
Досега, Лукашенко во неколку наврати тврдеше дека НАТО собира свои трупи на западната граница на земјата и предупреди дека Белорусија е полигон за обука на западните сили чија вистинска цел е Русија.
– Ако мислите дека голема Русија може да се справи со тоа, не сте во право. Разговарав со многу претседатели, со мојот стар пријател – го нарекувам мојот постар брат – Путин и го предупредив. Невозможно е да се запре ова – изјави Лукашенко неделава пред руските новинари.
Ова додворување со Кремљ е пресвртница за Лукашенко, кој две децении ги фрустрираше своите руски партнери, и покрај тоа што беше дел од Алијансата. Сепак, тоа е само на хартија, а Лукашенко со години го одложува спроведувањето на договорот.
Во пресрет на изборите, Лукашенко тврдеше дека Русија, а не Западот, се обидува да го наруши суверенитетот на Белорусија, па дури и уапси 33 руски платеници, тврдејќи дека планирале државен удар.
„Многу белоруски официјални лица отворено ни рекоа дека сè што направиле било да се спротивстават на рускиот обид да ја преземе Белорусија“, изјави западен дипломат за „Гардијан“.
Уапсените оттогаш се ослободени, но Путин тоа тешко ќе го заборави и сигурно не е помалку свесен дека Лукашенко не е доверлив партнер.
– Не мора да значи дека (Русите) му веруваат, но тие исто така сакаат да видат заговори околу Русија, мешање на Западот и дури и ако не му веруваат целосно, може да се обидат да го искористат за свои интереси – заклучи Кортунов.
The post Тајниот план на Кремљ: Лукашенко во очај бара помош од Путин, а еве што тој навистина сака од него appeared first on Слободен печат.
Тајниот план на Кремљ: Лукашенко во очај бара помош од Путин, а еве што тој навистина сака од него was first posted on септември 14, 2020 at 12:04 pm.