4.8 C
Скопје
03:13 - 21 декември, 2024

Интервју со Дарко Димовски: Пандемијата го потенцираше значењето на синдикалното организирање

Oд почетокот на пандемијата, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ)  обезбеди правна помош и заштита за работници кои работат во компании кои вработуваат околу 80.000 работници.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски објаснува дека „ најважно е да влијаеме и да ја промениме свеста и мислењето кај работниците дека синдикатот не е за купување на рати без камата, позајмици, канта сирење или пакетче за Нова година, туку за преговарање и склучување на колективен договор, за бесплатна правна заштита, за бесплатно синдикално образование, за обезбедување на безбедни и здрави работни места, за зачувување на работните места, за повисоки плати, за организирање на штрајк…“

Во овие извонредно тешки денови, кога државата и народот се соочуват со драматична здравствено – економска криза, колку е важно синдикалното организирање во компаниите?

– Како што укажува ССМ во изминатиот период, по појавата на пандемијата на виделина излегоа низа неправилности и кршења на правата на работниците. Од почетокот на кризата, па до денес, во ССМ доаѓаат голем број на поплаки од работниците, но она што е навистина симптоматично, е фактот што 90 отсто од поплаките доѓаат од работници кои не се синдикално организирани. Сепак, став на Сојузот беше, и сѐ уште е, да им се помогне на сите кои се обратиле до нас, со сите расположливи средства.

За жал, многу често имавме анонимни јавувања и нецелосни насоки од работниците кои стравуваат за своите работни места доколу се преземе нешто поконкретно од наша страна.

За разлика од нив, во компаниите каде постои синдикално организирање, влијанието на ССМ беше големо и голем дел од проблемите успеавме да ги надминеме со социјален дијалог, односно на мирен начин да се решат проблемите. Од тие причини, навистина е важно синдикалното организирање, а тоа за жал се потврди во овие тешки денови.

Со проблеми со синдикалното организирање се соочивме во компаниите во слободните економски зони, каде домашните менаџери не дозволуваат работниците синдикално да се организираат, што не е пример, во државите чии инвестиции се и од каде доаѓаат,  синдикалното организирање е задолжително.

Кои работнички права најмногу се кршат, особено сега?

-Во изминатиот период, најголем проблем со кој се соочи ССМ се договорите на определено време кои беа злоупотребени за отпуштање на работниците. Став на ССМ е дека можноста работникот да биде на определно време до 5 години е предолго, па поради тоа една од заложбите е да се намали должината на договорите на определено време на 1 година, а со тоа и ќе се подобри статусот на работникот и ќе изостанат низа злоупотреби на овој институт. Од друга страна, во изминатиот период, како најсериозен проблем со кој ССМ се соочи е погрешното толкување на одредбите од Законот за работните односи и Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, кога на најразличен начин се толкуваше вонредната состојба, основата, како и висината за намалување на платите на работниците, па работодавачите си дозволија да ги намалат платите на работниците дури и во секторите кои реално не беа погодени од кризата.

Сојузот на синдикатите на Македонија не се согласи со соопштението на Министерството за труд и социјална политика и толкувањето на Законот за работните односи, а со кое директно се влијае и се придонесува за намалување на платите на работниците во одредени дејности и беше укажано дека согласно Законот за работните односи „со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон.“ Оттука, работодавачите од приватниот сектор не можат да го применуваат член 112, ст.7 од Законот за работните односи во услови кога со член 18, ст.1 и ст.3 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството се уредени поповолни права за работниците. Сите што го направиле тоа, или што ќе го направат, по надминување на кризата ќе бидат тужени со оглед на тоа што паричните побарувања од работен однос застаруваат во рок од три години од денот на настанувањето на обврската.

Каков е Вашиот став за четирите економски пакети? Дали се слушна гласот на Синдикатот при креирање на овие мерки?

– Што се однесува до владините мерки кои беа донесени во изминатиот период, мора да напоменеме дека ССМ беше вклучен како репрезентативен синдикат и социјален партнер, а голем дел од барањата на ССМ беа прифатени. ССМ од почетокот на здравствената криза укажува и бара сите мерки да бидат насочени кон зачувување на работните места, како и да се ублажат финансиските загуби на сите. ССМ во изминатиот период активно придонесуваше преку навремени предлози и барања, со што се спречи поголемо отпуштање на работниците, а истовремено се изборивме како еден од условите за добивање на финансиската поддршка да биде задолжителното враќање на работниците кои ги изгубиле работните места. Задоволни сме што барањето на ССМ и во новиот сет мерки е прифатено, а со тоа ќе се спречи најавениот бран отпуштања.

На инсистирање на Сојузот на синдикатите на Македонија, во новиот четврти по ред пакет мерки, повторно е обезбедена мерката поддршка за исплата на плати, сега за последниот квартал од годината, со што ќе се зачуваат работните места. Социјалните партнери, на иницијатива на ССМ, при подготовка на мерките договорија одговорност за работодавачите за да се спречи злоупотребата на финансиската поддршка, а тоа е потребниот механизам за парите да завршат директно кај работниците. Новост во оваа мерка е што поддршката ќе биде одредена скалесто согласно со падот на приходите кај компаниите. Колку е поголем падот на приходите во компаниите опфатени со оваа мерка, толку поголема ќе биде поддршката од државата за исплата на платите и таа ќе се движи од досегашните 14.500 до 21.776 денари. Со новата методологија за државна помош за исплата на платите ќе бидат поддржани 83.000 работни места на нашите сограѓани, на месечно ниво, односно вкупно 250.000 плати за последниот квартал.

Вие региравте дека дел од работодавачите ги злоупотребија парите од финансиската помош за плати, односно не им исплатија плати на работнците, или тоа го направија нецелосно. Можно ли е пак да се повтори тоа и со новиот пакет?

– ССМ останува на ставот дека парите од финансиската поддршка за платите треба да се исплаќаат на сметките на работниците, а образложението на Владата беше дека за софтверски да се реализира ова наше барање треба да помине подолг временски период, па поради тоа по предлог на ССМ е договорено да се утврди кривична одговорност за работодавачите кои евентуално би ги злоупотребиле финансиските средства. Сметаме дека тоа ќе придонесе за правилна употреба на средствата и нивна исплата на работниците.

Поради тоа, ССМ континуирано ја следи состојбата со одговорноста на работодавачите кои злоупотребија дел од финансиската поддршка за плати во изминатиот период, затоа што на иницијатива и на барање на ССМ беше и објавено јавно кои компании ги злоупотребиле средства. Дел од нив, по јавното објавување, ја исполнија својата обврска, а за дел поднесени се кривични пријави и очекуваме во најскоро време да се спроведе правната процедура и постапки за реализација на нивната одговорност.

Многу синдикални активности и иницијативи, веројатно се стопирани поради коронакризата. Но, почнавте важни преговори со Владата, како што се оние за новиот закон за работни односи и за нови услови за пензионирање. До каде се тие? 

-За ССМ, заштитата на работничките и човековите права, се приоритет. Многу активности преземени пред почетокот на здравствената криза, а се во насока на унапредување на работничките права, беа стопирани поради приоритетите кои ги наметна здравствената криза, но сметаме дека е време да се продолжат затоа што се нераскинлив дел од целокупниот ангажман за демократизација на државата и почитување на правата на сите без дискриминација. По конституирањето на новата Влада, ССМ веднаш ги достави своите ставови и барања, а за што на 7 септември 2020 година се одржа средба на највисоко ниво помеѓу Сојузот на синдикатите на Македонија и Владата.

Барањата на ССМ за новиот Закон за работните односи се дека истиот треба да ги содржи европските и светските тенденции во работно правните односи и во таа насока се залагаме за: договори за вработување на определено време само во исклучителни објективни услови и со траење до 1 година, 38-часовна работна недела, породилно отсуство во траење од 12 месеци, доследно почитување на правото за уредување на плата со закон и КД, целосно остварување на правото на годишен одмор, сабота и недела денови на неделен одмор, унапредување на здравите и безбедни услови за работа во компаниите, почитување на конвенциите за слобода на синдикално организирање и функционирање, работодавачот да биде должен да ги почне преговорите во рок од 30 дена од доставен писмен предлог на Колективен договор на ниво на работодавач од страна на синдикатот, унапредување на колективното договарање (потпишување на ОКД за приватен сектор и за јавен сектор) и социјалниот дијалог на сите нивоа затоа што не може да се одлучува за нашите права без нас.

Наскоро треба да се донесе и нов закон за пензионирање со воведување на повеќе услови за пензионирање кои ги бараме од нашиот социјален партнер – Владата, а го поздравуваме ветеното дека тоа ќе биде имплементирано во најкус можен рок.

Законот треба да предвиди старосна пензија по работен стаж: 35 години работен стаж за жена, без оглед на годините на возраст и 40 години работен стаж за маж, без оглед на годините на возраст. Потоа, старосна пензија по возраст или работен стаж по дејности. Бараме да се воведе и право на работниците на предвремена старосна пензија која би се остварувала по условот возраст од 57 години за жени, 59 години за мажи, со минимум работен стаж од 15 години. Корисници на предвремена старосна пензија можат да бидат работници кои работат но, не можат да продолжат да работат од одредени причини (здравствени причини, поради стечај или ликвидација) или се невработени, а го исполнуваат условот – минимум 15 години работен стаж. Овој вид на пензија би се остварувала исклучиво по волја и барање на работникот. Исто така, очекуваме со новиот закон да се овозможи неполна старосна пензија, односно  работниците сами да го платат придонесот за пензиско и инвалидско осигурување (докуп на стаж) доколку го немаат исполнето условот минимум 15 години работен стаж, до 5 години пред исполнување на условот за пензионирање, како и да се овозможи работодавачот да го плати придонесот за пензиско и инвалидско осигурување (докуп на стаж) , за работник кој е 5 години пред исполнување на условот за пензионирање, врз основа на претходна согласност од работникот.

 

The post Интервју со Дарко Димовски: Пандемијата го потенцираше значењето на синдикалното организирање appeared first on Слободен печат.


Интервју со Дарко Димовски: Пандемијата го потенцираше значењето на синдикалното организирање was first posted on ноември 8, 2020 at 7:01 pm.

Слични објави

Почнува најдобриот Д Фестивал досега!

Еспресо

Велковски се закани: Данела Арсовска да се извини во рок од 48 часа, ќе ја тужам за клевета

Еспресо

„Супер лут предизвик“ – Во петок во Кавадарци натпревар во јадење лути пиперки

Еспресо

Заврши куќниот притвор за Ламбе Алабаковски: Како мерка на претпазливост одземен му е пасошот на пејачот

Еспресо

Кои се обичаите на Духовден раскажуваат старите скопјани и битолчани

Еспресо

Пејачот Ламбе Алабаковски го признал извршувањето на кривичното дело – подметнување на пожарот пред културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола

Еспресо
Се вчитува....