3.8 C
Скопје
04:04 - 17 ноември, 2024

Македонија утре избира власт

Четири коалиции и 11 партии со вкупно 1.578 кандидати настапуваат на утрешните десетти парламентарни избори, на кои право на глас имаат 1.814.263 гласачи запишани во Избирачкиот список. Во сите шест изборни единици кандидатски листи имаат коалициите „Можеме“, предводена од СДСМ и Беса, „Обнова на Македонија“ на чело со ВМРО-ДПМНЕ, „Никогаш северна, секогаш Македонија“ и коалицијата помеѓу Алијанса за Албанците и Алтернатива, како и партиите ДУИ, Левица, Интегра, Демократи и Работничка партија. СДУ, ГДУ и Глас за Македонија поднесоа листи за изборните единици 1, 2, 3, 4 и 5, а не учествуваат во „шестката“, а ДПА не учествува во „четворката“. Твоја партија се натпреварува во ИЕ 1, 2 и 5, а Народна партија на Ромите само во втората изборна единица.

Нека победат најдобрите

Првата ИЕ, која ги опфаќа најголемиот дел од Скопје и Македонски Брод, традиционално е една од поатрактивните затоа што таму се соочуваат партиските лидери, но овој пат нема да има изборен дуел помеѓу претседателите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, затоа што Зоран Заев е носител во „четворката“, а Христијан Мицкоски воопшто не е кандидат за пратеник. И покрај тоа во „кецот“ не недостига атрактивност, затоа што таму ќе се соочат актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров (СДСМ), Гордана Силјаноска Давкова (ВМРО-ДПМНЕ), Изет Меџити (ДУИ), Димитар Апасиев (Левица), Петар Богојевски (СДУ), Љупчо Ристевски (Интегра), Ана Глигорова (ГДУ), Мирјана Најчевска (Твоја партија) Биљана Чинго („Никогаш северна“), Солза Грчева (Глас за Македонија), Скендар Реџепи (Алијанса и Алтернатива), Ниметула Демири (ДПА), Катерина Тодоровска (Демократи) и Атанас Трајковски (Моро работничка).

Во втората изборна единица, во која потпаѓаат Куманово и скопските општини Бутел, Гази Баба и Ѓорче Петров носители на листите се техничкиот премиер Оливер Спасовски (СДСМ), Владо Мисајловски (ВМРО-ДПМНЕ), министерот за образование Арбр Адеми (ДУИ), Африм Гаши (Алијанса и Алтернатива), Реџеп Исмаил (Левица), Ѓорѓе Марјановиќ (Твоја партија),  Есед Јусуфовски (ГДУ),  Александар Главинов (Интегра), Снежана Костадиноска Милошеска  (СДУ), Јове Кекеновски (Никогаш северна) и др.

Во изборната единица број три, каде гласаат жителите на Штип, Велес, Крива Паланка, Кратово, Кочани итн. ќе се соочат генералните секретари на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Николовски и Игор Јанушев, а други носители на кандидатските листи за пратеници се Петар Колев (ГДУ), Војо Беловски (СДУ), Борислав Крмов (Левица), Сузана Чесмаџиска (Интегра), Беким Незири (ДУИ), Беким Татеши (Алијанса и Алтернатива), Вангел Симев („Никогаш северна“) и други.

Во „четворката“, каде припаѓаат Кавадарци, Прилеп, Струмица, Дојран, Гевгелија итн, со поранешниот премиер Зоран Заев (СДСМ) ќе се соочат Александар Николоски (ВМРО-ДПМНЕ), Жарко Бошкоски (СДУ), Добре Митрев (ГДУ), Воислав Зафировски (Интегра), Јанко Бачев („Никогаш северна“), Бранко Ристов (Левица), Валбона Река (Алијансата и Алтернатива) и др.

Во ИЕ5 која ги опфаќа Битола, Ресен, Охрид, Струга и Кичево носители на листи се вицепремиерката Радмила Шекеринска (СДСМ), Игор Дурловски (ВМРО-ДПМНЕ), Јорго Огненовски (Демократи), Јована Мојсовска (Левица), Наташа Котлар Трајкова (Глас за Македонија), Даниел Јордановски (ГДУ), Николче Талевски (Интегра), Стево Насковски (СДУ), Ацо Николовски („Никогаш северна“), Иван Јанкуловски, (Моро работничка), спикерот Талат Џафери (ДУИ), Сурија Рашити (Алијанса и Алтернатива), Илија Тодоровски (Твоја) и Васви Доко (ДПА).

Во изборната единица шест, каде спаѓаат Тетово и Гостивар, традиционално се соочуваат лидерите на албанските партии, па и овој пат носители на листите се Али Ахмети (ДУИ), Билал Касами (Беса со СДСМ), Зијадин Села (Алијанса на Албанците) и Мендух Тачи (ДПА). Други носители во ИЕ6 се Дафина Стојановска (ВМРО-ДПМНЕ), Изет Зејделовиќ (Демократи), Сенада Ибраимова (Левица), Виолета Србиновска (Интегра), Љупчо Столевски („Никогаш северна“) и Иван Јанкуловски (Моро работничка).

14 часа непосредна демократија

Гласачките места утре ќе бидат отворени во 7 часот наутро, а изборниот ден ќе заврши во 21 часот, два часа подоцна од вообичаеното, поради мерките за заштита од ковид-19. Изборите ќе ги следат вкупно 2.717 домашни и странски набљудувачи и 55 странски новинари од 15 редакции. Во ДИК се акредитирани 2.508 домашни и 98 меѓународни набљудувачи, од кои 11 се од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, а другите се од делегацијата на ЕУ и од амбасадите.

Од ДИК најавија дека првите неофицијални резултати ќе ги објават брзо по затворањето на гласачките места. Новиот собраниски состав се очекува да биде конституиран до 5 август, во рок од 20 дена по изборите, а потоа ќе почне рокот од 10 дена во кој претседателот Стево Пендаровски ќе го даде мандатот за состав на новата влада на онаа партија или коалиција што ќе обезбеди мнозинство од најмалку 61 пратеник. Мандатарот треба да ја состави идната влада во рок од 20 дена по добивањето на мандатот.

Утрешните избори се петти по ред што се одржуваат предвреме. До нив дојде откако минатиот октомври Македонија не доби датум за почеток на преговорите со ЕУ и покрај тоа што го промени уставното име, а првично требаше да се одржат на 12 април. Беа одложени поради пандемијата со коронавирусот и вонредната состојба што беше прогласена за справување со здравствената криза.

Последните парламентарни избори се одржаа на 11 декември 2016 година, во состојба на тешка политичка криза и претходно постигнат Пржински договор. Конститутивната седница траеше до 27 април кога се случи „крвавиот четврток“, а владата беше избрана во почетокот на јуни 2017 година.

Како ќе изгледа гласачкото ливче

  1. Демократска партија на Албанците – ДПА
  2. Демократи
  3. СДСМ и „Можеме“
  4. Левица
  5. Алијанса за Албанците и Алтернатива
  6. Глас за Македонија
  7. Граѓанско демократска унија – ГДУ
  8. Интегра
  9. Демократската унија за интеграција – ДУИ
  10. Социјалдемократска унија – СДУ
  11. „Никогаш Северна, само Македонија“
  12. МОРО Работничка партија
  13. Народна партија на Ромите
  14. ВМРО-ДПМНЕ и „Обнова на Македонија“
  15. Твоја партија

Гласаа позитивните на корона, на ред се изнемоштените и затворениците

Државната изборна комисија ги повикува гласачите утре да излезат и да гласаат и ги уверува дека процесот ќе биде здравствено безбеден со почитување на протоколот што е пропишан од Комисијата за заштита од заразни болести. Вчера во 57 општини гласаа 706 лица што се болни од ковид-19 или имаат решенија за самоизолација, кои беа посетувани од посебни избирачки одбори составени од тројца лекари и претставници на партиите.

Денеска ќе гласаат 8.852 болни и изнемоштени лица, 1.657 затвореници и притвореници, 357 штитеници на старски домови и шест внатрешно раселени лица.

Портпаролот на ДИК, Адмир Шабани, вчера повтори дека правилно се гласа само со заокружување на редниот број на подносителот на листата, а за да биде важечко ливчето, на него не треба да биде напишано ниту обележано ништо друго.

Граѓаните ќе можат да комуницираат со ДИК за изборниот процес на бесплатниот телефонски број 0800-555-44, а за гласачите со оштетен слух и говор ќе биде активен бројот 076-488-360. За сите останати граѓани на располагање ќе биде веб-страницата на ДИК, www.sec.mk.

The post Македонија утре избира власт appeared first on Слободен печат.


Македонија утре избира власт was first posted on јули 14, 2020 at 7:30 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....