2.8 C
Скопје
19:36 - 18 декември, 2024

Сага за едно уништено пријателство

Јавноста во Македонија деноноќно ги следи случувањата поврзани со судските случаи „Рекет“ и „Рекет 2“, обидувајќи се дознае дали се вистинити обвинувањата против Бојан Јовановски и Катица Јанева, кои наводно се на самиот врв од рекетарската криминална банда, која изнудувала пари од богати бизнисмени.

Реков јавноста е заинтересирана за овие случаи, но јас и не баш. Всушност, сакам да кажам дека и јас ги следам извештаите од судските расправи, но тоа што ме фрапираше не се изнесените докази поврзани со наводното рекетирање, туку признанието за крајот на едно повеќегодишно пријателство. Да бидам прецизен, пријателство што траело цели 17 години и сега под мистериозни околности напрасно престанало да постои, како да е балон од сапуница. Расте, се шири и напрасно се распрснува. Да, такво било пријателството на Лила Филиповска, неспорната водителска дива од ТВ екраните и инфлуенсерка, со Бојан Јовановски, наречен Боки 13, кој можеме за оваа прилика да претставиме како неспорен див од ТВ екраните, водител, учесник во реални шоуа, инфуенсер и хуманитарец. Двајцата биле другарчиња цели 17 години. Нераздвојни. Нивното другарство било толку силно што Лила неколку пати му позајмила пари на Боки и тоа онака во „кога ќе имаш ќе ми вратиш“ варијанта, а во една пригода донирала 25 илјади евра за неговата телевизија. Всушност, „1 ТВ“ не е телевизија на Боки, бидејќи тој никогаш не беше впишан во Централниот регистар како сопственик или барем како управник, но и покрај тоа Лила Филиповска – ептен најголема другарка на свет – ја донирала споменатата сума на телевизијата, која е еквивалентна на пет годишни приходи на едно просечно македонско семејство. Значи до толку му била другарка на другарот!

Врв на нивното другарство ми е нејзиното признание, дека пред да биде уапсен Боки, тие се упатиле на одморот во Миконос. Не знае кој го платил одморот, но за секој случај понела пари. Значи, треба да одиш на најскапиот грчки остров на летување и не знаеш кој ти го платил аранжманот.

– Може е Боки? Сигурно е Боки, ама да си понесам некоја паричка за секој случај, може, пак, јас ќе треба да му платам на другарчето – веројатно помислува Лила во тие моменти, го пакува куферот и со сигурни чекори се упатува кон Миконос. Е, сега, тука е крајот на оваа „Ода на пријателството“, на ова „Царство на другарство“. Некаде пред Миконос, односно на неколку метри пред граничниот премин, Боки е уапсен од македонската полиција. Со лисици е одведен прво во станица, а потоа и пред истражниот судија каде што му се одредува мерка притвор. Тука Боки станува интересен за целата македонска јавност и целото нашето правосудство. Но, престанува да ѝ биде битен на Лила. Која наеднаш му се скарува, го отфрендува, го брише со гумичка. Но, зошто? Зошто, прашувам јас? Зошто се скаравте? Каде? Кога? Додека го приведуваше полицијата? Додека му беа читани правата? Во тие две, три или пет минути, додека Боки се објаснувал со полицајците дека направиле некаква грешка? Навистина не ми е јасно.

Но, Лила пред судот го даде своето сведочење, потврдувајќи ја траорната вистина.

– Не сме скарани, но не сме веќе пријатели со Боки 13. Го познавам од неговата 15-та година. Бевме пријатели, па бевме скарани некое време, па се смиривме пред некое време. Сега не сме скарани, но не сме пријатели – рече таа, а нема причина да не ѝ се верува бидејќи исказот го дава под заклетва, притоа предупредена дека лажното сведочење е кривично дело.

Нешто подоцна таа пред насобраните новинари одби да каже зошто повеќе не е пријателка со Боки. Односно како успеала да не биде пријателка кога не се видела со него, а не се ни чула по телефон.

Можеби, си вртам во глава барајќи одговор, кога двајца луѓе се другари долги години развиваат телепатска врска? Па тоа им овозможува да одат на одмор заедно без да знаат кој ќе плати, или, пак, да го прекратат пријателството без да се видат. А можеби и за сè е виновен Боки, бидејќи тој од човек опкружен со свита што му стави круна на главата, наеднаш остана сам на светот.

Во секој случај, ова е тажен ден за другарувањето.

The post Сага за едно уништено пријателство appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....