24.8 C
Скопје
19:19 - 20 мај, 2024

Приватниците засега не ветуваат отпис на камати за струја, парно…

Приватните компании може доброволно да отпишуваат камати на стари долгови за струја, парно, телефон… за кои се воделе судски постапки заклучно со 2017 години, како што предвидува „свежо“ донесеното законско решение за отпис на камати и за репрограмирање долгови по стари сметки.

Но, според изјавите на компаниите, тие допрва ќе разгледуваат дали и како евентуално би се приклучиле на ова законско решение. Според нивните изјави, тие и сега овозможуваат плаќање на рати на стари долгови.

Во изминатите години голем дел од граѓаните се жалеа дека добиваат извршни решенија за стари сметки за струја и тоа уште од времето кога постоеше Електростопанство на Македонија. Од ЕВН Македонија велат дека ќе го разгледаат новото законско решение.

– Пред да ја донесеме одлуката дали ќе се приклучиме на оваа иницијатива, ќе направиме целосна анализа на законското решение и предметите што се опфатени со него. Инаку, ЕВН Македонија ги поддржува иницијативите што водат кон намалување на енергетската сиромаштија. ЕВН Македонија ќе биде дел од проектите преку кои ќе се најде вистинско решение што нема да биде на штета на ниеден субјект, туку напротив, ќе биде во корист на сите заинтересирани – изјавија за „Слободен печат“ од ЕВН.

Во врска со старите сметки за парно греење, од АД „Топлификација“ потсетуваат дека компанијата се наоѓа под стечај, така што одлуката за сметките од „Топлификација“ би требало да ја донесе стечајниот управител.

– Од 2009 година се формираа повеќе ДООЕЛ, односно „Снабдување Центар“, „Снабдување Исток“ и „Снабдување Запад“, кои до 2012 година ја вршеа енергетската дејност снабдување со топлинска енергија на потрошувачите. За овие друштва ќе видиме дали ќе се приклучиме кон законското решение за доброволно отпишување на каматите и за репрограмирање на долговите – вели Димитар Хаџимишев, претседател на Управниот одбор на АД „Топлификација“.

Според последниот извештај што го објави „Топлификација“, на 31.12.2016 година побарувањата за топлинска енергија на Топлификација АД Скопје, „Снабдување Исток“ ДООЕЛ, „Снабдување Запад“ ДООЕЛ , „Снабдување Центар“ ДООЕЛ и „Топлификација инженеринг“ ДООЕЛ, беа во износ од 795.295.109 денари, односно речиси 13 милиони евра.

Македонски телеком доброволно може да отпише камати и да репрограмира долгови, но оттаму нема реакција за новото законско решение.

На 5 февруари пратениците го изгласаа Законот за отпис на камати и репрограмирање долгови и трошоци на физички лица, по скратена постапка. Со овој закон не се овозможува бришење на направените долгови, затоа што секој што направил долг мора да си го плати, но како што е образложено, донесувањето на Законот произлегува од потребата за решавање на проблемот со старите судски извршни предмети, трансферирани кај извршителите и нотарите во 2011 година, како и предметите дадени за извршување за наплата на долгови пред извршителите заклучно со 31.12.2017 година“.

Како што е познато, во 2011 година кај извршителите од судовите преминаа стотици илјади предмети што со години стоеја по фиоки, за кои се таложеа камати и за кои не постоеја уредни известувања дека воопшто се водела некаква постапка. Кај извршителите пак почнаа новите проблеми и за нив има многу големи забелешки во однос на начинот на извршување, во однос на известувањето за долгот, за долготрајноста на процесите, а најмногу за огромните трошоци за извршување, кои често и повеќепати го надминуваа износот на долгот. Со Законот за отпис на камати и репрограмирање долгови и трошоци на физички лица, не се врши отпис на трошоците за извршување, но се овозможува тие да се платат на рати.

Доверителите во приватна сопственост, отписот на каматите, како и репрограмирањето на главниот долг и трошоците, го вршат на доброволна основа, согласно со одлука на органот на управување, која задолжително мора да ја донесат во рок 90 дена од денот на стапување во сила на овој закон, без оглед дали ја прифаќаат или не ја прифаќаат примената на одредбите од овој закон“, пишува во Законот.

The post Приватниците засега не ветуваат отпис на камати за струја, парно… appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....