Се препорачува откажување на сите поголеми јавни собири до 6 март, соопшти Владата вчера, по откривањето на првиот случај на заразен со коронавирус во Македонија.
„Истото се однесува на сите други поголеми забавни и културно-уметнички манифестации. Пазарната инспекција и Агенцијата за лекови се задолжуваат да контролираат колку заштитни средства има во аптеките, и ако се забележи дека скокаат цените, да постапат според надлежностите. Се задолжува и Црвениот крст да испрати волонтери на граничните премини за да ги анкетираат лицата што влегуваат во земјата“, пишува во соопштението на Владата.
Уште пред препораката на Владата, беа откажани активностите од Струмичкиот карневал што требаше да траат до 4 март. Учесниците на Карневалот биле враќани, иако пристигнале на самата граница со Македонија. Дополнително ќе се утврдуваат термини кога ќе се одржат главните манифестации. На интернационалната карневалска вечер што беше закажана за денеска, требаше да учествуваат 1.200 учесници од земјава и од странство. Коронавирусот го откажа и протестот што беше планиран за вчера „Балканот бара чист воздух“. Привремено се откажа и меѓународниот карневал „Прочка 2020“ во Прилеп.
Навалицата продолжува
Иако засега само еден пациент во Македонија е дијагностициран со „ковид 19“, здравствените власти продолжуваат да иницираат превентивни мерки, а на Инфективната клиника секој ден се тестираат потенцијални случаи. Сите, освен тој на 50-годишната жена која со комби се вратила од Италија, се негативни. До затворањето на весникот се очекуваа резултати од уште едно лице.
Граѓаните продолжуваат да ги празнат полиците од продавниците со намирници како брашно, конзерви, шеќер и масло за готвење. Во аптеките во огромни количини се трошат дезинфекциски средства и маски, иако министерот за здравство рече дека маските не се препорачливи.
Пациентката заразена со коронавирус закрепнува на Инфективната клиника, во стабилна состојба е и нема компликации.
– Оценката на лекарите е дека таа влегува во фазата кога почнува закрепнувањето. Целокупниот процес на домашна изолација на луѓето со кои пациентката била во контакт оди добро – рече министерот за здравство Венко Филипче.
Завчера двајца патници од Италија беа негативни на тестот за коронавирусот, а вчераутро беше тестиран уште еден патник, кој од Италија дошол во Струмица пред една недела и имал покачена телесна температура. До затворањето на весникот, резултатите од неговиот тест не беа познати.
Двајца Бугари вработени во битолска фирма завчера се пријавиле дека неодамна патувале во регионот на Северна Италија. Тие рекле дека не биле во директен контакт со заболени лица. Ним им е советувано да останат дома, а ако почувствуваат симптоми, да се јават на телефоните на центрите за јавно здравје. Според протоколот, лицата со симптоми на коронавирус треба да се јават на телефоните, по што медицинска екипа ќе дојде кај нив дома да ги прегледа. Резултатите од направениот тест се готови од 3 до 7 часа по земањето на материјалите за испитување.
Има доволно опрема за здравствените работници
Од Министерството за здравство за „Слободен печат“ велат дека здравствените установи во моментов располагаат со лична залиха и новопрераспределена залиха за тековно функционирање на процедурите.
„Нема да дојде до ситуација здравствените работници да работат без соодветна опрема. Согласно со алгоритмите, набавките и протоколите, опремата е на располагање и во доволен број. Во новите набавки до средината на март, треба да стигнат маски, ракавици, скафандери, визери очила, бесконтактни термометри и средства за дезинфекција“, велат од Министерството.
Вкупно во Европа има 774 заболени, од кои дури 650 се во Италија. Прашан дали стравува и очекува да има епидемија на коронавирус во Македонија, Филипче вели дека не може да се знае со точност што може да се очекува, но системот е спремен за да може да третира повеќе заболени пациенти.
– Станува збор за вирус за кој уште не знаеме сè. Во светот епидемиолозите уште учат за овој вирус, но ние мора да се подготвиме – рече Филипче.
Општина Центар ги учи основците како да мијат раце
Препораките на Светската здравствена организација (СЗО) за превенција од вирусот е да се мијат рацете постојано, да не се допира лицето и да се одбегнува незаштитен контакт со животни. Општина Центар и Државниот санитарен и здравствен инспекторат во центарските основни училишта почнаа кампања за правилно миење раце и одржување лична хигиена.
Клухе од СЗО: Нема место за паника!
Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клухе, кој ја посети Македонија вчера оцени дека подготвеноста на властите во справувањето со коронавирусот е одлична.
– Не постои причина за паника. Како специјалист за инфективни болести имам целосно разбирање за загриженоста на луѓето за нивното и здравјето на нивните семејства. Вирусот е нов и затоа имаме сериозен пристап. Но, да запомниме, денеска има 81.000 случаи, од кои 97 отсто се во Кина, а другите три проценти во 47 земји – рече Клухе.
The post Препорака од Владата: Да се откажат сите јавни собири до 6 март appeared first on Слободен печат.