2.8 C
Скопје
14:59 - 23 декември, 2024

Неизвесна пресметка помеѓу Рамазан и карантинот

Исламската верска заедница нема да ги затвори џамиите за време на празникот Рамазан Бајрам и тие ќе бидат отворени за вечерната молитва и покрај можноста Владата да прогласи полициски час во претстојниот викенд, од сабота во 19 до вторник во 5 часот наутро, по барање на Комисијата за заштита од заразни болести. Владата ниту вчера не одржа седница и сè уште е неизвесно дали ќе има или не празничен карантин од 58 часа. Досега извршната власт не одби ниту еден предлог за рестрикции кој ѝ беше упатен од Комисијата за заразни болести и се очекува предлогот за продолжен полициски час да биде прифатен.

Од Министерството за внатрешни работи не одговорија на прашањата на „Слободен печат“ како ќе реагираат ако се случат масовни прекршувања на евентуалниот полицискиот час, како ја проценуваат актуелната ситуација и дали полицијата очекува тензии и конфликти меѓу граѓаните, како што предвидува ВМРО-ДПМНЕ.

Од Владата велат дека за нив е најважно колективното здравје и потсетуваат дека мерките, препораките, одлуките и уредбите со законска сила важат еднакво за сите граѓани, институции, правни субјекти, вклучително и за верските заедници.

– Придржувањето кон нив е за да се спречи ширењето на коронавирусот и што побрзо нашата држава да излезе од оваа криза што го зафати светот. Седница на Владата по однос на евентуални нови мерки сѐ уште не е закажана. Штом биде закажана, ќе ја известиме јавноста, како и за сите одлуки. Сите мерки и препораки што произлегуваат од уредбите и одлуките на Владата треба да ги почитуваат сите, а доколку не се спроведуваат, по нив мора да постапуваат надлежните институции. Сѐ додека забраните и мерките за заштита на здравјето се на сила, граѓаните, институциите и верските заедници треба да ги почитуваат и да не преземаат активности спротивно на мерките утврдени со Уредбите со законска сила – велат од Владата за „Слободен печат“.

ИВЗ пред четири дена пратила писмо до Владата и до Комисијата за заразни болести, во кое ги предупредува дека нема да ги затвори џамиите за вечерната молитва и ги обвини дека најавата за полициски час е тенденциозна против муслиманите.

„В недела на 24 мај е празникот Фитер Бајрам, кога воедно е и националниот празник Св. Кирил и Методиј. Воведувањето на полицискиот час како што се најавува, ќе ги иритира верниците од исламската заедница, бидејќи цел месец по ред во ниту еден викенд не беше воведен полициски час. Автоматски се подразбира дека ова намерно се прави за да не се дозволи извршување на намазот на Фитер Бајрам, кој се прави еднаш годишно и трае само 15 минути. Утринскиот  намаз (сабах) ќе се извршува дома. За ваша информација, поради пандемијата ријасетот на ИВЗ се откажа од организирањето на традиционална централна манифестација за Фитер Бајрам, но нема да презема одговорност врз себе за откажување од извршувањето на намазот на Фитер Бајрам во џамија. Ако се воведе полициски час целиот викенд, вие како компетентни органи ќе ја изгубите довербата од сите верници од исламската вероисповед, имајќи предвид дека нашата земја е пред парламентарни избори. Ние како верска институција постоиме за да им служиме на верниците и нема да носиме товар на грб за откажување на намазот“, се вели во писмото од ИВЗ до Владата, потпишано од поглаварот Сулејман Реџепи.

Во писмото се додава дека во текот на молитвата, верниците ќе ги почитуваат сите препораки што важат и за извршување на дневните намази, за кои досега не добиле никаква забелешка.

ИВЗ исто така прати соопштение до јавноста дека донеле дополнителни мерки за верниците што ќе присуствуваат во џамиите за време на вечерната молитва. Утринските молитви ќе се извршуваат дома, а извршувањето на намазот на Фитер Бајрам не треба да трае подолго од 15 минути, да нема никакви поздрави со физички контакт, да се откажат посетите на гробишта, традиционалните посети да бидат што е можно помалку и да се врши задолжителна дезинфекција на џамиите.
Против празничен карантин е и ВМРО-ДПМНЕ, која во најавата за полициски час гледа обид за провоцирање тензии и за ставање на полицијата во непосакувана положба.

„ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека е престрога мерката и за целосен полициски час за празникот Велигден и сега кога е празникот Бајрам. На овој начин се нарушуваат човековите слободи и права. Воедно, со ваквите мерки СДСМ свесно влегува во провоцирање тензии и конфликти меѓу населението и ја изложува полицијата во непосакувана улога“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот за здравство Венко Филипче кога го образложуваше предлогот за празничен карантин, рече дека голем дел од заразените во минатите денови се должат на настани и на семејни собири што се случувале во изминатите денови.

 

Повик за протести в сабота во сите градови

 

Иако за време на вонредната состојба се забранети сите јавни собирања и групирања на граѓаните, на Фејсбук се шири повик за масовни протести против полицискиот час за Рамазан Бајрам, што треба да се одржат в сабота на плоштадите во сите градови.

„Ве известуваме дека во сабота во 16 часот во центарот на секој град ќе се одржат протести за полицискиот час. Не мислите дека е доста со оваа ситуација, веќе три месеци сме во вонредна состојба и полициски час. Има држави со 90 милиони жители и не ги држат изолирани како нас тука. Сите заедно, без разлика  на вера и националност да излеземе против овие мерки во секој град и да речеме доста беше“, се вели во повикот за протест.

 

Тачи: Да се следи примерот на Турција за Рамазан Бајрам

 

Претседателот на ДПА Мендух Тачи вчера порача дека Македонија за време на празникот Рамазан Бајрам треба да го следи примерот на Турција, каде што ќе има четири дена карантин и се препорачува празникот да се помине дома.

– Ние не сме дел од високоразвиените земји, но мора да следиме како се однесуваат тие. Како муслимани ние мора да ги следиме развиените земји кои имаат муслиманско мнозинство, во овој случај да ја земам Турција како пример. Особено ја следев позицијата на турската влада и нивните препораки за намалување на движењето за време на празникот. Мора да бидеме крајно внимателни, пандемијата не помина. Граѓаните треба да ги послушаат препораките на здравствените експерти кога станува збор за претстојниот празник и да останат дома – рече Тачи.

The post Неизвесна пресметка помеѓу Рамазан и карантинот appeared first on Слободен печат.


Неизвесна пресметка помеѓу Рамазан и карантинот was first posted on мај 21, 2020 at 4:03 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....