23.8 C
Скопје
12:47 - 29 април, 2024

Ресенските јаболка и грчките ниви ги „испија“ преспанските води

Катастрофално празното Преспанско Езеро ги налути граѓаните и ги раздвижи зачмаените надлежни државни институции да ги забрзаат најавените чекори за спас на второто по големина природно езеро во земјава. И додека Министерството за животна средина најавува дека ќе профункционира трилатералната комисија, со експерти од Македонија, Албанија и од Грција за да ги испита причините за еколошката катастрофа и да понуди практични решенија, експертите се согласни дека сегашната состојба е резултат на комбинирано влијание на природните климатски и геолошки фактори и на неодговорното човеково однесување.

– Добро е што вниманието на јавноста е насочено кон проблемот со сушата на Преспанското Езеро, но се плашам дека институциите, под притисок на јавноста, ќе се определат за популистички мерки, какви што се пренасочување на некоја река кон езерото, што може да создаде вистинска катастрофа – вели д-р Драган Арсовски, биолог од Македонското еколошко друштво (МЕД), кој се занимава со проучување на промените на биодиверзитетот во Преспанскиот регион.

Според него, важно е колку врнежи имало во претходниот влажен период во преспанскиот басен, од октомври до март, а тие, пак, се условени од временските промени на северниот Атлантик, односно од тоа какви ветрови дуваат и дали тие ќе донесат влажни воздушни маси и повисок водостој на езерото.

Преспанското Езеро во последните триесетина години претрпува голема загуба на своите резерви вода, но според одредени сознанија, ова езеро било и на пониско ниво. Доказ за ова се и остатоците од наколната населба во близина на с. Наколец, кои со повлекување на езерото биле забележани на брегот, вели Васко Стојов, експерт хидролог од Управата за хидрометеоролошки работи. Се претпоставува дека во минатото, заради добивање ново обработливо земјиште, било спуштано нивото на природната одводна вода кај Малото Преспанско Езеро на излезот од Клисурата Грло, при што водите од езерото истекувале во Билиштанско Поле. Постоел и обид со поставување експлозив, за зголемување на отворите каде што водите од езерото се губеле во понорите на Планината Галичица (Завир).

Стојов наведува дека во втората половина од минатиот век, на езерото му се случуваат следниве големи зафати: користење на водите од Малото Преспанско Езеро и префрлање на вода во Корчанскиот систем за наводнување; систем за наводнување во сливот на малото езеро; пренасочување на водите од реката Герман кон полињата во соседна Грција; преграда на спојот меѓу малото и големото езеро, при што е спречен природен површински истек од малото кон големото езеро; црпни пумпи кај Асамати и Сирхан за префрлување на вода во системот за наводнување на Ресенското Поле; нови ископувања за индивидуално црпење вода и локално наводнување.

– Со груба пресметка, може да се каже дека во просек од езерото годишно неповратно истекуваат 1,68 кубни метри во секунда – вели Стојов.

И Арсовски смета дека се игнорира човечкото влијание. Голем дел од производството на јаболката на крајот завршува во водите на Преспанското Езеро, водите се преполнуваат со хранливи материи, кои придонесуваат за забрзување на процесот на еутрофикација на езерото.

– Јаболка, отпадоци, што било што содржи фосфор и азот, значи зголемено количество храна за алгите, потоа следува пораст на бројноста на фауната која се храни со алгите и сето тоа се одразува натаму низ синџирот на исхраната – додава биологот Арсовски.

Министерот за животна средина Нуредини како можна причина за намалувањето на нивото на езерото го спомна зголемување на земјоделските површини во регионот. Арсовски вели дека не постои регистар на обработени земјоделски површини и не можеме точно да кажеме колку земја кај нас се обработува и наводнува, ниту пак имаме регистар на бунари од кои се црпи вода.

– Не велиме дека треба да се сопре земјоделието, но мора да се најдат компромисни решенија. И на ваквите драстични промени на самото езеро живиот свет постапно да се адаптира, прашање е како луѓето ќе се прилагодат на исчезнувањето на езерото, кога тие се навикнати да живеат во овие постојни услови – вели Арсовски.

Тој потсетува дека на дотокот на вода сериозно влијаат и малите хидроцентрали изградени на неколку планински рекички како, на пример, Брајчинска Река, кај кои дотокот е слаб и каде што не е запазен биолошкиот минимум, а во сушните години целосно ја снемува реката.

Стојов: Нивото на Преспанско Езеро уште ќе опаѓа

Деновиве нивото на Преспанското Езеро е на кота од 842.84 мнв, а тоа значи дека во однос на измерениот апсолутен минимум од 2008 година е на разлика од 9 cm. Ова покажува дека сѐ уште не е достигнат апсолутниот минимум, но секако во наредниот период тоа и ќе се случи. Очекуваните врнежи што започнуваат со новата хидролошка сезона, само ќе го ублажат намалувањето. Потребни се сериозни врнежи од дожд, а потоа и од снег да се надополни големата загуба. Иако во текот на наредниве месеци, октомври, ноември и декември, се очекуваат редовните врнежи што секоја година го надополнуваат отстапувањето кое се јавува во текот на летните месеци, негативата од прекумерното црпење на водите и испарувањето потешко се надополнува и поради тоа се потребни мерки за заштита од трите соседни држави што го делат езерото.

The post Ресенските јаболка и грчките ниви ги „испија“ преспанските води appeared first on Слободен печат.


Ресенските јаболка и грчките ниви ги „испија“ преспанските води was first posted on октомври 2, 2020 at 12:34 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....