7.8 C
Скопје
17:01 - 18 декември, 2024

Репортажа на „Слободен печат“: Болката на Брзакови за исчезнатата Марија тежи над Босилово

Малото струмичко село Босилово, деновиве е во центарот на вниманието во Македонија. Ова село десетина дена е обвиено во жал, тага и неизвесност, поради исчезнувањето на младата Марија на која полицијата не може да ѝ најде траг. Таа, на 18 јануари, во раните утрински часови, излегла од својот дом и повеќе не се вратила. Била облечена во тренерки во темна боја, на нозете имала патики или влечки, со себе не носела чанта, мобилен или било каков документ. Висока е околу 160 сантиметри, средна градба, со долга костенлива коса.

фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Екипата на „Слободен печат“ го посети Босилово и семејниот дом на Марија Брзакова во кој секојдневно, во надеж дека повторно ќе ја видат на прагот, живеат нејзиниот сопруг и нејзината 4-годишна ќеркичка, како и нејзините свекор и свекрва.

Семејството Брзакови инаку живеат во Швајцарија. Младиот брачен пар во септември се вратил во родното село на родителите на сопругот, а поради семејната трагедија од Швајцарија пристигнале и свекорот и свекрвата.

фото: Слободен печат/ Д. Митрески – Куќата на семејството Брзакови

Соседите велат дека не ги познаваат Марија и нејзиниот сопруг, бидејќи многу ретко доаѓале во Босилово. Тие се запознале во Швајцарија, а најверојатно и се родени таму, велат соселаните. Марија е по потекло од соседното село Турново, каде имаат куќа нејзините родители. Тие исто така, од неодамна се дојдени од Швајцарија поради исчезнувањето на нивната ќерка.

Екипата на „Слободен печат“ отиде во домот на Марија Брзакова, а траорната и потресна атмосфера можевме да ја почувствуваме уште на самиот праг. Не пречека свекорот на Марија, на кој му се претставивме дека сме новинари и го прашавме дали може да поразговараме со неговиот син. Сопругот на Марија во тоа време во дворот разговараше со полицајци.

– Почекајте да го прашам синот – нѝ одговори татко му со солзи во очите.

Набрзо потоа се врати и нѝ рече дека неговиот син не сака да дава изјави за медиумите, барем не во овој момент.

Одлучивме да ја почитуваме нивната болка и си заминавме.

фото: Слободен печат/ Д. Митрески – Босилово

Тргнавме низ селото да се обидеме да дознаеме, дали некој од соселаните видел нешто или слушнал. Се изнаслушавме чаршиски муабети. Приказните се плетат од ден во ден, но сите жители на селото посакуваат само едно, случајот со Марија да има среќна завршница.

фото: Слободен печат/ Д. Митрески – куќата на Брзакови

На некои стотина метри од куќата на Марија се наоѓа реката Струмица. Тоа е едно од првите места кои полицијата ги пребара, а минатиот викенд околу 100 ловџии и жители на Босилово, Турново и околните места ги пребарале каналите, текот на реката Турија, браните Дрвош и Иловица, Моноспитовско блато и околните полиња. Но, за жал, не пронашле никаква трага од Марија.

фото: Слободен печат/ Д. Митрески – река Струмица во близина на домот на Брзакови

Прошетавме по течението на реките Струмица и Турија. Забележавме дека станува збор за реки со низок водостој кои веќе подолго време не се исчитени, па поради тоа се обраснати со висока трева и грмушки. Тоа, според локалното население, им претставувало голем проблем на полицајците при потрагата.

фото: Слободен печат/ Д. Митрески – река Турија

Се упативме кон Турново, селото каде што имаат куќа родителите на Марија. Го пронајдовме нивниот дом. Заѕвонивме на вратата на која се појави нејзината мајка. Видно растревожена и со солзи во очите, љубезно не замоли да си заминеме.

– Не сме во состојба ниту јас, ниту сопругот, да даваме изјави за медиумите – ни рече таа и не испрати со надеж дека Марија ќе ја најдат жива.

фото: Слободен печат/ Д. Митрески – куќата на родителите на Марија во Турново

Полицијата нема никакви траги

Полицијата, акко што не информираа од СВР Струмица, се уште не ја пронашла Брзакова.

– Брзакова не е пронајдена, се работи на случајот, а во интерес на истрагата не смееме да откриваме повеќе детали – ни изјави Хризантема Рендевска од СВР Струмица.

Како што е веќе познато, исчезнувањето на Марија во полиција го пријавил нејзиниот сопруг Б.Б. (29) во понеделникот, односно по три дена и две ноќи откако жената се оддалечила од домот.

Ова предизвика бурни реакции на социјалните мрежи дека оваа информација не е точна, за што слушнавме и од мајката на Марија, која ни посочи дека тие дознале во саботата или ден по исчезнувањето, но не знае зошто случајот е пријавен во понеделникот, бидејќи биле на пат за Македонија.

Истрагата за исчезнувањето на Марија Брзакова од Босилово од завчера ја води Основното јавно обвинителство во Струмица.

Според информациите оттаму, отворена е предистражна постапка, а повеќе детали во интерес на истрагата не се соопштуваат.

The post Репортажа на „Слободен печат“: Болката на Брзакови за исчезнатата Марија тежи над Босилово appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....