Банкарскиот систем е во одлична кондиција. Во изминатите денови не се забележани невообичаени повлекувања на депозити од страна на граѓаните кои би можело да се припишат на настаните поврзани со „Еуростандард банка”.
Ова го посочи претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова Штериева.
-Кај некои од банките беа забележани определени гужви на шалтерите, но информациите од тие банки покажуваат дека тоа е поврзано со редовни активности за исплата на плати и слични банкарски услуги кои се типични за овој период во месецот. Одземањето на дозволата за работа на „Еуростандард банка” нема да има негативен одраз на работењето на останатите банки. Повторуваме дека банките и штедилници се и остануваат сигурни и им порачуваме на македонските граѓани дека може да бидат спокојни и дека ова, како што истакна и гувернерката, е изолиран случај, вели таа.
Нагласува дека членките на Македонската банкарска асоцијација во соработка со институциите ги превземаат сите потребни активности за да им излезат во пресрет на клентите кои биле корисници на банкарските услуги од „Еуростандард банка”.
-Вработените лица, пензионерите, корисниците на парични права од социјална и детска заштита и лицата кои остваруваат приливи по други основи имаат можност да изберат една од нашите членки преку која во иднина сакаат да ги добиваат приливите на парични средства. Банките и штедилници, членки на МБА, се отворени не само за нудење на депозитните производи туку и за рефинансирање на кредитните производи на клиентите на „Еуростандард банка”, во согласност со нивните деловни политики, додава Стевкова Штериева.
Членките на МБА, појаснува таа во изјавата за МИА, веќе се подготвуваат во наредниот период активно да учествуваат во исплатата на обештетувањето од страна на Фондот за осигурување на депозити.
-Во контекст на актуелниве случувања, би сакала да истакнам уште нешто. Отворањето на стечај на оваа банка треба уште еднаш да не потсети на нешто што во јавноста понекогаш се заборава. Комерцијалните банки, а такви се сите банки во нашата земја, работат со средства на депонентите и една од нивните главни функции претставува не само тие средства да се пласираат како кредити, туку и тие кредити редовно да се наплатуваат и во секој момент кога депонентите ќе ги побараат своите пари истите да се исплатат на сопствениците. Поради тоа кога се критикуваат банките дека не кредитираат во обем кој го посакуваат барателите на кредити, мора да се има предвид дека банките го проценуваат и мерат ризикот тие кредити да не бидат вратени, нагласува Стевкова Штериева.
Истакнува дека без претензија да ги дискутира состојбите поврзани со „Еуростандард банка”, мошне сериозно треба да се гледа на одобрувањето на кредити и нивната наплата.
-Банките не се обични компании, тие се трансмисионен механизам меѓу оние кои имаат средства и оние кои немаат средства (а имаат квалитетни бизнис проекти), поради што позајмувањето на тие средства од страна на банките не смее да биде на штета на тие кои на банките им ги довериле средствата на чување. Граѓаните мора постојано да ги потсетуваме дека парите кои се земаат како кредити не се пари на банката, тоа се пари на некои други граѓани, истакнува таа.
Вели дека последниве денови во јавноста е многу присутна една појава што е особено сериозна кога станува збор за работењето на банките. Станува збор за коментирањето на состојбите во банкарскиот систем и за поединечни банки од различни, како што посочува, „добронамерни” експерти, „кои злонамерно ги коментираат состојбите на начин којшто внесува страв кај населението”.
-Употребата на лични профили на социјалните мрежи, зачинето со полувистини, невистини или искривени толкувања на одредени информации, може да внесе непотребна паника и конфузија и да има особено штетно влијание на перцепциите на граѓаните за банките. Во овие и онака тешки времиња кога се справуваме со кризата предизвикана од Ковид-19, кога се вложуваат максимални напори да се обезбедат банкарски услуги на клиентите и при тоа да се сочува нивното здравје, паралелно со дистрибуцијата на веродостојни и корисни информации кои ќе им го олеснат животот на луѓето, ние сме сведоци на бројни тенденциозни и малициозни дезинформации кои ги збунуваат и вознемируваат граѓаните, потенцира претседателката на МБА.
Стевкова Штериева во изјавата за МИА вели дека МБА препорачуваат особено да се внимава кога се читаат информациите поврзани со работењето на банките, односно да се прифаќаат за точни и веродостојни само информациите од официјални и проверени извори, а да се игнорираат „информации” дистрибуирани преку неофицијални извори какви што се лични профили креирани на социјалните мрежи.
The post Стевкова Штериева: Не се забележани невообичаени повлекувања на депозити од банките appeared first on Слободен печат.
Стевкова Штериева: Не се забележани невообичаени повлекувања на депозити од банките was first posted on август 17, 2020 at 7:26 am.