Најостро ги осудуваме инсинуациите, обвинувањата и невистинитите информации дека во нашата земја има тестови за само неколку дена, пласирани од Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, соопшти Министерството за здравство.
-Ненавлегувајќи во причините за ширењето на такви информации, Министерството за здравство упатува апел да не се шири паника со пласирање на непроверени и лажни информации и уште еднаш истакнува дека тестови за утврдување на присуство на коронавирусот има доволно за да ги задоволат потребите на нашата земја- велат оттаму.
Во моментот Институтот за јавно здравје располага со 4.500 тестови, со првичната набавка неделно се надополнува количина од по 2.000 теста.
-Во секој момент очекуваме да стигне донација од 20.000 китови за тестирање и имаме дополнителни 5.000 теста донација од приватна лабораторија во Скопје, кои се сосема доволни за потребите според вкупниот број на население во нашата земја- велат од Министерството за здравство.
Уште еднаш, Министерството за здравство потсетува дека според бројот на тестирања на милион жители, нашата земја е меѓу првите 30 – 40 земји во светот со над 2.100 тестови на милион жители. Досега се извршени вкупно 4.506 тестирања. Со вклучувањето на повеќе лаборатории за тестирање, бројот на тестирања дневно е помеѓу 350 – 390 во лабораториите на Институт за јавно здравје, Ветеринарниот факултет, Биотек, Клиниката Жан Митрев и Авицена.
The post МЗ ги осудува невистините изнесени од Мицкоски: Има доволно тестови за да ги задоволат потребите appeared first on Слободен печат.