7.8 C
Скопје
12:58 - 22 декември, 2024

Смртноста од ковид-19 е алармантна, матичните бараат ковид-амбуланти за заразените

За само една недела дури 137 граѓани починаа од ковид-19 во болниците во земјава, а завчера беше регистриран и рекорд од 30 починати само во едно деноноќие. Медицински лица во разговор за „Слободен печат“ наведуваат различни ставови, зошто смртноста од ковид-19 во Македонија е толку висока.

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари Лидија Чолакова-Дервишова смета дека начинот на евидентирање на смртноста треба да претрпи промени, бидејќи пациенти со сериозни состојби се прикажани како да починале од ковид-19, иако со години страдале од други животозагрозувачки состојби.

– Имаме пациенти со дијабетес, инфаркти, мозочни удари, кои целиот живот имале милион компликации од овие состојби и сега се водат како починати од коронавирус. Сметам дека ова треба да се промени, бидејќи создава страв кај граѓаните. Има проблеми во системот, нема термини за препраќање на пациентите, инфективните одделенија се презафатени, не може кожен лекар или кардиолог да лекува од ковид-19. Лично бев во Фонот и им реков дека луѓето што се дома, немаме како да ги следиме. Порано кога не се чувствуваа добро, ќе дојдеа во ординација, ќе ставевме слушалка, ќе ги следевме. Сега, кога ќе го прогласат за корона-позитивен, тој мора да е дома, не може да оди да му се направи рендген, крвна слика, ограничени се тие движења, а мора да се следат пациентите. Сметам дека мора да се воведе ковид-упат за да ни овозможи нам, матичните лекари, да го следиме пациентот каква му е крвната слика, Де-димерите, лимфоцитите, леукоцитите, да знаеме како да ги лекуваме. Дваесет дена да седи дома и да не му е добро, а да не го примаат никаде, не е во ред – посочува Чолакова Дервишова.

Таа смета дека многу би се подобрила состојбата со смртноста доколку на граѓаните што се позитивни на вирусот им се обезбедат ковид-амбуланти, каде што ќе може да се мери нивната температура, да се извршуваат анализи, да се мери сатурацијата на крвта и на таков начин да се превенира влошувањето на состојбата.

– Сега кога се јавуваме на инфективно одделение, цел ден се врши примопредавање на телефонот, цел ден мора да ја барате сестрата. Има малку персонал, се разболеа голем број медицински работници – додава таа.

Здравствените власти, пак, од своите досегашни анализи потврдуваат дека најголемиот дел од починатите пациенти доцна се јавуваат во болница, најчесто и 10 дена откако почнале првичните симптоми, а тогаш нивните раце за интервенција се врзани и она што може да се направи е ограничено. Директорката на Инфективната клиника, доктор Милена Стевановиќ, во изјава за медиумите, коментирајќи ја високата смртност, посочи дека начинот на живеење, односно животните навики, вишокот килограми, неправењето на рутинските контроли, придонесуваат смртноста да е висока.

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека за потешките пациенти, исходот од лекувањето на приватно и на државно не се разликува. Исто така, здравствените власти посочија и дека тоа што земјава е речиси на врвот по смртност во регионот е резултат на искреното и транспарентно евидентирање на секој што починал, а бил позитивен на ковид-19, независно од тоа колку сериозни биле неговите придружни болести.

Статистиката за пациентите кои починале на Инфективната клиника покажува дека најмалку половината се јавиле на болничко лекување следниот ден од почетокот на болеста, 77 проценти биле во исклучително тешка здравствена состојба, а 13 проценти исклучително критични со енормно развиена болест.

Претседателот на Комисијата за заразни болести доктор Жарко Караџовски посочува дека е неспорно дека кај нас има голема стапка на смртност, но дека анализите ќе се прават по завршувањето на пандемијата во светот.

– Дел од пациентите доаѓаат доцна во болница, а дел починуваат во други услови, но тоа не е до лекарите. Неспорно е дека имаме висока стапка на смртност од коронавирус кај нас, но анализите за ова ќе се прават по завршувањето на пандемијата во светот – рече тој во интервјуто за телевизискиот магазин „25 минути“.

Досега, од почетокот на пандемијата, во Македонија починаа 1.186 граѓани со ковид-19. Бројот на активни случаи во моментов е 15.116.

Преземено од Слободен печат

The post Смртноста од ковид-19 е алармантна, матичните бараат ковид-амбуланти за заразените appeared first on Слободен печат.


Смртноста од ковид-19 е алармантна, матичните бараат ковид-амбуланти за заразените was first posted on ноември 11, 2020 at 8:42 pm.

Слични објави

Почнува најдобриот Д Фестивал досега!

Еспресо

Велковски се закани: Данела Арсовска да се извини во рок од 48 часа, ќе ја тужам за клевета

Еспресо

„Супер лут предизвик“ – Во петок во Кавадарци натпревар во јадење лути пиперки

Еспресо

Заврши куќниот притвор за Ламбе Алабаковски: Како мерка на претпазливост одземен му е пасошот на пејачот

Еспресо

Кои се обичаите на Духовден раскажуваат старите скопјани и битолчани

Еспресо

Пејачот Ламбе Алабаковски го признал извршувањето на кривичното дело – подметнување на пожарот пред културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола

Еспресо
Се вчитува....