Владата прифати комбиниран модел на одржување настава во новата учебна година, односно ќе може да се организира интегрирана онлајн настава, но и директна настава во оние училишта кои ги исполнуваат условите предвидени со препораките – соопшти вчера на прес конференција новата министерка за образование Мила Царовска.
– Директната настана ќе може да се изведува во оние општини каде тоа го дозволува епидемиолошката состојба, а на родителите односно старателите ќе им биде оставено да одлучуваат дали нивното дете ќе ја следи наставата директно или онлајн. Овој принцип ќе се однесува и на основните и на средни училишта во државата – рече Царовска.
Министерката за образование смета дека на тој начин нема да биде нарушено правото на избор за родителите и учениците.
– Им даваме право на избор на општините и на родителите на учениците да прифатат еден од двата облика на изведување настава, но директната настава ќе се организира во оние средини каде тоа го дозволуваат условите и каде што се запазени здравствените протоколи – додаде Царовска.
Општините ќе треба да побараат одобрение за спроведување на настава со физичко присуство за секое конкретно училиште од надлежните државни органи. Таа појасни и дека одделенијата каде ќе има директна настава, тие ќе мораат да се сведат на максимум 20 ученици.
Царовска најави и единствена платформа за изведување на настава на далечина до почетокот на учебната година на 1 октомври.
Бленди Ходаи, водачот на средношколските протести од Унијата на средношколците за Слободен печат Изјави дека на завчерашната средба со министерката Царовска биле прифатени голем дел од нивните барања, но додаде дека тие сепак сакаат да почекаат да видат дали надлежните ветеното и ќе го реализираат пред да и соопштат на јавноста дека се задоволни од исходот на преговорите и прекинот на протестите.
Пред седиштето на Министерството за образование во Скопје завчера се одржа протест на средношколците кои бараат во местата каде има мал број на заразени со Ковид-19 да се отворат училиштата, односно да се продолжи со настава со физичко присуство на учениците, извикувајќи ,,Сакаме да учиме”.
Средношколците излегоа на протест, бараат враќање во училишните клупи (ФОТО)
Едно од барањата на средношколците беше тие отсега да бидат вклучени како рамноправен партнер во сите политики коишто се однесуваат на младите и учениците. Детската амбасада Меѓаши ги поздрави напорите на средношколците да бидат слушнати и вклучени во донесувањето одлуки поврзани со начините на изведување настава во новата учебна година, сметаат дека исклучително е важно во едно демократско општество да бидат слушнати ставовите на децатаза прашања кои директно ги засегаат.
– Недостигот на директна комуникација може да биде хендикеп во градењето на вештините на комуникација – вели Марија Котевска, универзитетски професор по психологија. Иако околностите со пандемијата наложија свртување кон онлајн наставата, сепак сметам дека е добро да се следат и странските искуства каде се применува моделот на мешана – директна и онлајн настава, вели професорката Котевска.
Филипче: Учебната година ќе биде успешна, ако се почитуваат протоколите
„Ако се почитуваат протоколите, можеме да имаме успешна учебна година. Ги разбирам средношколците, но овој систем нè штити сите нас, не е избор, но мора да се почитува. Состојбата нема да трае вечно, но мора да ја почекаме вакцината, бидете трпеливи“, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Ако се открие случај во училиштата, рече тој, веднаш ќе доаѓа локален епидемиолог, ќе се контактира неговиот матичен лекар и ќе се испитуваат контактите на ученикот.
– Наставниот кадар мора да се држи до 1, 5 метар дистанца, при влез ќе им се мери температура, исто како на учениците. Се забранува поздравување со физички контакт. Наставата се изведува со најмногу 20 ученици, на 1,5 метар раздалеченост. Кога има услови, наставата надвор, без маски. Првиот училишен ден ќе биде посветен само на упатствата. Употребата на тоалетите ќе биде контролирана. Оброк ќе се носи од дома – рече Филипче.
The post Настава по избор ако дозволат ковид и родителите? appeared first on Слободен печат.
Настава по избор ако дозволат ковид и родителите? was first posted on септември 2, 2020 at 7:45 am.