2.8 C
Скопје
20:00 - 20 декември, 2024

Папас избегал по наредба на лидерот Михалолијакос

Бегството од Грција на заменик-шефот на „Златна зора“, Христос Папас, непоправливо ја разоткри владата, а особено надлежниот министер Михалис Хрисохоидис. Всушност, агресивните изјави на министерот за заштита на граѓанинот создадоа уште поголем проблем, бидејќи – како што детално објасни надлежниот раководител на Движењето за промена, Маринос Скандамис – неговите тврдења се неодржливи и постои политичка одговорност за кршење на она што го предвидува Законот за случаите на обвинети и осомничени сторители на кривични дела.

Но, она што е поважно е дека со неговото бегство, Папас го оправдува Судот кој не ја прифати жалбата на повеќето осудени раководни членови на „Злата зора“, а особено на целата група функционери на криминалната нацистичка организација. Исто така, со овој потег, Папас оневозможува какво било идно размислување на затворените функционери на „Злата зора“ да побараат, во одреден момент, суспендирање на извршување на казната. Ниту еден судски совет за суспендирање на казни, отсега па натаму, не ќе може да го игнорира овој чин на Папас и да ризикува, прифаќајќи го барањето за суспензија, ново фијаско со друг член на „Златна зора“, кој повторно некаде би исчезнал.

Најважно од сè е дека бегството на Папас не може да се смета за негов личен избор. Познато е, а е потврдено со многу документи што излегоа на виделина за време на долгиот процес на сослушување, дека врската на Папас со Михалолијакос е нераскинлива од 1983 година, кога тие позираа заедно, облечени во униформата на нацистичката младина, со свастики и хитлерски поздрави во канцелариите на „Народното здружение“ во Зоодохос Пиги и Кефалонија.

Сè покажува дека бегството на Папас било решено заеднички со лидерот и затоа немало никаква реакција од веќе затворените функционери. Очигледно, заменикот шеф ја презеде задачата да ги отвори патиштата за бегство за самиот лидер, кога такво нешто ќе стане можно.

Освен тоа, имаме еден преседан од периодот кога функционерите на „Златна зора“ беа затворени, есента 2013 година. Папас и тогаш исчезна, без никаква реакција од страна на Михалолијакос, за да се предаде еден ден подоцна, очигледно преземајќи ја должноста да ги уништи од канцелариите и по домовите сите важни инкриминирачки докази.

Пронајдените документи

Бројните откритија во единствената куќа што тогаш не успеале да ја испразнат, куќата на Папас во Јанина, сведочи за тоа што сè членовите на „Златна зора“ имале скриено. Пронајдени се не само бројни документи за нацистичкото формирање на организацијата, туку и организациската шема на нејзиниот првичен статут што се однесува на хиерархијата и власта на лидерот.

За намерата на раководството на „Златна зора“ да побегне, деновиве се објавени многу детали во емисијата „Масакрот“ на новинарот Стефанос Хиос. Веќе следниот ден по пресудата, во весник близок до организацијата, осамнаа насловите на првата страница: „Операција Златна зора – План за бегство за да не се оди во затвор“ (8.10.2020), додека неодамна беше објавен насловот „Бегство кај Путин за да се спасиме – Конспиративната преписка помеѓу Зарулијас и Михалолијакос за големиот план за бегство во Русија за спас од затвор“ (24.10.2020).

За бегството на Папас во Русија зборуваше уште еден поддржувач на организацијата, Американецот со грчко потекло Аг. Ангелатос, кој во една онлајн-емисија со Лагос како гостин, зборуваше за „откритија“ во врска со бегството на Папас: „Слушнав дека Папас избегал со помош на руски монаси од Света Гора. Тој се облекол како монах и од Меѓународниот аеродром во Солун стигнал во Русија каде што побарал политички азил“. Лагос, претпазлив, одговори дека не знае. Аг. Ангелатос продолжува: „Можеби е и во САД кај некои пријатели. Други велат дека се наоѓа на Бахамите, на меѓународните пиратски острови“.

Граѓанска војна

Во истата емисија, Лагос ги бранеше сите затворени членови на „Златна зора“, без да го исклучи Рупакијас: „Грев е, 37 луѓе се зад решетки во ‘ќелиите на честа’ затоа што тие сториле злосторство бранејќи ја Грција и православието во еден диктаторски режим што постои во Грција. Стигнавме до таму во моментов 37 лица да се политички затвореници.“ А особено за Рупакијас (во врска со убиството на левичарскиот активист и новинар), тој вели дека „тој не сакаше да го убие, но беше во одбрана, во момент на паника. И некои видеа го докажуваат тоа. […] Што да правиме ние кога некои луѓе во еден часот по полноќ се тепаа и потоа беа прободени со нож“…

Но има и полошо од тоа. Од комфорот во Брисел, Лагос повторно се навраќа на „граѓанската војна“, зборувајќи за крвта што мора да се пролее: „Во Грција владее тиранија и ако не се кренеме, и ако, за жал, не се пролее крв, нема да ја бараме нашата слобода. Ова е факт.“

Фактот дека бегството на Папас било однапред испланирано, го докажува и она што го изјави неговиот адвокат Ставријанакис на суд на 13.10.2020 година, тврдејќи дека во 2013 година „тој се ставил на располагање на властите и покрај тоа што можел да побегне, се појавил со такси во Полициската дирекција на Атина.

Така, откриено е дека наводното заминување на Папас од „Златна зора“ беше само дел од планот за бегство. И ова е потврдено со фактот дека додека тој наводно ја напушти „Златна зора“ на 1.11.2019 година, го објави ова само по изрекувањето на одлуката, на 7.10.2020 година.

Со кого се шегуваат осудените нацисти?

Извор: Efsyn.gr (Efimerida ton Syntakton – Атина)

The post Папас избегал по наредба на лидерот Михалолијакос appeared first on Слободен печат.


Папас избегал по наредба на лидерот Михалолијакос was first posted on октомври 31, 2020 at 6:33 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....