-4.2 C
Скопје
03:16 - 23 декември, 2024

Разговор со Антонио Михајлов: Да се биде трансродово лице не е избор, потребно е да се овозможи пристап до правни и медицински услуги без дискриминација (ВИДЕО)

Антонио Михајлов / Фото: Галерија на Субверзивен фронт

Република Северна Македонија е една од последните земји во регионот што ги додаде сексуалната ориентација, родовиот идентитет и припаѓањето на маргинализирана група како основа според која се забранува дискриминација.

ШТО Е ДИСКРИМИНАЦИЈА?

Дискриминација е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите. Повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација е секоја активност со која посредно или непосредно се повикува, охрабрува, дава упатства или поттикнува да се изврши дискриминација врз дискриминаторска основа.

Со законот што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 16 мај 2019 година, а стапи во сила на 22 мај истата година, со Указ за прогласување на законот од претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло,образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.

Целта на овој закон е обезбедување на принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи. Ефективната имплементација на законот подразбира ангажман на надлежните институции и развивање на свеста и вклучување на повеќе засегнати страни, особено на граѓаните.

Состојбата во Македонија

Сепак, и покрај донесувањето на законот, на почетокот на 2020 година се бележи „успорување на одредени процеси за подобрување на состојбата со човековите права на ЛГБТИ луѓето, особено со распуштањето на Собранието на Република Северна Македонија и најавувањето на предвремените парламентарни избори кон средината на април. Комисијата за заштита од дискриминација остана неформирана од претходниот парламентарен состав, а со тоа дополнително се пролонгираше формирањето на ова тело за еднаквост и заштитата од дискриминација за сите граѓани. Правното признавање на родот исто така не беше ниту предложено пред претходниот парламентарен состав и е оставено да чека подобри денови. Во текот на овие месеци регистриран беше зголемен број на случаи на говор на омраза, но и едно уништување на билборди кои беа дел од герила акција за промоција на фиктивен лек кој лечи хомофобија и трансфобија“ – според воведот од месечниот извештај за јануари, февруари и март 2020 година околу состојбата со човековите права на ЛГБТИ луѓето во Македонија.

Според публикацијата на Институтот за човекови права пак, која беше објавена во октомври 2019 година, а која го истражуваше јавното мислење и нивото на перцепција за сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за утврдување дискриминација, и покрај позитивните промени кои се случија во изминативе две години, во Македонија се уште треба многу да се работи за да се промени општиот став на јавноста за ЛГБТИ заедницата.

Ова истражување, кое Институтот го спровело на околу 1.000 испитаници, се реализирало преку две анкети во 2019 година – првата во април 2019 година, а втората неколку месеци подоцна, односно во октомври 2019. Оттаму, од просечната вредност на одговорите на испитаниците (од 1 најмалку – до 5 најмногу) , истражувачите заклучиле дека за најдискриминирани лица во Македонија се сметаат лицата со попреченост (3,6), Ромите (3,4), и хомосексуалците и трансродовите лица (3,1).

Во поглед на ставовите за дискриминација на хомосексуалните и трансродовите лица, општиот став на јавноста кон ЛГБТИ популацијата станал понетолерантен во октомври, кога била реализрана втората анкета. Во меѓувреме, во јуни 2019 се одржа и првата Парада на гордоста во Скопје. Веднаш по објавувањето на веста за настанот, во мај 2019, Скопје Прајд наиде на огромна поддршка, но стана и мета на критика. Така, Парадата веднаш беше „прозвана“ од „Сојуз за живот“ со „Марш за зачувување на традиционалните вредности“. Повардарската епархија од МПЦ, на чело со владиката Агатангел, ја поддржа иницијативата и по утринската литургија на 27 јуни учествуваа на поворката низ Скопје посветена на „сведочењето на традиционалните семејни вредности“, протестирајќи против идејата за родова рамноправност, под изговор дека тоа претставува „промоција на неприродното семејство“. Додека при првата анкета во април 2019, 17.5% од граѓаните сметале дека ЛГБТИ лицата не се воопшто дискриминирани, во втората анкета стапката се зголемила, кога 24.6% од граѓаните одговориле дека припадниците на ЛГБТИ заедницата не се воопшто дискриминирани. Помал бил процентот испитаниците кои сметале дека ЛГБТИ лицата се многу дискриминирани (34.8%), наспроти 41.9% при првата анкета.

Причините за оваа промена во ставот на јавноста треба да се бараат во настани и процеси од интерес за јавноста во времето пред спроведувањето на анкетата, а кои според својата природа можат да влијаат на перцепцијата на јавноста за ЛГБТИ популацијата. Тие настани се поврзани со скандалот Рекет, каде што клучната фигура е перцепирана од јавноста како ЛГБТИ лице, и воедно е перцепирана од јавноста во негативно светло. Овој заклучок се наметнaл од коментарите на испитаниците во анкетата, се вели во публикацијата на Институтот за човекови права.

Испитаниците биле прашани да ја изразат својата согласност за прашањата со одговори на скала од 1 до 5, каде 1 означува „воопшто не се согласувам“ , а 5 „целосно се согласувам“ / Извор: Интитут за човекови права

Во февруари годинава, беше објавен и годишниот извештај за состојбата со човековите права на ЛГБТИ луѓето во Европа и Централна Азија изработен од ИЛГА ЕВРОПА за 2019 година, во кој беше преставена и состојбата во Република Северна Македонија. ЛГБТИ Центарот за поддршка, заедно со Коалицијата Маргини и Субверзивен Фронт дадоа свој придонес во изготвувањето на делот од извештајот кој се однесува на Македонија.

Антонио Михајлов, Извршен директор и еден од основачите на Субверзивен фронт

Извршниот директор на Субверзивeн фронт, Антонио Михајлов за „Слободен печат“ вели дека од моментот кога е формирано ова здружение за сексуални и родови малцинства, има разлика во поглед на видливоста во јавната сфера, но сепак, таа е поизразена само кај ЛГБ лицата (геј мажите и лезбејките). Тој додава дека има напредок последниве три години, односно, дека малку се променети реториките на политичарите и новинарите, но сепак, истакнува дека се уште сме сведоци на хомофобични изјави кои го нарушуваат достоинството на заедницата. 

Во разговорот, Михајлов зборува за тековната состојба и атмосферата во која живее ЛГБТИ заедницата во Македонија. Како извршен директор на Субверзивен фронт, Михајлов потсеќа дека спроведувањето на пресудата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во полза на Лицето Икс и трансродовата заедница во Македонија се уште не е реализирано, и покрај тоа што во јуни 2019 година, Владата ја задолжи Управата да постапи според пресудата на ЕСЧП и во најкраток рок да одлучи позитивно, односно да дозволи промена на ознаката за пол. Тоа што оваа маргинализирана група во моментов нема пристап за целосна промена на документите за идентификација која соодветно го претставува нивниот родов идентитет и родово изразување е проблем кој предизвикува анксиозност и стрес за секое трансродово лице, особено кога треба да им објаснат на шалтерските работници во институциите зошто нивниот изглед не соодветува со полот кој им е доделен при раѓање. Во разговор за Слободен печат, Лила Милиќ, активистка за правата на трансродовите лица и сексуалните работници, детално објаснува каква тортура може да стане навидум обичното одење во банка или болница.

Извршниот директор на Субверзивен фронт потенцира дека да се биде трансродово лице не е избор, па затоа операциите за промена на пол и хормонската терапија треба да бидат покриени од Фондот за здравствено осигурување. Самоприфаќањето и поддршката од најблиските се особено битни за трансродовите лица, но тоа е отежнато поради стигмата и предрасудите кон целата ЛГБТИ заедница во општеството . Нашите институции, психолозите и училиштата се уште не се доволно сензибилни за да можат во целост да одговорат на потребите на трансродовите лица, што придонесува на прсти се бројат трансродовите лица во Македонија кои можат да ја раскажат својата успешна приказна, но како што вели Михајлов, тоа може да се промени со темелна и долгорочна работа.

Во продолжение, погледнете го целиот разговор со Антонио Михајлов, извршен директор на Субверзивен фронт:

The post Разговор со Антонио Михајлов: Да се биде трансродово лице не е избор, потребно е да се овозможи пристап до правни и медицински услуги без дискриминација (ВИДЕО) appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....