Синдикалната група при Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во „Слободен печат“ најостро ги осудува заканите по животот и здравјето, како и навредите, упатени кон нашата новинарка и членка Мирослава Бурнс и бара од надлежните органи – Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи – итно и неодложно да преземат соодветни дејствија за откривање и санкционирање на сторителите на овие брутални закани.
„Со жалење мора да констатираме дека, иако изминаа повеќе денови од обелоденувањето на овие сериозни и срамни закани, и иако со осуда се јавија повеќе професионални оргазнизации, здруженија, политички партии и јавни личности, сепак прозваните надлежни институции не одговорија со доволно енергични чекори за да се откријат и санкционираат заканувачите. Недоволната реакција зачудува особено затоа што заканувачите, чиј идентитет и е познат на редакцијата, можат релативно лесно да бидат идентификувани и лоцирани.
Потсетуваме дека отсуството на брза и енергична реакција на надлежните институции само ги охрабрува сторителите на овие кривични дела и предизвикува продолжена несигурност кај новинарите во вршењето на нивните секојдневни задачи.
Истовремено, отсуството на навремена реакција ги поттикнува сомнежите дека извршителите на овие кривични дела уживаат политичка заштита и остава впечаток дека искажаните заложби за заштита на слободата на медиумите и обезбедување безбеден амбиент за работата на новинарите се само вербални, и дека зад нив не стои доволно изразена политичка воља.
Затоа уште еднаш апелираме МВР и ОЈО сериозно да си ги извршуваат своите задачи, затоа што нападите врз новинарите не смеат да се толерираат во едно демократско општество, особено не во држава членка на НАТО, која претендира да започне преговорите за полноправно членство во Европската Унија. Истовремено, се придружуваме кон апелите во јавноста конечно новинарите и медиумските работници да добијат статус на службени лица и нападите врз нив да се гонат по службена должност“ се вели во реакцијата на синдикална група на ССНМ при „Слободен печат“.
The post Синдикална група на ССНМ во „Слободен печат“: Млакиот одговор на МВР и ОЈО буди сомнежи дека заканувачите уживаат политичка поддршка appeared first on Слободен печат.
Синдикална група на ССНМ во „Слободен печат“: Млакиот одговор на МВР и ОЈО буди сомнежи дека заканувачите уживаат политичка поддршка was first posted on јули 26, 2020 at 12:48 pm.