-3.2 C
Скопје
20:59 - 22 декември, 2024

Шиптарите се лоши, а на ѓаурите не им се верува

Кога човек ќе помисли дека конечно, по не знам колку изборни циклуси, во овој што следи ќе куртулиме од националистичките реторики на партиите претенденти за освојување на власта, веднаш е демантиран. Се уште траат бранувањата во јавноста од историската коалиција меѓу СДСМ и движењето БЕСА. Некои велат, не било време за една ваква коалиција, јас велам секогаш е време да се направи вистинската работа, а вистинската работа е рушење на стереотипите, надминување на предрасудите, градење на држава која им служи поддеднакво на сите, отфрлање на етничката компонента и фокусирање кон граѓанско општество, едно општество за сите. Ги плашат албанските гласачи дека албанскиот глас ќе се дефакторизирал, ги плашат македонските гласачи дека коалицијата е спротивна на интересите на македонската нација и држава. Место да читаат релевантни мислители и толкувачи на настаните како професорот Денко Малески на пример, „Така, една голема македонска и една мала албанска партија се откажуваат од национализмот на избори во прилог на рамноправност и заедништво“ (извадок од колумна, препорачувам да се прочита), тие читаат небулози искажани од некои други, на жалост исто така со титула Професор Др. (не вреди ни името да му се споменува, но морам бидејќи го цитирам) Јован Донев: „Коалицијата помеѓу СДСМ и Беса е перверзна и спротивна на интересите на македонската нација и држава. Македонските национални интереси оваа коалиција, доколку победи на изборите ќе ги жртвува во корист на албанските, бугарските и грчките. Се со цел да се задоволат барањата на заинтересираните за експлоатација на резервите на гас во Источното Средоземје“. Тоа е драги читатели, суштинска е разликата, а ваше е право што ќе читате и во што ќе верувате.

Понатаму, повторно се крена галама околу поставување на двојазични табли и преименување на неколку училишта во општина Чаир, притоа злоупотребувајќи историски величини за кои денешните Македонци и Албанци не се достојни ни името да им го споменат, како Исмаил Ќемали и Никола Вапцаров на пример. Што е проблемот не разбирам, зошто јазикот на другиот толку „боде очи“? До кога ќе не иритира ако името на некоја институција е напишана на еден, два или повеќе јазици? До кога јазикот и културата на другиот ќе ги користиме како средство за ширење на омраза, а не како нешто што може да не направи побогати? Ако е толку тешко да се види нешто напишано на друг јазик покрај својот, можам да претпоставам колку е тешко да се проба да се изговори макар еден збор, макар едно „добар ден“ на јазикот на другиот, за учење на песна да не ни навлегувам. И што е чудно дека е пред избори, па ќе беше чудно да не беше, исто како и зголемување на плати, пензии, поправки на улици и таканатаму, политички поени драги читатели, што не е тука јасно, тоа е впрочем и нашиот најголем проблем.

Може ли некој од вие што врескате да ми одговори дали со поставување на двојазични табли Македонците ќе добијат послаба услуга од институцијата, а Албанците пак поради таблата ќе добијат подобра? Може ли ДУИ да објасни како со промена на името на училиштето Албанците ќе добијат подобро образование или подобри услови, кога за 20 години во тие училишта изградени од Тито, една единствена шајка не е променета. Може ли ДУИ да дефинира што е патриотизам и што е тоа борба за интересите на Албанците, дали е тоа овозможување на подобри услови за живеење, подобри услуги од институциите, подобро образование, повеќе култура, или менување на табли? И не само ДУИ, и сите други партии кои се уште се користат со истата реторика.

Многумина ми замеруваат, посебно Албанците, дека премногу го величам СДСМ кога се работи за меѓуетничките односи. Ми сугерираат дека во СДСМ постои скриена албанофобија или како еден пријател ја нарече „софистицирана албанофобија“. Еве јавно да објаснам. Знам дека има многу членови и симпатизери во СДСМ на кои условно кажано „кожа им се ежи од Албанци“, знам дека има поединци во СДСМ кои се уште дискриминираат и омаловажуваат Албанци, но тоа не ме интересира, а еве зошто. Во секоја држава, во секој етникум, во секоја партија, па ако сакате и во секоја фамилија, има луѓе и нелуѓе, има лоши и добри. Мене ме интересира кои се официјалните политики на партијата, која е програмата што се тера и дали тоа се имплементира. Моментално, СДСМ е единствената граѓанска партија во која, покрај членството и симпатизерите, како дел од структурите на партијата, дел од извршната власт, локалната власт, има припадници од сите етнички заедници, а најмногу Албанци. СДСМ е единствена граѓанска партија и по статут и по програма и по дејствување. Па уште го извадија Заев од контекст кога рече СДСМ не е македонска, туку мултиетничка партија, сакајќи да го каже тоа што го наведов погоре. Па дури и ги плашеа Македонците со таа изјава, дел од таа пропаганда беа видни искусни новинари. Страшно.

Сите се македонски партии, само за разлика од сите други кои се етнички, СДСМ е граѓанска партија. Раководството на партијата, а посебно Зоран Заев, не може да ги контролира сите членови и не може да ги натераат сите да ги сакаат Албанците, но може да ги натераат да ги почитуваат, што тоа и го прават. Една држава не е мултиетничка сама по себе ако во неа живеат повеќе етникуми, тоа зависи од колку мултикултурализам ќе нормираш во законите, истото е и со партиите. Е СДСМ драги читатели, се докажа преку програма и конкретни дејства дека се залага за едно општество за сите. Еве на пример, ДУИ пред избори многу се фали со влезот во НАТО и Законот за јазици, ветено исполнето како велат тие и оправдано според мене, нивната улога беше огромна. Но да ги потсетам од ДУИ дека истото го ветуваа и на сите претходни избори, истото го ветуваа и додека беа власт со ДПМНЕ, нодури сега тоа се исполни, со СДСМ на власт. Треба ли понатаму да образложувам?

ШТО ТРЕБА ДА РАЗБЕРАТ МАКЕДОНЦИТЕ?

Македонците треба да разберат и да го прифатат фактот дека Албанците за време на минатиот систем беа дискриминирани како никој друг народ во поранешната држава, не сите, се разбира. Им беше ускратувано правото на образование, немаа еднакви можности при вработување, беа дискриминирани од сите можни институции, беа гонети, апсени, убивани поради политички размислувања. Во педесетите години им се случи и егзодус, се ставаа насилно во возовите и беа транспортирани во Турција и ред други работи. Таа дискриминација под влијание на милошевичката политика продолжи и во Македонија по распадот на Југославија. Македонските политички фактори во 1991 година не беа доволно храбри да го препознаат овој факт и го игнорираа во целост албанскиот политички субјект. Последица на тоа беше вооружениот конфликт во 2001 година каде луѓе, момчиња, па и цивили го загубија животот.

Некој денеска сеуште си игра со чувствата на граѓаните, некој се уште ги злоупотребува пролеаните солзи и крв наместо да сврти нова страница и да го реконсилираме општеството преку признавање и препознавање на фактите вклучувајќи ги и оние најболните од 2001, од двете страни. Сум го посетил секое село во Македонија, за човечки судбини можам книга од 10 тома да напишам, ќе споменам само неколку лични искуства. Имав лична карта, не ми даваа државјанство за да извадам пасош два месеца, роден во Скопје, мајка, татко, дедо, баба родени тука, морав документи дури и од прадедо и прабаба да вадам, им докажав дека најмалку 200 години живеам тука, и на крај ништо, морав пак со врски. Сум бил претепан од полициски службеници за време на регуларна контрола, да не се појавеше еден сведок (политичар) не знам и како ќе завршев. Девојка, Македонка, која била со мене во автомобил, била извадена, ставена во полициска кола и ѝ било понудено да го пријави „шиптарот“ за силување. Среќа беше нормална и ми беше долгогодишна девојка, па наместо да прифати, му удри шлаканица на полицаецот, инаку можеби денес се уште во затвор ќе бев. Сум бил тепан на сред плоштад во Охрид, од огромна група граѓани затоа што не слушнаа како зборуваме албански. Сум бил тепан со братучедите во мојата Преспа, во Ресен само затоа што сме Албанци. Сведоците на настанот веднаш заборавија кои беа лицата што не тепаа, а началникот од Битола ни пушти кривична пријава за учество во тепачка, иако ние бевме тие тепаните и облеани во крв, па така излезе дека сами себе сме се тепале. Како и онаа полицајка во случајот со функционер на ДУИ која сама си ја удри главата од пајак возилото. Многу има, и овде има простор за книга, не е поентата да набројувам, поентата ми е дека ништо од ова не го променило моето мислење, ниту пак направило да чувстсвувам омраза кон цел еден народ. Било што било, треба сите да гледаме напред и да овозможиме некои работи никогаш да не се повторат и особено да не правиме на другите тоа што не сакаме нас да ни го прават.

ШТО ТРЕБА ДА РАЗБЕРАТ АЛБАНЦИТЕ?

Албанците треба да разберат дека не може и ден денес да ги обвинуваат Македонците за сите лоши работи што им се случиле или случуваат. Албанците се дел од власта повеќе од дваесет години, Албанците раководат со институции, министерства, општини многу долго време. За условите во тие општини се одговорни нивните политички лидери, а не Македонците. Алијансата на Албанците веќе неколку месеци се расфрла со некои податоци од институции во кои Албанците се под 20 %. Кулминација беше небулозата искажана во постот на градоначалникот на Гостивар, Таравари, а се однесуваше на доделувањето на награди на Златна Бубамара, каде посочи дека ниеден Албанец не добил награда. Треба да знае Таравари дека за да ти се додели награда за најдобра песна треба прво да ја направиш, за да ти се додели награда за спортски успех треба прво да го оствариш и да не одам едно по едно.

Бесир Алити стана европски шампион во борење, беше примен од премиерот, од претседателот на државата, сите го поздравија неговиот успех. Зашто не доби Златна Бубамара, затоа што подвигот на другарка ми Илина Арсова е неверојатен и огромен, затоа што Вардар стана европски шампион и е неспоредливо. Излезе ли некој претставник на албанска политичка партија да го честита успехот на Вардар или тој на Илина? Еве во тој дух јас ќе се надоврзам со неколку прашања, зошто во ракометната репрезентација на Македонија нема Албанци? Зошто во одбојкарската, ватерполо репрезентација, хокеарската нема Албанци? Затоа што Албанците не ги играат тие спортови, играат фудбал и ете неколку Албанци има во репрезентацијата, повеќе од 20% ако сакате низ бројки, сакаат боречки вештини и ете носат трофеи од големи натпреварувања. Паралелата ми е смешна и невалидна, но само со пародија може да се одговори на пародија.

Сосема пак друго прашање е што никој не говори за квалитет. Се запраша ли некој Албанец дали има доволно квалификувани кадри за да има 20% Албанци во тие институции пред да се расфрла со проценти. Основната работа е да се овозможи институциите да не дискриминираат при можноста за вработување, да не го гледаме тоа што сме го гледале низ годините, да се овозможи квалитетно образование за младите за утре да бидат компетитивни, а не да мафтате со бројки, кога условите ќе се овозможат, бројките ќе си дојдат сами по себе. Квантитет, наместо квалитет, во вашите приватни фирми ако сакате, така држава не се води, затоа сме кај што сме. Друго прашање кое мене лично ме интересира, дали знае некој од албанските политичари да даде процент на Албанци кои биле дискриминирани од Албанци во однос на вработувањето, дали знае некој колку квалитетни Албанци биле одбиени затоа што немале партиска книшка, па сега талкаат некаде низ светот или седат дома без работа, додека некадарни ги држат нивните места или пак седат дома и земаат плата? Сакате да ја добиете ДУИ на избори, со економски проекти, со образовни проекти, со проекти кои го подобруваат животот на граѓаните, таму кај што ДУИ потфрли, а не со реториката од 1991 година, дека „Македонците се националисти и не дискриминираат“.

ШТО ТРЕБА ДА РАЗБЕРЕМЕ СИТЕ?

Треба да признаеме дека голем дел од населението носи омраза во себе, кон другиот, кон поинаквиот. Јасно е дека таа омраза не може да исчезне со пар текстови и колумни. На крајот на краиштата, со омразата треба секој сам да си живее и да се носи, не заборавајте дека лошите мисли само вие ги слушате. Доколку државата овозможи услови преку носење на закони каде ќе мора барем да се почитуваме ако веќе не се сакаме, а тоа значи санкционирање на сите јавни навреди и искажување на омраза, додека државата води политики кон создавање на еднакво општество за сите, тоа за мене е доволно за сега. За комплетно нормализирање на односите, треба најмалку една генерација да помине, ако почнете од себе, сега и веднаш. Прво промени се себе си ако сакаш да видиш промена кај другиот, а да се промениш себе е најтешко. Престанете да ги труете децата уште од мали нозе и да ги учите на Албанците да им се обраќаат со „шиптари“ и дека тие се лоши, на Ромите со „цигани“, на Македонците да им се обраќаат со „ѓаури“ и дека на нив не може да им се верува. Ослободете ги барем децата аман, не за ваше, за нивно добро, за утре тие да можат да живеат нормално.

The post Шиптарите се лоши, а на ѓаурите не им се верува appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....