13.8 C
Скопје
21:03 - 3 мај, 2024

Предизборна коалиција или предизборен комар?

Македонските и албанските политички партии и онака постојано соработуваат, не само кога тоа е јавно и транспарентно, туку и далеку од очите на јавноста, па воопшто не е чудно да се создаде предизборна македонско-албанска коалиција, туку е позитивно и посакувано, велат аналитичари по најавата на СДСМ дека ќе склучи предизборна коалиција со албанската партија Беса. Други, пак, предупредуваат дека со албански партнер, СДСМ може да изгуби дел од македонските гласачи.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев викендов во Виница истакна дека неговата партија е подготвена за коалицирање со сите партии, а особено со оние од албанскиот политички блок. Според испратените пораки во медиумите, СДСМ е близу до коалиција со Беса на Билал Касами, а не е исклучена ниту коалиција со ДПА на Мендух Тачи, но од посочените албански партии сè уште нема официјална потврда.

Со останатите албански партии СДСМ нема можност за предизборен договор, затоа што пред пет дена Алијансата на Албанците на Зијадин Села и Алтернатива на Африм Гаши ја формализираа својата коалиција, а со довчерашниот партнер во Владата ДУИ на Али Ахмети, одамна расчистија дека на овие избори одвоено ќе се борат за албанските гласови.

 

Во коалиција се со сите освен со Албанци

 

Според аналитичарот Насер Зибери, чесно е да се случи меѓуетничка македонско-албанска предизборна коалиција и неминовно, затоа што Албанците и Македонците треба да соработуваат и заеднички да ја градат иднината на Македонија.

– Евентуалната коалиција на СДСМ со Беса или со ДПА ќе биде формално прва меѓуетничка предизборна коалиција за парламентарни избори. На локалните избори СДСМ и ДУИ веќе настапија заеднички со предизборна коалиција и тоа се покажа како позитивно и за двете партии кои добија доминантни позиции во општинските совети и градоначалнички места. Добро е да има предизборна мултиетничка коалиција. Зошто го велам ова? Затоа што од 1998 година наваму албанските и македонските партии постојано соработуваат „андерграунд“, си помагаат и ги насочуваат гласачите. Тоа сите го знаат. Чесно е пред избирачите тоа да се формализира и да се соработува транспарентно, наместо да се продава патриотизам додека се прават пазари под маса. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат предизборни коалиции со партиите на сите етнички заедници во Македонија освен со албанските партии. Во коалиција се со Турците, Ромите, Бошњаците, Србите, само не се со Албанците – вели Зибери за „Слободен печат“.

Тој смета дека предизборна коалиција со албанска партија нема да го намали капацитетот на СДСМ за постизборни коалиции со другите албански партии.

– Нема да има пречки и за постизборни коалиции. Ако СДСМ победи и ако прави Влада, сите албански партии ќе сакаат да пристапат во владината коалиција.

А тие што играат на другата карта, на картата на национализмот, после изборите нема да можат така лесно да ја променат реториката и евентуално да привлечат коалициски партнери – вели Зибери.

 

Заев: Коалицијата ќе се договара до 9 март

 

Професорот Сефер Тахири во анализата за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ истакна дека СДСМ можеби ќе добие повеќе гласови самостојно, односно во постојната коалиција, отколку ако предизборно настапи со Беса и други албански партии.

– СДСМ и Беса имаат шанса за коалиција пред изборите. Но, како Беса ќе ги убеди нивите гласачи да гласаат на овие избори бидејќи на минатите претседателски избори наративот им беше дека не сакаат однапред да гласаат за македонски кандидат. Исто и сега, како ќе ги убедат да гласаат за нивната предизборна коалиција кога секогаш велат дека со тоа се губи политички субјективитет на одредена партија. И СДСМ, како мултиетничка партија, како што ја дефинира Заев, можеби ќе добие повеќе гласови самостојно отколку во коалиција со Беса. Одреден дел од македонското етничко гласачко тело може да не гласа заради предизборната коалиција со албанска партија, а според анкетите, тој број може да биде многу поголем број од гласовите што би ги добиле со Беса – вели Тахири.

Претседателот на СДСМ Заев викендов истакна дека досегашната коалиција ќе биде задржана и малку проширена, а тоа нема да се случи подоцна од 9 март, кога е закажан конгресот на СДСМ.

– Ние сме единствена партија што има голем избор за соработка со албанските партии, па јас очекувам дека ќе најдеме сили првпат да направиме предизборна коалиција со партии од албанскиот блок. Ние не сме веќе македонска партија, ние сме мултиетничка партија со доминантно македонско гласачко тело, но таков ни е и етничкиот состав на државата. Тоа ни дава право да бидеме фаворити на овие избори затоа што имаме опции за избор и за договарање. Ги завршивме разговорите со досегашните коалициски партнери, а веќе разговараме и со нови. Ќе продолжиме до крајот на следната недела, кога ќе го објавиме заокружувањето на процесот на коалициското договарање, а имаме околу 27 политички субјекти – рече Заев.

Од Беса не ја исклучуваат можноста за коалиција со СДСМ, но засега нема потврда, а неизвесно е како ќе се постави ДПА, чиј лидер Мендух Тачи минатиот месец најави дека на изборите партијата ќе настапи сама и дека не сакаат предизборни коалиции. За учество во владата Тачи постави услов тој да биде вицепремиер, а ДУИ да не биде дел од новата влада.

The post Предизборна коалиција или предизборен комар? appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....