-1.2 C
Скопје
08:21 - 19 декември, 2024

Патот до пеколот е поплочен со скриени камери

Црната кампања како одраз на немоќта на партиите да ја освојат власта со вистински политички програми, идеи и со авторитетни личности, добива нови димензии спроти парламентарните избори, закажани за 15 јули. Колку и да се дистанцирате (барем тоа е здраво во вакво време), т.н. „бомби“ п(л)укаат по вас и од препорачано безбедно растојание. Детонации од вербални гадости што го контаминираат јавниот простор катаден трубат во евстахиевите туби на недолжните граѓани.

Фитилот им се пали во Чикаго, или во Италија, дури и во Индонезија – семоќен е и безграничен денешниот виртуелен свет  – но на „бомбашите“ со краток фитил заедничка цел им е експлозијата да одекне во домашниот двор. Аудио и видео извадоци од нечија приватност, несопирливо пуштени низводно по каналот „Јутјуб“, шират реа од „канализацијата“ преполна со реликти од кодошко-шпионското милје. И тоа пред носот на луѓето платени од буџетот да го гонат тој вид криминал.

Сеприсутни се тајно снимени „сечени-лепени“ материјали со јавни личности во главни улоги, фатени со лепливи прсти покрај торби или снопчиња со пари. На прв поглед личи на повик за правда, но поради отсуството на институционална реакција пресметано е постигнувањето на целта – спасување на нечија глава, изнуда на пари или ничкосување на политичкиот противник.

Посебни истражни ѕверки

Ако овој „занает“ порано беше во исклучива надлежност на тајната полиција, сега следењето на комуникациите на „државниот непријател“ како да е излезено од контрола. На снимателите и дистрибутерите на овие незаконски снимени разговори не им треба налог, заведен под шифрата „посебни истражни мерки“. Доволен им е само еден мобилен телефон, скриен под маса. Станува збор за „посебни истражни ѕверки“ што подметнуваат невидливи „бубачки“ и камери. Не се знае кој сė има вакви снимки, кога и против кого може да ги употреби, до каде може да оди оваа злоупотреба… На нишанот се, главно, водачите на најголемите партии, но не се поштедени ниту оние од пошироките листи. За јавен линч! Се наоѓа за секого по нешто, според потребите, во зависност од тоа како се качуваат или паѓаат рејтинзите на носителите по изборни единици. Постари изјави се пакуваат во извитоперен контекст, со подтекст да се искривоколчи ликот на „фраерот од флаерот“.

Иако стручњаците тврдат дека црнилата само ги одвраќаат граѓаните од гласање, неоткажувањето на политичките субјекти од овој плукачки маниризам во борбата за власт укажува на тоа дека партиските пи-ар служби добро го пресметале ефектот штом слепо инсистираат на мрежно минирање на теренот на противникот. Никулците на раздор што виреат во амбиент подвлечен со жолто ги возбудуваат социјалните и мејнстрим медиумите со нараснати пиплметри, кликови и лајкови: меѓу најчитаните содржини, покрај тие за Кардашијан и Карлеуша, се и пцостите или испрдоците изречени од устата на потенцијалниот премиер.

Буричкањето по интиматата е секогаш привлечно во општество стрвно за скандали. Кога овој сė уште неиспукан арсенал ќе се надополни со делот од богатото снимено „некултурно“ ДБК-наследство од времето на злогласниот Сашо Мијалков, секој од нас останува разоружан од надежта дека на ова парче земја, некогаш, кога и да е, ќе профункцинира системот според потребите на граѓаните. This is the road to hell („Ова е патот до пеколот“), би рекол рокерот Крис Риа.

Предводникот на опозицијата во 2015 година, Зоран Заев, кој тогаш имаше многу малку инструменти во рацете за да го сруши „недопирливиот“ Никола Груевски, ги обезбеди незаконски снимените разговори преку „свиркачи“. Нивното емитување беше иницијална каписла за експлозијата на незадоволство што се преточи во цврста решеност кај најголемиот дел од граѓаните конечно да расчистат со режимот. Тие „бомби“ беа доказ за злоупотребите на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање и на скапо платената опрема од државниот буџет. Искра што светна дека ќе го видиме светлото на крајот на тунелот беше потпишувањето на Пржинскиот договор и формирањето на Специјалното јавно обвинителство, односно со отворање на предметот „Таргет/Тврдина“.

Ѓаволштини од казанот

Но повторно некои други снимки беа причината и за падот на СЈО. Што за власта е доказ за неселективна правда. Но не и за опозиција, која не сака да раскрсти со своето неодамешно минато, па и обвинителката Вилма Русковска, што пред судот ја докажа вината на сė уште неправосилно осудената Катица Јанева и што отвори истрага за висок функционер на власта, ја нареди на долгиот список за прострел во црната кампања.

Снимките што беа прифатени како доказ во постапката за предметот „Рекет“ како да ги осоколи сите што поседуваат некакви тонски или видео записи со гласот или ликот на еден или друг партиски лидер, да ги понудат на берзата. Иако некои се тешко разбирливи, битно е да е што поочигледно и што поушислушно ниското озборувачко ниво на партиските фронтмени. Без разлика што повеќето немаат никаква врска со јавниот интерес.

Би било погубно политичката борба и по изборите да продолжи на ист начин зашто може да поттикне слично однесување и да се прошири во сите општествени клетки. Уценувањето на секој што може да плати, на овој или оној начин, за неговата приватност да не биде обелоденета, е опасно оружје во рацете на криминалците. Неказнивоста поттикнува злоупотреби, секогаш и секаде, а лесно достапната и евтина технологија може да направи „шпион“ од секого, ако таа појава навреме не се пресече. Што поскоро, и од корен.

„Патот до пеколот е поплочен со добри намери“ е мисла за која се смета дека потекнува уште од 1150 година од извесен свештеник Бернар од Клерво. Речиси еден милениум старата мудрост денес може да се видоизмени. Сега тој пат, за жал, е отворен за ѓаволштините од казанот на сомнителни ликови од политичко-криминалното подземје.

Од полицијата и од јавниот обвинител зависи дали ќе запре одењето на нашето општество по „патот кон пеколот поплочен со скриени камери“.

The post Патот до пеколот е поплочен со скриени камери appeared first on Слободен печат.


Патот до пеколот е поплочен со скриени камери was first posted on јули 5, 2020 at 9:41 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....