Лидерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Авдулах Хоти, вчера во Овалната соба на Белата куќа во Вашингтон беа спремни да потпишат спогодба во чија содржина не е решено клучното прашање за меѓусебно признавање, под притисок од нивниот домаќин, американскиот претседател Доналд Трамп, кој пред изборите во ноември инсистира свеченото потпишување да го претстави како голем личен успех во меѓународната политика.
Потпишан економскиот договор меѓу Белград и Приштина во Белата куќа (ВИДЕО)
Спогодбата прифатлива за двете страни опфаќа уредување на прашања од економска природа, за соработка, инвестиции и обновување на сообраќајните врски.
Српскиот претседател Вучиќ предупреди дека нема да потпише каков било документ што би содржел одредби, макар и една реченица, со која би ја признал независноста на Косово. Таква одредба, според него, содржел нацрт-документот што му бил претставен завчера.
– Една од точките на првиот документ што ни беше презентиран на состанокот во Белата куќа, за економска нормализација, беше оној за заемно признавање на Србија и Косово, но таа точка веќе ја нема. Не треба да постои страв дека Србија ќе потпише каков било документ во кој постои барање за признавање на Косово. И точка! Го реков тоа јасно и гласно – изјави Вучиќ на паузата од првата рунда разговори во Вашингтон.
Спорната точка 10
Српски медиуми како спорна ја истакнуваат точката број 10 од договорот, која ги обврзува двете страни меѓусебно да се признаат и да гарантираат заштита на правата на етничките малцинства.
Спорната точка 10, според белградски медиуми, наводно гласела: „Двете страни се обврзуваат на меѓусебно признавање и заштита на етничките малцинства, решавање на статусот на лица без државјанство и се согласуваат да отворат канцеларии задолжени за заштита на правата на малцинствата и за редовно годишно известување“, што за Вучиќ било неприфатливо.
– Првиот документ што беше ставен пред нас беше со наслов „Економска нормализација“. Знаете како изгледа сето тоа, доаѓаат две страни, Приштина и нашата, тогаш американската страна ни дава документ што ниту една од страните не го има видено, тоа е нон-пејпер, што не може да го изнесувате или да го фотографирате, а потоа се изјаснувате за тоа прашање. Таа хартија беше ужасно тешка, имаше 15 или 16 точки, а една од нив беше да зборуваме за меѓусебно признавање, што не е новост за американската политика – изјави Вучиќ.
Тој кажа дека српската страна реагирала „силно и одговорно“, сметајќи дека тоа не може да стои во некој економски документ.
– Американската страна беше фер, тие нѐ сослушаа и мислам дека таа одредба повеќе ја нема во натамошните документи – изјави српскиот претседател.
Ова тврдење категорично беше отфрлено од домаќините на преговорите.
– Не е точно – објави на Твитер специјалниот американски пратеник Ричард Гренел, коментирајќи ги извештаите дека врз српската страна било вршено притисок да ја признае независноста на Косово.
Вучиќ не ја исклучи можноста да потпише договор за економски прашања.
– Беа сите од американската влада што се занимаваат со економија. Разговаравме за инфраструктурни проекти, што е добро за сите, но исто така и за понатамошно кредитирање и инвестирање, за малите и средни претпријатија – изјави Вучиќ.
Хоти: Потписот е признавање
Косовскиот претседател Хоти, пак, истакна дека во Вашингтон нема да разговара за други теми освен за меѓусебно признавање, но не ја отфрли можноста да биде потпишан само договор за економски прашања.
– И тоа е признание – изјави Хоти.
Неименувани функционери од администрацијата на Трамп изјавиле за Асошиетед прес дека двете страни веќе постигнале договор за три спогодби за сообраќај, вклучувајќи и повторно воспоставување авионска линија помеѓу Белград и Приштина по 21 година.
Роберт О’Брајан, советникот на претседателот Трамп за национална безбедност, изрази задоволство од првата рунда на разговорите и изјави дека лидерите на Србија и Косово постигнале „вистински напредок“.
– Многу добра рунда разговори попладнево со лидерите на Србија и на Косово. Тие денеска постигнаа вистински напредок. Економската нормализација значи работни места за младите. Разговорите ќе продолжат – порача О’Брајан на Твитер. Тој им се заблагодари на Фондот за развој на САД (ДФЦ), на Меѓународната агенција за економска помош МЦЦ и на американската банка „Ексим“, чии претставници учествуваа во преговорите меѓу Србија и Косово.
На преговорите во четвртокот била присутна и Иванка Трамп, ќерка и советничка на претседателот на САД, која вообичаено е присутна на сите важни дипломатски средби на својот татко и шеф.
– Иванка Трамп е важна, говореше за две важни теми, за претприемништвото на Балканот, особено за жените и претприемништвото. Не би ја исклучил можноста Иванка Трамп да ја посети нашата земја – изјави Вучиќ.
Позирање на Трамп
Уште пред Хоти и Вучиќ да пристигнат во Вашингтон, аналитичари во САД оценија дека на претседателот Трамп му е важно во Овалната соба да присуствува на свечено потпишување на договор, чија содржина, каква и да е, би ја претставил како свој голем дипломатски успех во меѓународната политика. На Трамп му е неопходна ваква промоција пред претседателските избори во ноември, особено на полето на меѓународната политика на која нема големи постигнувања по неуспешниот обид да постигне историски договор со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
Едвард Џозеф од Универзитетот Џон Хопкинс оценува дека Трамп го игнорирал најперспективниот модел за решавање на проблемот на Косово, според примерот на неодамнешната спогодба постигната помеѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати. Тој вели дека резултатот од преговорите во Белата куќа ќе биде неубедлив, без оглед дали Вучиќ и Хоти ќе потпишат документ за инвестиции и економска соработка.
– Тешкиот товар да се убеди Србија да ги нормализира односите со другата страна ѝ е препуштен на Европската Унија. САД и ЕУ мора да создадат сосема нова рамка во која Србија повеќе нема да може да го блокира пристапот на Косово до системот на меѓународната заедница, не со цел да се казни Белград, туку да се обезбеди основа двете страни конечно да преговараат рамноправно – истакнува Џозеф за порталот „Форин полиси“.
Во таков нов контекст, според Џозеф, Србија со помош од САД и од ЕУ би имала можност и поттик да преговара за заштита на своите трајни и легитимни интереси на „суверено, легитимно и рамноправно“ Косово, а не да диктира негова поделба. На Косово, пак, бу му биле овозможено да направи симболични и практични отстапки.
– Без промена на курсот, преговорите за Косово на крајот ќе се спуштат на прашањето на одредување на компензација на Белград за губењето на Косово, а токму тоа прашање доведе до дестабилизирачката идеја за размена на територии, која лани беше поддржана од администрацијата на Трамп – наведува Џозеф.
Сервер против размена на територии
Неговиот колега Даниел Сервер оцени дека Србија ќе биде во тешка позиција ако не го признае Косово.
– Србија ќе дојде во тешка позиција ако не го признае Косово. Ќе биде соочена со константен проблем што натежнува кон националистичката страна, а тоа може да биде голема пречка за членството во Европската Унија. Вучиќ би можел за возврат да побара нешто од ЕУ, можеби би побарал пари од САД или забрзување на процесот за членство во ЕУ – изјави Сервер за телевизијата „Ал џезира“.
Сервер не ја смета за добра идејата за размена на територии помеѓу Србија и Косово, која беше поддржана од Џон Болтон, поранешниот советник на Трамп.
– Размената на територии би резултирала со етничко чистење, не само во Србија и на Косово, туку и во Босна и во Македонија, а тоа би можело да влијае и врз Молдавија, Грузија или Украина. Зошто би го правеле тоа? – оценува Даниел Сервер.
И ЕУ во посредничка офанзива
Дипломатската офанзива од Вашингтон со цел Белград и Приштина да потпишат договор пред претседателските избори во САД ја иритираше Европската Унија, која инсистира приоритет да има нејзиното посредство со долгогодишниот преговарачки процес. Преговорите со посредство на ЕУ беа парализирани повеќе од две години откако Приштина воведе високи тарифи за увоз на српски производи, но неодамна беа одблокирани. Веќе за следната недела се планирани средби во Брисел на експерти и на највисоки функционери.
Европскиот специјален пратеник за дијалогот помеѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, тврди дека многу скоро со посредство на ЕУ може да биде изготвен договор за нормализирање на односите помеѓу Белград и Приштина.
– Да видиме уште колку време ќе ни треба, но говорам за месеци, не за години. И двете страни се посветени, и двете страни се сериозни и меѓусебно се почитуваат – изјави Лајчак на форумот на балкански лидери што неодамна се одржа во Словенија.
The post Потписот и позирањето поважни од договорот appeared first on Слободен печат.
Потписот и позирањето поважни од договорот was first posted on септември 5, 2020 at 8:53 am.