8.8 C
Скопје
21:59 - 25 април, 2024

Маските што живот значат

Далеку ни е зимата, особено кога станува збор за коронавирусот. Штом летото, кое е „побезбедно“ од аспект на ширење зараза не го искористивме за подобро справување со пандемијата и за намалување на црните статистики, претстојните пониски температури и постапното и нужно отворање на сите општествени пори можат да донесат уште подраматични денови, барем според мислењето на повеќето стручњаци.

Најновиот охрабрувачки пад на новозаразени може да создаде лажен впечаток. Иако три месеци сме немале помалку позитивни на вирусот Сарс ков-2, како и помали проценти инфицирани од вкупно тестираните (особено два дена по ред), тоа што загрижува е нагорниот тренд на починати од ковид-19, што пак не кореспондира со другите статистички податоци. Треба да се има предвид дека во изминатиот месец голем број тестови правеа здрави лица, зашто им беа потребни за патување во странство – летувалци или нашинци што се вработени во странство – што влијае така што го намалува процентот на позитивни. Згора, секогаш за време на викенди и пунктовите за тестирање работат со намален капацитет, па оттаму и вкупниот број на тестирани и на новозаразени е помал.

И покрај сė, на светската статистичка мапа (https://www.worldometers.info/coronavirus/) сме на високото 22. место од 215 ентитети според бројот на починати на еден милион жители. Австралија, на пример, со 25,5 милиони жители и речиси 26 илјади заразени од почетокот на пандемија има само 657 лица што ја загубиле битката со ковид-19. Ние веќе ја минавме границата од 600 починати, а школската година уште не ни почнала. Претходната недела просекот на смртни случаи од ковид-19 скокна на петмина на ден, иако беше и двојно помал. Постои голема опасност по главата на нашиот жител овој статистички раст да стане и геометриски прогресивен кога ќе се спојат ковидот, сезонскиот грип и четирисезонското загадување. Колку и да се градат ковид-центри низ земјава, ќе биде мошне тешко македонското здравство со своите капацитети да се справи со оваа болест, а паралелно да се грижи и за хроничните болни од други болести што си го наметна како приоритет оваа есен.

Од бројките на новозаразени со коронавирусот зависи колку брзо ќе станеме составен дел од Европа која колку-толку ја стави заразата под контрола. Засега сме црвена зона, што ни го ограничува движењето надвор од земјава и го отежнува транспортот на стоки и услуги, а што директно влијае и на нашата економија, која заедно со јавното здравје се приоритети број 1 во моментов.

Казнувањето на „организаторите на кластери“, како и за неносење маски, за жал, се покажаа неефикасни. Ако причина за тоа беше неспособниот технички министер,  во иднина веќе нема да има оправдување од овој тип. Одговорност на новоформираната влада е да најде соодветен начин како да се справи со пандемијата, ако се покажува дека има некаква грешка во стратегијата за борба со пандемијата. Само за еден спасен човечки живот вреди да се вложи сета енергија и знаење што го имаме на располагање.

Треба да се размисли и дали казната за неносење маска (сегашната како да е стимулативна – 10 евра ако се плати во рок од една недела), е соодветна ако се спореди со другите земји, каде што казните за ваков прекршок се драстично поголеми. Особено кога станува збор за население кое во висок процент е подложно на лажни вести и не верува во институциите. Казната секако е одмерена да одговара на македонскиот стандард, но секоја санкција треба да се преиспита ако не дава резултати.

Носењето маска ќе стане уште поважно по отворањето на градинките, училиштата и другите институции што не беа активни за време на годишните одмори. Франција донесе закон за задолжително користење на заштитна опрема на лицето, дури и на работните места, што подразбира и канцеларии. По стапките на соседната земја тргна и Белгија, а на неопходноста од носење маска укажува и водечкиот универзитет кога станува збор за пандемијата – Џон Хопкинс од САД. Потврда за ефикасноста на мерката носење маска во борбата со заразата е истражувањето спроведено  во германскиот град Јена. Таму се покажа дека носењето маска експоненцијално ја ослабува инфекцијата.

Кога уште пред некоја година на плоштадот гледавме туристи од Далечниот Исток со маски среде лето, ни беа чудни, но тие беа „изгорени“ од сарсот, па затоа „дуваа на матеница“. Но токму таа култура на носење маски ги вброи земјите од овој регион меѓу поуспешните во борбата со пандемијата.

Кога сме веќе кај културата, една од најзагрозените дејности од пандемијата е театарот, иако веќе почна да ги покажува првите „знаци на живот“. Глумците се како затворени во кафез. За и тие, како и сите други што короната им го смени животот, што поскоро да им се вратат на „даските што живот значат“ има само еден начин – да ги носиме маските што живот значат.

The post Маските што живот значат appeared first on Слободен печат.


Маските што живот значат was first posted on септември 1, 2020 at 11:10 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....