-0.2 C
Скопје
18:46 - 22 декември, 2024

Медена изборна земја

Како што многумина коментираат, само по десетина дена од функционирањето на „пржинската“ техничка влада, овој модел на предизборно управување се државата се чини сосема бесмислен. Министрите и замениците од опозицијата се под притисок секојдневно да произведуваат афери и скандали кои немаат врска со „контролно“ функционирање на таквата предизборна власт, а оние кои од власта продолжија на своите функции до изборите главно се занимаваат со тоа како да го опструираат работењето на опозиционерите, бидејќи се сомневаат во нивните скандалозни намери. Со денови (ќе) слушаме тривијални меѓупартиски препукувања и глупави провокации, како онаа со обидот да им се одземат службените возила на највисоките функционери во државата. Ако добро разбрав, бидејќи на Чулев му оставиле да се вози во „ауди“ старо 17 години, тој донел одлука никој од функционерите да не може да користи полициски возила за превоз или за придружба…

Па, можеби со тоа сме чекор поблиску до новитетот државните функционери да се возат на велосипед или со јавен превоз, а некои и пешки да одат на работа и по состаноци?! Само, на господинот преоден министер од МВР да му текнеше тој, прв, да почне да го практикува таквиот нов начин на одење на работа… Ама не му текна, бидејќи паметот му е полициски „заглавен“ во продукција на афери и скандали за своите политички противници.

Државните административци, пак, се шашардисани што да прават, па затоа и масовно – ништо нема да прават од она што им се обврски или овластувања, заради страв од политички одмазди. И така цели 100 дена.

Во вакви услови, на три месеци пред изборите, речиси и да нема време и место на кое можете да дебатирате за политичката и вредносната понуда на партиите. Сè е претворено во натпревар на обвинувања, на инсинуации, на навреди, клевети и етикетирање на противниците, во напорот да се докаже кој е поголем криминалец или поголемо зло за државава. ВМРО-ДПМНЕ, несомнено, и не само затоа што од опозиција се трудат повторно да ја освојат следната власт, ја предводи и ја наметнува таа постојана харанга и желба за тотална пресметка, што потоа 24 часа, без прекин и усул, се шири по социјалните мрежи и во „септичките јами“ на десетина портали, со речник и стил што би требало да биде забранет за лица под 18 и над 19 години старост. Но, не е.

Што ќе донесе инсистирањето на опозицијата на ваква предизборна конфронтација – ако не се намножат будали како оној насилник од Централниот регистер! – како резултат на самите избори?

Глобалните искуства во развиениот, демократски свет во изминатите десетина години (повторно) покажаа дека кампањите за „оцрнување“ на опонентите, во комбинација со сведување на политичкиот избор на строго биполарни, прости „за“ и „против“ опции, даваат резултат. Се разбира дека последното што ќе ви падне на памет се британските избори и нивниот Брегзит, но истото тоа, обновено, нè очекува на изборите во САД годинава, како што беше и во неколку изборни европски циклуси минатата година, без разлика дали „левицата“ или „десницата“ ги однесоа победите. „Левите“, главно, играат на надежта; „десните“, главно, играат на стравот кај бирачите, за кого било и од што било, но секогаш многу поедноставено, персонализирано, сведено на „црно-бел“ избор.

Нема причини да се верува дека кај нас, на претстојните избори, ќе биде поинаку. Експертите за изборна пропаганда ангажирани од партиите тоа добро го знаат. Изборот ќе биде помеѓу „криминален режим“ или „на прав пат“, а во така упростена понуда емоциите е полесно да се врзат за „криминалот“, отколку за рационалното расудување на „правоста на патот“.

Со други зборови, доколку ВМРО-ДПМНЕ успее во намерата да превладее атмосферата на јавен линч преку афери, скандали и постојаното „криминализирање“ на општествено-политичкото секојдневие, СДСМ ќе има ѓаволски тешка работа да се наметне со наративот за политичките успеси постигнати на меѓународен и домашен план, колкави и да се тие. Во последните 30 години, овдека никој не освоил избори заради економски успеси, веројатно и затоа што тие никогаш не биле поубедливи од срцепарателните толкувања за состојбата со нациите, историјата, честа и угледот. Тоа не значи дека, од сите и секогаш, немало „купување“ гласови, но тоа има малку врска со економијата.

Затоа од оваа „пржинска“, бесмислена влада и не очекувајте ништо подобро до 12 април: ќе биде тоа еден бесконечен низ од помали и поголеми скандали, во „мртва трка“ со „добрите вести“ за инвестициите на власта во „човечкиот капитал“ во државата.

Борбата, како во холивудските блокбастери, ќе биде неизвесна и драматична… Но, на прсти се бројат филмовите во кои победиле негативците.

Сепак, медена е оваа земја…

The post Медена изборна земја appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....