12.8 C
Скопје
23:41 - 28 април, 2024

Партиите неказнето ја почнаа политичката пресметка: Предвремената кампања извира од дупка во закон

Кампањата не е започната, а тече наголемо. Партиите веќе со денови се расфрлаат со предизборни ветувања и со оцрнувања на противникот, а се одржа и еден предизборен дуел на лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Глобата за ваквото поведение според Изборниот законик е 8.000 евра, но казната за предвремено почнување изборна кампања е само онака пропишана и не може да се изрече поради „дупка“ во законот.

Според Изборниот законик, за изборна кампања се сметаат јавните собирања што ги организира учесникот на изборите и активностите какви што се истакнувањето плакати, изборното медиумско и интернет-претставување, дистрибуирањето на печатени материјали и секој вид промовирање на кандидатите што се потврдени од надлежните изборни органи и нивните програми. Клучното во овој член од законот е што кандидатите треба да се потврдени од изборните комисии за да се смета дека водат кампања, а во овој период партиите сè уште не ги поднеле кандидатските листи.

Според роковникот на Државната изборна комисија за претстојните предвремени парламентарни избори што се закажани за 12 април, кандидатските листи треба да се достават до 12 март на полноќ, кампањата официјално треба да почне на 23 март, а да заврши на 10 април.

Никој не се жали

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски за „Слободен печат“ вели дека откако е тој на чело на комисијата, во последните три изборни циклуси ниедна партија не поднела претставка против друга партија за предвремен почеток на кампањата. Тој објаснува дека, иако пратениците од претходниот состав во последен момент пред распуштањето усвоиле измени на Изборниот законик, не ја регулирале најголемата празнина.

– Кампањата почнува 20 дена пред изборите, на 23 март, и според законот ние реагираме оттогаш. Досега нема претставка до ДИК од ниедна политичка партија за предвремена кампања. Ние, според законот, не сме должни тоа да го следиме, туку треба да добиеме претставка од учесниците. Ако претставката е основана, ние поднесуваме прекршочна постапка, а казнува судот – вели Дерковски.

Тој објаснува дека ваквата состојба се повторува при секои избори затоа што не е регулиран периодот од распишувањето на изборите, туку само периодот од поднесувањето на кандидатските листи.

– Нема одредби што ќе нè обврзат да интервенираме во овој дел. За да се избегнат тие ситуации, треба да се интервенира во законот и да се стават точно дефинирани забрани што смее, а што не смее да се прави од денот откако се распишани изборите, за да не се повторуваат овие појави и да не се злоупотребуваат. Нема друг начин. Од моментот на почетокот на кампањата, ДИК може да интервенира и да носи одлуки, но во овој момент не може, а тоа сега сите го користат – вели Дерковски.

Така им одговара на партиите

Комуникологот Сеад Џигал вели дека во Македонија постојано има политичка кампања и досега тој проблем не е надминат. Во врска со „дупката“ во законот што им овозможува неказнето предвреме да ги промовираат партиските предизборни програми, тој не исклучува партиите да имаат премолчана согласност ова прашање да остане вака отворено. Тој смета дека не е лесно, но е можно да се направи корекција и да се внесат модели како да се ограничи кампањата од денот на распишување на изборите.

– За жал, ние сме во постојана политичка кампања и досега тој проблем не е надминат. Не се донесени ниту законски ниту подзаконски акти, ниту пак договори или кодекси за тоа што е дозволено, а што не е. Партиите денес дополнително во своите кампањи се потпираат на новите медиуми, интернет порталите и социјалните мрежи, каде пак ништо не е регулирано и нема правила за ферплеј. Тоа е една сива зона во која војуваат и медиумите и партиите. Таму партиите добро се снаоѓаат и може неказнето да пласираат и црна кампања. Дозволени им се сите средства за да освојат некој глас повеќе – вели Џигал за „Слободен печат“.

Од друга страна, во препораките на ОБСЕ/ОДИХР издадени по претседателските избори во 2018 година со цел да се подобри изборниот процес се вели: „Треба да се размисли за усогласување на официјалниот период за кампања со временската рамка за регистрација на кандидатите, за да се обезбеди доследна примена на кампањските правила за сите учесници. Политичките активности пред официјалниот период за кампања не треба да се забрануваат.“

The post Партиите неказнето ја почнаа политичката пресметка: Предвремената кампања извира од дупка во закон appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....