По пауза од шест месеци, денеска градинките повторно ги отворија вратите за најмладите, кои денот ќе го поминат во исчистени и дезинфицирани простории, ќе јадат со чист прибор за јадење и ќе играат со дезинфицирани играчки. Како што налага протоколот за спречување на ширење на вирусот Ковид 19, просториите ќе бидат редовно проветрувани, а дезинфекцијата на предметите и подовите ќе се врши на секои два часа.
На влезните врати денеска во градинките се мереше температура, дечињата нетрпеливи, чекаа да влезат во занималните, а родителите на растојание од два метра уредно ги пополнуваа документите за прием на децата во градинка. Децата во градинка ќе мора да ги носи само еден родител, кој на себе задолжително ќе мора да има заштитна маска.
Родителите се согласуваат да ги почитуваат строгите протоколи кои за престој на нивните деца во градинка. Велат, тоа е во корист на децата и нивното здравје.
-Добро е што конечно се отворија градинките. Би требало и училиштата да се отворат и да се вратиме во нормала, како што бевме пред короната. Не ми сметаат строгите правила, тие сепак се за доброто на нашите деца, рече Оливер, кој своето дете денеска го однсе во градинката Кокиче во Кисела Вода.
Слично мислење имаше и мајка на две деца која денеска ги однесе во градинката Синоличка.
-Апсолутно се согласувам со сите протоколи за прием на децата во градинка. Се е добро смислено, а на нас ни преостанува да ги почитуваме мерките, за доброто на нашите деца, рече мајката.
Строги правила ќе се почитуваат и во однос на подготовката на храна. Ќе се врши секојдневна дезинфекција на превозните средства со кои се дистрибуира храна од главната кујна до другите објекти, лицата кои доставуваат храна задолжително треба да носат маски и ракавици, храната за децата треба да се остава пред занималната, а децата треба да јадат во неа со претходна дезинфекција на рацете и на масите.
Секоја установа треба да обезбеди доволна количина на лична заштитна опрема: маски и ракавици за вработените, средства за одржување лична хигиена, за дезинфекција на вработените и на просторот и задолжително да има безконтактен термометар за мерење на телесната температура.
Од Министерството за здравство реагираа дека престојот на децата треба да се организира на начин на кој ќе се избегне меѓусебен контакт на различни воспитни групи, сместени во одделни простории согласно мoжностите, а игрите се препорачува да се организираат што е можно повеќе на отворено кога времето го дозволува тоа и во помали групи.
Министерката за труд и социјална работа, Јагода Шахпаска беше во посета на градинката „Буба Мара“ во населбата Аеродром, каде што посочи дека сите установи во земјава согласно протоколите за функционирање во услови на пандемија со Ковид-19, имаат капацитет да примат 19 илјади деца, а досега интерес за згрижување покажале родители на 14.555 деца.
-Проценките на МТСП велат дека согласно протоколот во градинките има место за повеќе од 19.000 деца. Предност имаат деца на самохран родител или родители кои работат, а двајцата мора да се на работното место. Според податоците од градинките нешто повеќе од 14.000 деца се пријавени за посетување градинка, а има место за повеќе од 4.000 деца. Апелирам до сите чинители кои се вклучени во згрижувањето на децата од претшколска возраст при најмал сомнеж за Ковид-19 кај детето да алармираат. – рече Шахпаска.
Проследете го видеото:
The post Строги правила на градинките: Децата секој ден да се носат во исто време (ВИДЕО) appeared first on Слободен печат.
Строги правила на градинките: Децата секој ден да се носат во исто време (ВИДЕО) was first posted on септември 9, 2020 at 11:25 am.